Никола живее во Германија: „Македонија спроведува навремени и добри мерки"

Да ми кажеше некој дека во мојот живот ќе помислам, а да не зборувам дека ќе го напишам следново, мислам дека слатко би му се изнасмеал во лице. 

nikola-zivee-vo-germanija-makedonija-sproveduva-ponavremeni-i-podobri-merki-tuka-parite-im-se-povazni-od-coveckiot-zivot-01.jpg

Но, како велат во животот никогаш не се смеј на работите, затоа што најчесто она на кое што се смееш ти се враќа на глава.

Во моментов, додека ни се случува општ хаос и паника, стојам и потпишувам, по моето скромно мислење, дека Македонија спроведува понавремени и подобри мерки од големите држави, меѓу кои и онаа во која живеам – Германија.

Не знам како ќе ме разберете, но во моментов се чувствувам толку гордо, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкан, затоа што здравјето на своите граѓани го става пред сите финансиски бенефити, жртвувајќи ја и така пропаднатата економија. Ова не е политичка дебатa за тоа колку нашиот систем е (не)опремен или (не)способен да се носи со криза, ако истата ескалира. Но, факт е дека во една Германија која може да си дозволи многу повеќе отколку нас самите, работите се сосема поинакви. Не од опрема и спремност, туку од човечки вредности.

Она што е и повеќе од јасно е дека човечката глупост и себичност ќе го доведе светот до екстинкција. Потврда за тоа се сите едноклеточни амеби кои со негрижата пред сè за себеси, а потоа за останатите доведуваат до опасност илјадници други луѓе. Мислев дека само кај нас постојат луѓе со една мозочна клетка која повремено се исклучува, па ќе се наголтаат парацетамол и ќе кријат дека биле во Италија.

Но, истото се случува и тука, можеби и полошо. Луѓето кријат дека имале контакт или биле во забранети зони што само допринесува вирусот да се шири многу побрзо и подрастично.

Во моментот додека го пишувам ова Германија има скоро 6000 заразени, додека Македонија само 18. Јас чекам колега од работа да каже дали бил позитивен за да се проверам и јас самиот додека по своја иницијатива останав во домашен карантин. Сето ова како резултат на негрижа од негов другар кој и покрај сите известувања сокрил дека патувал во забранетите зони, контактирал со десетици луѓе, а потоа бил потврден позитивен на тестот.

Кафулињата и баровите работат, дури денес се одржуваа и нивните избори иако дневно бројот се накачува за 50% споредено со претходниот ден. Ова само ми потврдува една реченица со која секогаш го презентирам Балканот и мојата татковина пред светот: „Прекрасно место за живеење, со прекрасна природа и огромен потенцијал”. Додека надвор владее страв и паника, јас  гледам напор од сите страни на едни луѓе кои немаат ништо, а даваат многу, и не можам а да не кажам, секоја чест Македонијо!

Искрено бев трогнат од разговорите со неколку сопственици на мали и микро претпријатија кои ќе бидат најпогодени. Иако, нормално и очекувано, сите се загрижени за сопствениот бизнис, во ниту една од дискусиите не слушнав да кажат лош збор за преземените мерки.

Да се разбереме, јас не можам да генерализирам, во ова време-невреме има секакви, но факт е дека поголемиот дел зборуваа колку човечкиот живот е поважен од било каков профит во овој момент и се присетив на нешто што колегите често знаат да ми го кажат. Тие велат „Балканот е многу шашаво место, но имате многу фамилијарни вредности, љубов и разбирање”.   

Во моите очи, во време на една светска криза покажуваме една зрелост. Не знам дали тоа се должи на фактот што конечно сфаќаме дека кога вакви работи се случуваат сите сме еднакви. Нема поделби по статус, не нè спасува скапата гардероба, ниту пак нулите после првата бројка на банкарската сметка. Нема скапи одмори на места на кои другите никогаш не биле. Тоа што имаш поубава куќа или кола не те прави повеќе имун на вирусот. Сите сме сведени на исто, од чистач до министер.

Затоа што во суштина, колку и да ни е тешко да сфатиме, сите ние сме исто. Луѓе од коски и месо, со малку сни и желба за подобро утре. Можеби стравот од она што нè гони сите подеднакво прави да разбереме дека само заедно, обединети и сплотени можеме да се избориме против она што сака да нè уништи.

Во време на една општа катастрофа која подоцна ќе се одрази на сите, ние покажуваме дека можеме да бидеме модерна земја по теркот на европските. Гледам како се дезинфицираат улици, контејнери, јавни површини. Нешто што можеби никогаш не беше направено или се правеше многу ретко.            

Гледам дека луѓето започнуваат онлајн купување, рестораните работат со достава до дома. Можеби е конечно време кога сфаќаме дека да излезеш надвор и да бидеш виден од останатите не е поважно од тоа да останеш дома со твоите знаејќи дека се живи, дека се здрави и заедно да зборувате на теми кои никогаш претходно не сте ги допрелe. 

Гледам дека факултетите, иако со ниски буџети и сосема застарена опрема изнаоѓаат начини за држење онлајн часови и администрацијата се обидува да издава документи без потреба од контакт лице во лице и влечење од шалтер до шалтер.

Телевизиите „бомбардираат“ со најдоброто од себеси, прикажувајќи наши филмови, наша продукција и наши квалитетни програми. Срцето ми се полни кога ќе ги завртам сторињата на Инстаграм со моите пријатели и нивните деца како ја следат Бушавата азбука.

Гледам еден народ кој често е потценет, понижен, погазен и во главата ми доаѓа сликата од Мечкин камен. Каде луѓето немаат ништо, но сепак, не се предаваат до последен здив! Се надевам дека кога оваа лоша епизода ќе пројде ќе научиме и ќе сфатиме дека вака треба секојдневно.

Да се сакаме, да си помагаме, заедно да се стремиме кон поголеми цели. Да не си копаме очи со комшијата и братот, да не љубомориме, да не се експонираме со работи кои немаат вредност. Се надевам дека ваквата борба ќе нè држи секојдневно за навистина да покажеме дека и ние знаме како треба, баш како сега!

Јас сум голем критичар, пред сè кон себеси, а потоа и кон останатите. Тука во Минхен, моментално јас се чувствувам парализирано, исплашено и сосема несигурно. Не знам дали да одам на работа или да седам дома. Целата ситуација е неизвесна, затоа што никој не излегува да каже која е фактичката состојба и како треба да продолжиме понатаму. Стагнира и се чека.

Искрен да бидам, не знам што се чека, можеби да се случи Италијa.

Од друга страна, што ми е многу мило и драго, моето семејство во Охрид се чувствува целосно безбедно, информирано од транспарентноста на Министерството за здравство. Среќни се и здрави. Се надевам и тие и сите останати во нашата прекрасна Македонија така и да останат сè додека сè ова не се заврши. Причината поради која не сум јас таму е токму стравот од тоа да не бидам преносител и да не го донесам вирусот во Македонија.

Затоа ве замолувам сите, знам дека сте исплашени, знам дека паниката е голема, но избегнете патување и придонесете во спречување на ова зло. Останете дома и спасете го светот во тренерки. Секој поединец има капацитет да ги заштити најблиските.

Во битката со злото, човештвото победува само ако заборави на саможивоста и ја надмине бариерата на сопственото неразмислување!   

Останете здрави, останете дома, мијте раце и чувајте ми се!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак

Би можело да ве интересира:

Кристина Димитри по јавните критики на нејзина сметка: „Поминав низ пекол, јас сум и мајка и татко н... „Жените денес не знаат што сакаат. Живеат од парите на мажот, а мислат дека се б...
Димитар ја запроси саканата Стефани под ѕвезденото небо на Тунис (видео) „Тој порача шише вино во соба, но не ми беше чудно зашто често ми прави романтич...
Скопјанката Моника кажа „да“ на Саемот за венчавки: Саканиот ја запроси на ревија, додека носеше кре... „Иако долги години сме во врска, не помислив дека мојот сегашен вереник ќе собер...
Ламбе Алабаковски за татковството: „Сакам и ќерка по двата сина“ „Самото породување за мене беше еден голем, возвишен чин, со измешани емоции, ра...
Дарио на кафе со ќерката, синот на Павле Камилоски во носија на Галичка свадба: Што прават македонск... Пејачката Лина Пејовска доби награда „Kraljevski Oskar за најпопуларна пејачка о...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg