Второ издание на студентскиот фестивал ЕТНОФФ

Оваа сабота, во Кинотека на Македонија, Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво (МСЕАД) по втор пат го организира единствениот студентски фестивал за етнографски филмови ЕТНОФФ.

vtoro-izdanie-na-studenskiot-festival-etnoff-1.jpg

Како организатори се јавуваат студентите од Институтот за етнологија и антропологија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, под менторство на проф. др. Илина Јакимовска. Оваа година на програмата на фестивалот ќе се најдат 15 филмови кои обработуваат општествени теми од повеќе држави и континенти. Фестивалот започнува во 10:00 часот и е поделен во три блока, со што проекциите ќе траат во текот на денот.

Од обредите за прочистување во Индија, преку правата на жените во Непал, процесот на правење гонг во едно село на Јава, па до приказната за drag-queen сцената во Белград или претставувањето на дервишкиот ред руфаи од Македонија, овогодишната програма не само што е разновидна во смисла на теми и пристапи, туку е и многу квалитетна. Плус, влезот е бесплатен.

Подетални информации за програмата може да се најдат на настанот на Фејсбук или на страната на МСЕАД.

Фестивалот е финансиски поддржан од Природно – матматичкиот факултет.

Трејлери за некои од филмовите:

„Франсилен: приказна за една кршачка на бабачу плодови“

Во северо-источен Бразил 18 милиони хектари амазонска шума се насадени со особен тип кокосова палма, бабачу. Локалното население живее од овие скапоцени плодови. Работата главно ја вршат жени, кои се бореле против експлоататорите до моментот кога го извојувале „законот за слобода на бабачу“, кој им овозможува да влезат на кој и да е посед и да собираат плодови од ова дрво. Живеењето од ваквиот вид собирачко стопанство е секојдневен предизвик. Но жените како Франсилен секогаш ќе се борат за да им овозможат подобра иднина на нивните деца.

„Молејќи се со стапалата“

Филмот го разоткрива феноменот на аџилакот преку искуства на режисерката и луѓето кои таа ги среќава. Прашањето е што ги тера овие луѓе да тргнат на ваков пат. За сите нив пристигнувањето во Сантијаго де Компостела има различно значење.

„Борејќи се за ништо да не се случи“

Филмот ги прикажува напорите на една христијанска невладина организација да изврши релокација на бегалци кои се раселуваат како последица на вулканска ерупција во источна Индонезија. Со балансирање помеѓу иронијата, хуморот и трагедијата, тоа е приказ на врската помеѓу религијата, регионалните политички структури и бизнисот во децентрализираната Индонезија и локалната култура на Флорес.

„Соларис“

Филмот е снимен по работното време во трговски центар во Талин, Eстонија – место кое е изградено за да го забавува, но и за да го отслика светот. Гледачот е соочен со сировата материјалност на средбите, системите за циркулација на луѓето и воздухот, и атмосфера која постепено се менува. Се работи за сензорна етнографија која е без дијалог, а која ќе ве натера да ја доведете во прашање границата помеѓу телото и светот, во еден од најживите урбани екосистеми.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg