Мартина Димовска е првиот македонски аналоген астронаут: „Оделото тежи околу 35 kg, потребни се 30 минути за да се облечеш“

Дали можеш да носиш шминка и под скафандерот?

Носењето на шминка е избор. Многу астронаути преферираат да ја носат, но многу и не.

Според мене, треба да процениш каква е твојата околина, дали ќе носиш вселенско одело, каков е неговиот дизајн односно внатрешните услови, колку напорна и долга ќе е твојата мисија, и слично.

Доколку оделата имаат заштитни навлаки коишто редовно се менуваат или перат, или се персонализирани за секој член посебно од екипажот, и доколку истите се носат при аналогни мисии кои не се долготрајни или многу заморни, тогаш, зошто да не?

Меѓутоа за сите љубители на шминка, постојат многу разнолики опции денес, како на пример: водоотпорна шминка, трајна шминка што не се размачкува и третмани за разубавување кои се наречени „трајна шминка“ во која спаѓаат и привремени тетоважи. Сите овие се доста популарни и во Македонија.

Од 1960-тите, астронаутите на НАСА се опремени со комплет за хигиена, кој вклучува сапун, паста за заби, четка за заби, лосион, дезодоранс и други предмети.

Но, шминка е присутна одамна во овој сектор. Во 1978 година, Сали Рајд, која стана првата Американка во вселената, беше избрана за астронаутската група 8 на НАСА – првата американска класа астронаути која вклучува жени.

Со овие нови регрути, НАСА има дизајнирано комплети за шминка што содржат молив за очи, маскара, сенки за очи, отстранувач на шминка за очи, руменило и сјај за усни.

НАСА Астронаутот Реа Седон често зборува дека доколку би имало слики од неа направени од вселената, не би сакала да исчезне во позадината, па при своите мисии барала основни шминки. Сите биле согласни дека мал комплет со артиклите по избор на астронаутите би биле „претпочитана ставка“, односно складирани доколку се побараат.

При одбирање на типот на шминки, се доставува листа на предмети со неколку опции од неколку марки, и после изборот, шминката се тестира.

Мора да го издржи фамозното „тресење и печење“, што се имплементира за секој производ пред лансирање, за да се види колку е издржлив при лет.

Шминката не смее да се стопи при зголемени температури или да се распадне при турбуленции и да направи неред.

Некои (особено повеќе прашкасти работи, како руменилото) може да се вдишат и да навлезат во белите дробови, некои продукти може да пречат во одржувањето на системите за живот или да загрозат други електрични/електронски системи, па затоа и по ова прашање се вршат интерни тестови и селекција.

Скоро, астронаутката Хејли Арсено што служеше на Мисијата Inspiration 4, понесе црвен кармин во вселената, што ѝ е заштитен знак.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-11.jpg

Во моментов симулираш живот на Марс во траење од 21 ден. Како ти почнува денот и кои се активностите што треба да ги завршиш во текот на еден ден „на Марс“?

Деновите се со строг распоред и се доста исполнети и напорни, но секој ден имаме различни цели на мисијата и мноштво истражувачки активности.

На пример, секој ден се будиме во 6:30, и веднаш имаме задолжителни утрински прашалници што треба да ги пополниме.

Потоа следува период за хигиена, после која, земаме примероци од плунка со кои се мери нашиот кортизол, па ги ставаме во центрифугален ротор, зошто се дел од еден експеримент, па истите ги замрзнуваме.

Во периодот од 8:30 изутрина до 11 имаме задача да спремиме доручек, да се погрижиме за живеалиштето да оперира непречено и да се подготвиме за денот, но и да сме присутни на апликацијата ЕХО, затоа што ни даваат номинални и неноминални дневни задачи кои мора да ги исполниме.

На пример големи нивоа на јаглерод диоксид што итно мора да ги намалиме, и слични проблеми што би го попречувале секојдневното живеење.

После ова следи прашалник, што е задолжителен после секоја активност што ја извршуваме.

После тоа одиме во модулот со растенија, каде дневно се грижиме за работите коишто сме ги посадиле. Од наводнување до документирање на дневниот напредок на истите, особено ако се во склоп на некои научни истражувања.

Секој ден поголемите активности се менуваат. На пример, денес служиме на мисија со ровер.

Целта на оваа екскурзија со ровер е да се одреди најдоброто место за изградба на ново живеалиште.

Покрај веќе постоечкиот хаб, треба да определиме други потенцијални области за доградба и да одредиме какви се капацитети ќе се потребни да се додадат за дополнителните живеалишта што ќе се развиваат во Марс населбата.

На пример треба да размислиме за рударство, отпад што се создава додека луѓето продолжуваат да ги прошируваат своите животни области и други можни научни истражувања и модули во кои би ги имплементирале истите.

На терен сме јас како Офицер за Наука и Командантот на Мисијата Тарун Б, и ќе го користиме роверот и ГПС Уред за мапирање на обемната област околу живеалиштето.

Инженерот за лет, Праника Гупта останува во IVA и помага при откачување и прикачување на подвижниот тунел што го спојува живеалиштето со роверот.

После ова, шематски на карта го прикажуваме мапираниот пат, и до крајот на мисијата треба да доставиме документ, во вид на труд, каде што прецизно е обработена и издржана секоја наша идеја за нови модули.

Се враќаме назад и се пријавуваме на Mission Control на ЕХО апликацијата и чекаме други инструкции околу живеалиштето.

После тој период, одиме во Геолошкиот Хаб, и таму правиме проценка на расипан 3D Печатач што треба да го поправиме.

Вечерта имаме повторно комуникација на ЕХО платформата, правиме брифинг за наредното утро, колектираме потребна опрема и ја подготвуваме (полниме адаптери, чистиме опрема, складираме итн.).

Имаме време и за физички активности, па вежбаме. Од 19:30 до 21:00 имаме лично време што го користиме за туширање, спремање вечера, или во мојот случај, комуникација со новинари, за ширење на свеста на мисијата и давање на интервјуа.

Во 21:20 или 21:30 завршуваме со вечерна анкета, па момент за хигиена, па повторно собираме примероци од плунка за да се измери нашиот кортизол, се усогласуваме со надлежните за температура во текот на ноќта и утрешниот ден, и за протоколите што треба да ги преземеме доколку температурите се под минус.

Во 22:00 се гасат светлата и се спие.

Ова, патем, е еден од „порелаксираните“ денови. Баш поради ваквите напорни распореди, овие мисии не се толку медиумски популарни, зошто немаш време да подготвиш сценарио па да седнеш и да снимаш на камера, ниту можеш да менуваш работи за да „направиш да биде поинтересно“, ниту да најдеш време да едитираш после тоа, ниту имаш време убаво да се средиш, нашминкаш или облечеш гламурозно, зошто и самиот багаж и избор на облека ти е лимитиран.

Сакале луѓето да признаат или не, да креираш контент на социјални медиуми е дел од новите професии, недоволно ценети во нашата земја и навистина треба да се вложиш многу повеќе од веќе истоштувачките задачи за да пласираш таква содржина до јавноста.

За да го дадам интервјуто, мора да „трпи“ мојот интерен свет, блиските што ги слушам преку каналите на комуникација, или мојата инженерска работа надвор од мисијата.

Токму затоа, времето на астронаутите е неизмерно важно и токму затоа немаат време да се „инфлуенсери“ зошто не само што се грижат за неколку научни експерименти од коишто зависи кариерата на други луѓе, или пак целта на мисијата, туку и тие се подложни на премногу испитувања, нивното тело константно се „прати“ и треба да се психофизички спремни за секакво несакано сценарио.

Дополнително треба да се добри колеги, да се грижат за системите и функционирањето на живеалиштето, и да извршуваат дневни обврски за да тој круг да е непречен.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-07.jpg

Како изгледа храната наменета за живот на Марс?

Консумираме доста замрзната и конзервирана храна. Ка’Чава е суплемент кој редовно го додаваме во нашата исхрана при шејковите за доручек.

Често имаме и „експерименти за готвење“ вметнати во нашиот распоред. Имаме точно одредени количини што треба да ги измешаме во даден момент и одредено време. Преку нив може да ја покажеме и нашата традиција и култура.

На пример денес имав задача да направам еден таков експеримент во кујната.

Одбрав пастрмајлија како препознатливо македонско јадење, и мораше да го направам од нула. Овие задачи се наменети за цел тим да учествува, во најмала рака преку јадење на храната, и да учи за туѓата култура и за да имаме подобра колегијалност и поврзаност како екипаж.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-06.jpg

Може ли да ни раскажеш како стигна до тоа да станеш првата жена аналоген астронаут од Балканот. Какво образование е потребно за да стигнеш до тоа да бидеш дел од ваквите мисии?

Патот не е воопшто лесен. Порасната сум многу скромно во семејство со сестра инвалид. Па така, Технолошко-Металуршкиот Факултет беше моја единствена опција, зошто своевремено нудеше стипендии, преку нивниот државен натпревар којшто чинам се викаше „Наноматеријали – материјали на иднината“.

Се пријавив додека бев во гимназија на натпреварот, и оттука се пројави мојата љубов токму кон Технолошко-Металуршкиот факултет и нивниот смер „Инженерство на материјали и нанотехнологии“.

Немав друг избор, но немав ни храброст да зборувам на овие теми во тоа време.

Морам да кажам дека пропратно на моите студии бев навистина проактивна, волонтирав, бев учесник или млад ментор на многу натпревари и хакатони, патував на многу размени за доедукација, учествував на многу конгреси и се обучував на многу академии.

Таа проактивност ми донесе еден многу динамичен живот, којшто ми стана секојдневие и ме прати до ден-денес.

Ваквиот начин на живот е полн со подеми и падови, зошто има многу големи одговорности, интензивен распоред, стрес, а со тоа и намален имунитет на кој се прикачуваат пропратни болести.

Една недела да треба да паузираш, ќе пропуштиш многу рокови па со тоа и фатални негативни последици, проследени со неуспех.

Завршив и на програмата „Комерцијални Вселенски Студии“ на Florida Institute of Technology или познат како Florida Tech каде што директор и професор беше Ендру Олдрин, синот на Баз Олдрин, вториот човек што има стапнато на Месечината.

Добив стипендија од Аldrin Family Foundation. Подоцна, се запишав на магистерските студии како „Магистер на Вселенски Науки“ на Интернационалниот вселенски Универзитет.

Македонија нема Вселенска Агенција, Вселенска Програма, вселенски истражувања кои ѝ потпомагаат на вселенската индустрија. Речиси и да немаме ништо.

Иако се обидувам да донесам многу новитети кај нас, и да спроведам многу иницијативи, поради тоа што немаме вселенска историја и таква култура, развојот е многу спор.

Морам да се докажувам надвор и да одам еден потежок пат, зошто ова е сепак индустрија на престиж на нации.

Ние не сме земја членка на Европската Унија, а со тоа не сме ни член на ЕСА (Европската Вселенска Агенција).

Па затоа Македонија нема фонд за поддршка во вид на стипендии за талентирани луѓе во секторот, како што имаат земји како Франција или Италија на пример.

Јас, и за оние малку стипендии што не доаѓаат од земјите членки, преку нивната влада во соработка со нивните вселенски агенции, мора да се борам против целиот свет.

Навистина да припаднеш во индустријата чини многу, а тоа го заработувам сама и подоцна го вложувам за развој на мојот кариерен пат што се надевам ќе донесе многу можности за нашиот регион и нашата земја.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-08.jpg

Работиш како научник, но и како модел… Како овие две професии се вклопуваат меѓусебно?

Секако, низ моите студии, морав да најдам начин да се издржувам сама, а мојата креативност ме доведе до креирање на едиторијали за светски брендови како модел, каде што исплатата беше на светско ниво и колегијалноста со светски стандарди.

Никој не го потценуваше мојот труд во такви светски рамки и видов дека креативната страна може да биде и добро платена, па така, меѓу моите испитни сесии, работев.

Моите облини и мојот изглед беа прифатени, и немав никаков притисок да носам XS или да слабеам за да се вклопам.

Така ги развивав и двете страни од мојата личност, и иако многу луѓе во Македонија константно ме притискаа да изберам само една, јас ги негував и двете.

За моја среќа, западниот свет не те лимитира на тој начин. Баш напротив, се сметаш за комплетен пакет или комплетна жена, за нешто многу ретко, ако се изразуваш и во двете форми.

Ова е од клучна важност, затоа што ги ослободува жените, не ги става во кутија и се рушат закоравени стереотипи од коишто еднаш засекогаш мора да излеземе.

Но, не само тоа, мојот лик којшто веќе има препознатливост и публика сега може да придонесе кон популаризирањето на науката, зошто знам како да ги спојам двата света.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-03.jpg

Дали во иднина би сакала да бидеш дел од тимот што навистина ќе зачекори на Марс? Кои се твоите планови?

Дефинитивно. Во нашата индустрија сите што ги тестираме сопствените лимити, ги тестираме и лимитите на сè останато.

Од нашето општество, со нашата појава и лик, до своето тело и ум, подложно на тренинзи и распоред што ретко кој може да го издржи, до нашата индустрија каде што гласно лобираме за еднаквост, и придонесуваме со нови и храбри решенија и научни достигнувања, а со самото тоа сакаме да видиме до каде може да стигнеме во нашиот Сончев Систем, и со тоа, конечно да станеме интерпланетарно човештво.

marta-dimovska-e-prviot-makedonski-astronaut-odeloto-tezhi-od-34-do-35-kilogrami-rabotenjeto-kako-model-mi-ovozmozhi-da-se-zanimavam-so-nauka-10.jpg

Б. С. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџи... „Во брак сме 45 години и заедно пребродивме многу убави, но и тешки животни моме...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg