Говорот на телото на работа: Каде грешиме во невербалната комуникација?

Говорот на телото кажува повеќе од илјада зборови, покажува кои сте подобро од која било референца во вид на факултетска диплома или место на раѓање.

Govorot-na-teloto-na-rabota-01.jpg

Вреди многу повеќе од најдоброто потекло, но внимавајте, најлошо од сè е што тој говор на телото го читаат сите, иако не се свесни и врз основа на тоа оформуваат мислење за вас.

Моќта на говорот на телото

Говорот на телото е најзаслужен за првиот впечаток што го оставате кај другите. Сите спремни говори и дијалози се залудни ако не го исконтролирате она што го кажуваат вашите потези и држење на телото.

Што кажуваат за нас одредени движења на телото?

Најлошото што може да ни се случи е да не го владееме говорот на телото, односно она што нашето тело секогаш го издава за нас. Тоа е како постојано да сте поврзани на детектор за лаги којшто испраќа сигнали.

На пример, млитаво држење на телото. Спуштени рамена, свиткан грб, потпрено рамо на ѕид, прекрстени нозе, брада потпрена на градите… Што кажува за нас ова држење на телото?

Ова е знак дека не сте целосно присутни со своето битие на местото на коешто се наоѓате. 

Да сте биле присутни, ќе сте покажеле почит кон просторот во којшто се наоѓате кон луѓето околу вас. Ќе го држевте грбот исправен, брадата високо, ќе пополневте повеќе простор со вашето тело, бидејќи така испраќаме сигнал дека сме сосема присутни во ситуацијата или моментот.

Секако дека нема да му кажете на шефот или на вашата роднина дека едвај чекате да излезете од собата и да го завршите разговорот, но доколку не го контролирате вашето тело, тоа ќе ја испрати оваа порака наместо вас. Дури и доколку не се чита јасно, таа порака се прима, односно вие ја испраќате, без разлика дали сакате или не.

Говорот на телото работи против нас, тогаш кога не владееме потполно со ситуацијата

За невербалната комуникација се вели дека тоа е единствениот јазик којшто го зборува целиот свет и дека само 7% од нашата комуникација се врши преку зборовите. Односно 93% од информациите кои ги испраќаме се со помош на говорот на телото.

Размислете дали често погледнувате кон часовникот или во телефонот додека разговарате со некого. Можеби делува како сосема нормален мултитаскинг, но овие постапки испраќаат порака до вашиот соговорник дека повеќе би сакале да сте на друго место и да правите нешто друго.

Воглавно, никој не е безгрешен во невербалната комуникација, па затоа е важно да се забележи каде се јавуваат грешките. На сите им е очигледно дека избегнување на директен контакт со очите е знак којшто создава сомнеж и остава впечаток дека нешто криете.

Сигурно сте слушнале и дека прекрстените раце се знак дека оформувате физичка бариера помеѓу вас и соговорникот и не сте сосема отворени во таа комуникација без разлика на тоа што го зборувате и колку се смеете.

Климањето со главата додека го слушаме соговорникот има исто така своја граница, ако претераме може да делува како да сакаме да се поставиме како да го разбираме она што всушност не го разбираме и дека премногу сме засегнати од тоа дали соговорникот ќе знае дека со тоа се сложуваме.

Исто така доколку премногу се инсистира на контакт со очите, може да се добие впечаток дека сакате да воспоставите контрола или надмоќ над соговорникот.

Дури и начинот на којшто го вртиме погледот многу кажува за нас. Доколку контактот со очите го прекинуваме со спуштање на погледот надолу, тоа е порака дека сме подредени на соговорникот, додека пак вртењето на погледот на страна значи дека сме самоуверени.

Како да ја култивирате вашата невербална комуникација?

Одличен начин за да се впуштите во усовршување на говорот на телото се семинарите коишто ги држат експерти во оваа област, а предноста е што од прва рака ќе ја запознаете моќта на говорот на телото и лесно ќе ги воочите вашите грешки.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Грешки во говорот на телото кои прават да изгледате несигурно и непрофесионално на работа Постојано сте намуртени, избегнувате гледање во очи и на работа се однесувате ка...
Грешки на интервју за работа поради кои сигурно ќе ве одбијат Немате никакви познавања од технологија и не ги запишувате најважните работи што...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg