Бродски дневник на Ивана: „Ги ценат Македонците како вреден народ, екипажот од сите земји скокаше на Калашников од Бреговиќ“

Помина повеќе од една година откако го напуштив мојот пловен дом, веќе подолго време ми недостасува бродскиот живот, будењето со бродската сирена, играта на брановите, брзиот живот од едно на друго пристаниште...

brodski-dnevnik-na-ivana-gi-cenat-makedoncite-kako-vreden-narod-ekipazhot-od-site-zemji-skokashe-na-kalashnikov-od-bregovikj-1.jpg

Ми недостасуваат енергијата и динамичноста, деновите брзо поминуваат на море, дружбата, фотографирањето, моето студио, мирисот на свежо испечатенте фотографии, ми недостигаат брановите, ми недостигаат магичните зајдисонца кои ме остaваа без здив, а пред сè ми недостига да патувам, да талкам и истражувам нови градови и пристаништа.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-07.jpg

Имам авантурстички дух, да можам, би го посетила секој агол од светот, секоја плажа, замок, туристичка атракција или чудо на природата, од север до југ, од исток до запад...

Сакам да откривам нови локации, нови вкусови, да слушам нови животни приказни, но секогаш е добро да се вратам на старите, на омилените, мојот драг Котор, шпанската убавица Палма де Мајорка, бразилскиот рај Бузиос и норвешките фјордови кои се право уметничко дело на мајка природа.

Сакам да патувам, да сликам, да го откривам светот околу мене и да се откривам себеси во него.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata -04.jpg

Пред заминувањето на брод работев како информативен новинар и сликав по некоја свадба, но со таа заработка можев да си дозволам само кратки патувања и летувања кај нашите соседи.

Но, мојата желба за патување секој ден беше сè посилна, сакав да запознаам нови и подалечни, поегзотични дестинации, па така, оставив сè зад себе и влегов во светот на морнарите, бидејќи само на тој начин можев да го задоволам својот патувачки апетит без да потрошнам ниту денар, а самиот факт што ќе заработувам беше јаготка на шлагот.

На 24-години, тоа ми се виде како добитна комбинација. Со македонската плата никогаш не ќе можев да го посетам Буенос Аирес и да вечерам додека гледам класично танго шоу од врвни танчери, да танцувам на бразилскиот карневал, да се воодушеувам на руската архитектура во Санкт Петерсбург и да уживам на шпанските плажи или на шопинг во Тенерифе.

Досега крстарејќи имам посетено над 30 држави и околу стотина поморски градови и пристаништа со нивните мали рибарски села, мондески плажи и стари средновековни тврдини.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-03.jpg

Секако пред да се впуштам во новата авантура читав, се информирав и разговарав со Македонци кои имале бродско искуство, а колку повеќе дознавав толку побргу сакав да го спакувам куферот. Но, не беше толку брзо. Интервјуа, процедури, тренинзи...

За да добијм позиција на крузер поминав неколку интервјуа, прво со агенција во Скопје откако им го испратив моето ЦВ, потоа со хрватска агенција, за на крај да го имам последното интервју со регрутерот од италијанската компанија.

Прашања за моето искуство како фотограф и искуство со продажба, како и ниво на конверзација на англиски јазик. И тоа е за сите исто, зависно само за која позиција на брод се аплицира, од хигиеничари, собари, преку кувари и келнери, до шанкери и продавачи.

По добиениот позитивен одговор следуваше тренинг за безбедност на брод и запознање со основните правила на пловење, како и курс за прва помош. Едукативен и интересен тренинг.

Пред осум години немаше таков тренинг во Скопје, па јас патував до Будимпешта за да ги добијам потребните сертификати.

На крај следуваше детален лекарски преглед, буквално сè, од вид и слух, до алергии и крвен притисок, и секако хронични заболувања и моторика. И така на крај завршив со тон документи од кои половина не ги разбирав, ама ете така мора, со сите правила и процедури, што би рекла баба ми, со сите нишани.

Лекарското уверение се обновува на секои две години, а сертификатите за безбедност и прва помош важат пет години.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-05.jpg

Искрена сум - првиот мотив за бродска кариера ми беше можноста за патувања, а вториот одличната заработка, но сега гледано осум години подоцна, сфаќам колку вистинскиот мотив е моето растење, созревање и независнот.

Финансиската стабилност за мене и моето семејство ми донесе голем спокој, а со одличната заработка успеав и да заштедам, но и да си дозволам слатки задоволства.

Во овој момент, веќе од една година на копно, најмалку мислам на долгите работни часови, стресот и непријатности со колегите, тоа се минливи нервози, но се сеќавам на сите пријатели, одлични журки до раните часови, трчањето на пристаниште за да не ни избега бродот бидејќи сме се заборавиле на плажа, фантастичните екскурзии и можностите да ги запознаам крајбрежните градови додека мојот пловен дом е закотвен.

Гледано од професионално ниво, тоа што најмногу ми се допаѓа на бродовите е можноста за промоција и вреднување на пружениот труд, па така ако си вреден работник, лесно ќе бидеш унапреден, а тоа значи поголема плата и по некоја привилегија екстра.

Горда сум кога сретнувам Македонци на високи и менаџерски позиции на бродовите, и во главно ценети сме како вреден народ. А, да и, познати сме и како нација која многу милува алкохол, заедно со останатите Балканци.

Отворено море, вотка и виски, микс од култури и раси, и ечи некоја екс-ју песна во позади... ах, колку ми недостигаат тие ноќи поминати во барот на екипажот. Не постои член на екипажот кој не скокал на легендарната „Калашников“ на Бреговиќ, и Индонезијци и Филипинци и Бразилци и Мексиканци заедно со сите Балканци.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-02.jpg

Ако сте авантурист, ако сте подготвени на долги работи часови, денови само на отворено море и многу синило, работа во мултинационална средина каде се вреднува вашиот труд, тогаш топло ви препорачувам да си ја пробате среќата како модерен морнар на некој луксузен крузер.

Не е лесно, ама вреди, вреди за животно искуство, за отворените хоризонти, за одличните пријателства, за сметката во банка... и секако, по некоја кратка, или како мене за цел живот, љубовна авантура.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-06.jpg

Ни долгите работни часови, ни притисок од менаџерите за исполнување на таргетот, ни кавгите со колегите, не се тешки колку моменти далеку од дома, далеку од саканите.

Најтешко е секоја година да се честита роденден преку Скајп, да се биде сам на Божиќ, да се праќат подароци по пошта, да се јаде чоколадно јајце наместо вапцанто велигденско јајце на семејниот ручек, но велат за сè има лек... јас лекот го најдов во шопингот и купувањето подароци.

Па кога ми недостига некој домашен, тој ден излегувам да го најдам соврешниот подарок за таа личност, така по малку ја убивам носталгијата. Се сеќавам, пред четири години на сестра ми за малку ќе ѝ испратев седум торти за роденден.

Слаб беше сигналот на Интернетот па секогаш кога ја рефреширав страницата порачував по една торта.

„Изненадување, изненадување, јави се во слаткарницата и откажи ги тортите“ – беше моја честитка за неа, а таа тогаш живееше во Лондон па прилично скапи беа тие седум торти.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-08.jpg

Нашиот поет Рацин пишуваше за Т’га за југ, а за тага за морето, мојот најдобар пријател, тоа моќно синило во недоглед, спојот на небото и морската шир, како да не постојат граници!

Бродскиот живот е како нож со две острици, кога сум таму ми недостига домот, семјеството, старите пријатели, домашната супа на мама... Кога сум дома, пак, ми недостасува брзиот бродски живот исполнет со авантури и неочекувања, нови познаства и многу изненадување и тестирање на сопствените лимити.

brodski-dnevnik-mi-nedostigaat-moreto-dinamicniot-brodski-zivot-i-patuvanjata-9.jpg

Го сакам мојот мојот бродски живот, и сите згоди и незгоди кој доаѓаат во пакет со него, со сите пролеани солзи и искрени насмевки, сите непроспиени ноќи, некои принтајќи фотографии до раните часови, а некои на забавите на палуба на отворено летно ѕвездено небо, а сега во моменти на светска пандемија нестрепливо чекам да стигне мејлот со новиот договор и новата рута, секако заедно со новите правила во новата реалност.

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Моментално живее во Бразил, а по пандемијата повторно ќе продолжи со работа. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива на Ивана

Би можело да ве интересира:

Од забави до зори на EXIT до дегустација на 500 различни вида вино – Зошто треба да го посетите Нови... Нови Сад, градот кој истовремено е и мирен и полн со живот, нуди по нешто за сеч...
10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
8 работи на кои не треба да трошите пари на вашиот одмор (кога престојувате во хотел) Не вреди да давате многу пари за полуксузна соба – во повеќето хотели, нема голе...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg