Овации и громогласен аплауз за „Меморија“ - Бендот испиша нова историја со концертот во МКЦ

Токму онака како што беше и последниве недели најавувано, вчеравечер (25 декемрви) во „Дансинг салата“ на култниот МКЦ, легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ испиша ново парче музичка историја. И од својата и од македонската.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-01.jpg

Зашто никој досега, ниту еден македонски, а веројатнио и регионален бенд не создал таква „семејна хармонија“ на едно место, а собраните емоции вткаени во душата на секој од мноштвото членови не и го подарил на публиката во еден заеднички концерт за сите генерации. И оние пет генерации преточени во 16 некогашни и сегашни музичари кои за изминативе 40 и кусур години  минале или се уште се’ во групата и оние во публиката каде буквално имаше три генерации верни следбеници и оние кои тоа допрва учат тоа да бидат: баби и дедоци со своите внуци, мајки и татковци со своите деца.

Ретка, ако не и единствена глетка, „единствена хемија“ која ги надополнува можеби најбитните коцкички на историскиот мозаик во поп-рок музиката во Македонија.

А единствена беше и замислата и реализацијата на таканаречениот „музички времеплов за прошетка по спомените“, но и по сеќавањата и емоциите на нечија младост, на старите добри времиња, на убавите дружења, познатите хитови, старите пријатали, некогашните друштва, девојки и момчиња кои ги врзува времето минато во МКЦ и песните на „Меморија“.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-02.jpg

Временската музичка машина на групата стартуваше од смиот почеток, од далечната 1983 година кога на  како и сега на истата сцена основачите на бендот, Петар Георгиевски Камиказа и клавијатуристот Дејан Миноски, кој за оваа прилика ги откажа сите божиќни ангажмани и заедно со својата сопруга Корнелија долета од германско-француската граница каде што живее за да биде дел од музичката историја на „Меморија“  која се повторува.

Перо, Дејан и Корнелија во техно-поп-денс манир ја отворија вечерта со воопшто првата песна која тогашното трио ја снимило, „Моја ли си?“, само сега во нов аранжман и манир, во која Германката пееше на македонски!

Фазата кога прераснаа во поп-рок бенд кој го одбележа еден од најголемите хитови во македонската музичка историја, култната „Нена“, беше следен на репертоарот. Антонио Димитриевски зад тапаните и Дуле Трпковски-Ринго на гитара по 35 и кусур годишна апстиненција одново засвиреа со Дејан и Камиказа заедно.

Сите почести отидоа за првиот пејач на ваквата постава на „Меморија“, Зоран Илиќ – Зоци, кој прв ја испеа „Нена“, а музичарите на сцената и преполната сала ја испратија со аплауз неговата фотографија на лед ѕидот. „Нена“ прозвуче како во најдобрите времиња, а публиката во еден глас ја пееше со групата.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-03.jpg

Потоа едни од сцената си заминаа други на неа се качија… некогашните членови од т.н. трета постава, Нино Бошњаковски на клавијатури, Ицо Јовковски на гитара и вториот вокал на бендот и гитарист, Александар Стефановски – Јаблан.  „Одам засекогаш“ публиката ја пееше заедно со бендот, по што Антонио Димитриевски се заблагодари  и ги фрли палките во публиката.

На негово место седна Димитар Мите  Димовски кој е „златна замена“ за актуелниот тапанар на групата Сашо Ангелов, кој се уште се бори со последиците од нарушенотата здравствена состојба. Заедно со Мите на сцената се појави гитаристот  Игор Атанасовски – Харе, а оваа постава ги изведе ртемите „Жорж“  и „Пробај да ги зартвориш очите“, песни од раниот период на „Меморија“.

Потоа Јаблан ја напушти сцената на на неа се качија постариот брат на Мите,  гитаристот Петар Пеце Димовски и пејачот Драган Драгче Василевски кои за прв пат заедно концертно ја изведоа темата „Утра“ од времето на нивното музицирање со „Меморија“.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-04.jpg

Втората половина од концертниот времеплов ја свиреше стандардната и актуелна постава која во моментов ја сочинува групата: Покрај ритам сексцијата Перо-Камиказа  и Мите Димовски, на клавијатури остана и Давор Јордановски, Апостол Поце Икономов – вокал, Рубин Димковски – гитара и Ристо Самарџиев – вокал.

Во нишката од „музички бисери“ ним ќе им се придружат Димитар Мичо Божиков на гитара и Александар Хаџипаунов – на клавијатури, а атмосферата во салата ќе го доживее својот делириум со безвременските балади „Оган под ѕвездите“, „Зошто Боже“ или „За тебе“.

Гитарските соло бравури на „брзометниите вешти мајстори“ на гитарата на Мичо и Рубин седоаѓаа како шлаг на тортата со секоја нова песна, но јаготката на шлагот беше оставена за крај, со последниот блок песни.

„Jано“, „Мотори“ и „Smoke on the water“ како задолжителна рок ен рол лектира, а „Нашите слики“, заедно со гимназиската химна „Снежо, Снежана“, животно оптимистичката ска варијанта на „За добро да е“ и секако мегхитот „Дирлада“ прдизвика публиката да еруптира.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-05.jpg

За смиот крај, наплив на патриотски чувства со „Македонија“ и „Македонските“ бисери за за во „дансинг салата“ да се случи комплетна „експлозија“ од емоции и напливи на чувства на нвидена убавина на живеењето и дружбата и со песните и со групата и меѓу присутните во публиката.

Единствена хемија, со неописив фидбек помеѓу оноа на сцената и  она заради кое музиката и постои – публиката. Онаа повозрасната „Меморија“ ја вратија во младоста и ја вратија радоста, и ја разиграа душата и го растреперија срцето и исцртаа насмевка на лицето…

За крај, колективен поздрав и поклон до земја на оние што оваа вечер ја направија величествена, за оние на кои ќе им остане незаборавна… Зашто кога овациите траат, а аплаузот не стивнува, душата има зошто да се радува. „Меморија“ во МКЦ испиша нова историја, го затвори „стариот завет“ и отвори ново поглавје во своето идно постоење.

ovacii-i-gromoglasen-aplauz-za-memorija-bendot-ispisha-nova-istorija-so-koncertot-vo-mkc-06.jpg

Најчитани неделава