Освоила 3 милиони долари на лото, добитното ливче го добила како бакшиш: Фасцинантна приказна на келнерката Филис Пензо
Во 1984 година, редовен муштерија во ресторанот во кој работела Филис Пензо понудил наместо бакшиш, заедно да уплатат лото, па да ѝ ја даде пола добивка. Келнерката се согласила, а кога муштеријата ја известил дека освоиле шест милиони долари, мислела дека се шегува.

Приказната на келнерката Филис Пензо звучи толку нереално, што е инспирација за филм, It Could Happen to You со Николас Кејџ и Бриџит Фонда во главните улоги.
Во 1984 година, на Филис ѝ се исполнила желбата што ја имаат многу луѓе во светот – освоила неколку милиони на лото.
Но, она што ја прави нејзината приказна уникатна е тоа што добитното ливче го добила како бакшиш.
Во 1984-та, Филис Пензо веќе две децении работела како келнерка во пицерија во Њујорк.
Еден од честите гости во ресторанот бил локален полицаец, Роберт Канингам.
Во март истата година, Роберт отишол да јаде во ресторанот и почнал да разговара со тогаш 48-годишната Филис.
Келнерката и полицаецот биле добри пријатели, па тој ѝ понудил наместо бакшиш, да поделат ливче за лото.
Ѝ рекол таа да каже три броја, а тој останатите три, па ако добијат нешто, да ја поделат добивката.
„Само се шегувавме. Ѝ реков ако добиеме нешто, тогаш тоа да биде нејзиниот бакшиш.
Но, Филис знае дека мојот збор вреди злато“, има изјавено полицаецот.
Филис се согласила, а до наредниот дел потполно заборавила на договорот.
Но, следното утро полицаецот ѝ се јавил и ѝ кажал дека нивните броеви – 7, 8, 21, 28, 29 и 43 – се добитни.
Бидејќи Роберт ѝ се јавил на 1-ви април, Филис била убедена дека се шегува поради денот на шегата.
За да ја увери, отишол во пицеријата со добитното ливче и си го исполнил ветувањето – ѝ кажал дека освоиле шест милиони долари, но дека половина од добивката е нејзина.
Во наредните неколку денови, медиумите дознале за необичната добивка, а Филис и Роберт станале ѕвезди.