Бродски дневник на Ивана: „Дали си преживеала бура, дали сѐ ви е платено“ – одговор на најчестите прашања за работа на брод

Кога ќе кажам дека работам на брод многумина ме замислуваат како роб кој работи 20 часа дневно и не гледам копно со месеци, други пак мислат дека секој ден се соочуваме со бранови и бури, а трети па мислат дека работата е толку лесна, дека само се шетам и сликам по плажи и ми дават плата на „лепи очи“.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-01.jpg

Со сите филмови за бродски несреќи и легендарниот Титаник, луѓето навистина имаат погрешна слика за бродовите и целата приказна зад нив. Па така, како по непишано правило, кога ќе дознаат дека работам на брод сите ми ги поставуваат истите прашања:

Дали бродот се лула?

Крузерите се вистински пловни хотели, ако не и мали градови, кои се опремени со висока технологија и луксуз, а не дрвени кораби и галии кои се распаѓале при удар на поголем бран.

Постојат различни големини на бродовите, но колку што е поголем бродот - толку е потежок, а со тоа и поиздржлив на бранови.

Досега немам работено на мала класа, до 1300 гости, за кои велат дека се чувствувало нишање и лулање на поголеми бранови.

Имам работено на средна класа до 2700 гости и голема, од 4000 до 5700 гости, плус екипаж. Па така, на големите бродови речиси и немам почувствувано лулање, само благо нишање во навистина разбранувано море, но ништо опасно.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-02.jpg

Најлошото нишање на брод го имам почувствувано во Аргентина одејќи накај Уругвај, градот Пунта дел Ест, кој е познат по разбрануваното море. Тогаш бев на средна класа. Имаше силен ветер и дожд, ама ветерот беше толку брз и моќен што брановите стигаа до првата палуба која е на седмиот кат.

Од силината на ветерот вратите кои водат кон палубата се отвораа и водата навлезе и внатре и почна да се спушта по скалите кон подолните катови.

Беше страшно да се гледа, а мене ме пратија да го фотографирам тоа за бродската евиденција. Иако можевме да ги видиме брановите, сепак не се чувствуваше толку нивниот ефект, но нè предупредија ноќта да ги затвориме сите фиоки и да ги тргнеме работите од полиците.

Велат дека и искуството си го прави своето, па и кога бродот малку лула - ништо се чувствувам. Гости ми се жалеле дека им е лошо, дека ги боли глава, но за среќа тоа мене ми се нема случено во моето осумгодишно бродско искуство.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-03.jpg

Понекогаш се чувствува некое благо нишање, кое е сосема безопасно, и дефинитивно одлично за спиење, како бебе во лулка, многу голема лулка.

Од она што ми го објасниле офицери со огромно бродско искуство, нишањето се чувствува на повисоките катови, па така гостите кои се над деветтиот кат можат да почувствуваат благо нишање, а подолу да не се мрда ништо.

Дали имаш преживеано невреме?

За сета моја среќа не, и верувам дека и во идните договори ќе ме прати истиот к’смет. Имаме видено бури кои не биле опасни. Секогаш на јавен разглас се најавува временската прогноза, а кога има можности за дожд и ветер се забранува излегување на базен и на отворените палуби.

Се оставаат ќесички за повраќање низ целиот брод, а и за гостите и за екипажот има постојано апчиња против морска болест, достапни на рецепција.

Ми се има случено неколкупати поради силно невреме бродот да ни остане закотвен. Пред три години, во Малта беше ладно и магливо, па бродот остана цела ноќ на пристаништето, чекајќи утрото да се исплови. Исто така, ако има најава за дожд или невреме се менува курсот на крстарењето.

Каде спиете?

Едно од почестите прашања кое ми го поставуваат и гостите, но и оние љубопитните на копно. За екипажот има кабини за двајца, најчесто со кревети на кат, секој со завеса, маса со две столици и фиоки, гардеробер, полици и телевизор и многу мал тоалет со уште помала туш-кабина.

Кабините најчесто се на втор и трет кат, под вода, но и на четврти и петти кат, секако зависи од бродот и неговата големина. На поголемите бродови има кабини за екипаж и на седми, осми и деветти кат.

Јас сум имала кабина на сите катови, и најдобро се спие на тој под вода бидејќи е најтивко. Обично четвртиот кат е наменет за екипажот каде се лоцирани мензите за јадење, продавница и бар, како и сите порти за влез и излез од бродот, па постојано е бучно и е незгодно за спиење.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-09.jpegфото: приватна архива на Ивана

Дали сè ви е платено?

Ова прашање често го добивам посебно од оние кои сакаат да започнат бродска кариера. Во текот на договорот, кој обично трае седум месеци, а може да се продолжи по своја волја, вклучени ни се оброците, перење на униформите и лекарска помош 24 часа.

Во мензата има кафе, вода и чај постојано, еднаш неделно може да се земат сапун, детергент за перење и тоалетна хартија. Двапати неделно може да се смени постелнина и пешкири.

Јас не го сакам бродското кафе па често си носам свое или нарачувам од бар. Цените во барот за екипажот се прилично евтини, еспресо 40 центи, капучино 60 центи, пакет вода од шест шишиња за 2,40 евра, пиво од 1 до 2 евра зависно од произведувачот, а од алкохолни пијалаци најскапо е виски 1,70 евра.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-06.jpg

Обично во барот, јас трошам околу 100 евра месечно. Често се одржуваат и распродажби за вработените каде има супер попусти. Најскапо е купувањето интернет, што и покрај високата цена е навистина бавен.

Има различни пакети, јас секогаш купувам Social Media Pack кој е околу 40 евра за еден месец, но е само за социјални мрежи и пораки, нема шанси за повик, а Гугл и мејл воопшто не отвора, ама колку да се слушам со моите е доволно.

Дали смеете да одите надвор?

Како што реков, многумина веруваат дека сме робови кои не гледаат копно. Ја одбрав работата на брод поради можноста за патување и откривање нови дестинации.

Кога бродот е закотвен и гостите и екипажот, кој не е на работна должност, можат слободно да излезат на копно и да уживаат. Една од мааните од работењето на брод е што постојано треба да гледам во часовникот за да не го изгубиме времето за враќање, кое за нас вработените е еден час пред враќањето на гостите и испловувањето.

brodski-dnevnik-na-ivana-dali-si-prezhiveala-bura-dali-s-vi-e-plateno-odgovor-na-najchestite-prashanja-za-rabota-na-brod-07.jpg

Најзабавно е кога е „overnight“, односно бродот е закотвен цела ноќ и ние можеме да останеме на забава до раните утрински часови. Сон ми е да работам за сезоната во Куба каде бродот е закотвен три дена во Хавана.

Во купот на прашања секако неизбежно е и кој го вози бродот и моето омилено, дали се имаш качено кај кормилото, а секако воопшто немаат кормило туку цел навигациски центар кој мене ми личеше на вселенски брод.

Иако има многу Македонци кои со години работат на брод, сепак сè уште многу работи се нејасни околу целата бродски кариера и што навистина се случува на овие луксузни пловни хотели.

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Моментално живее во Бразил, а по пандемијата повторно ќе продолжи со работа. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

50 евра по човек за лежалки во прв ред во Пефкохори: Како се движат цените на Халкидики годинава? Условите во баровите на плажа во Грција се значително сменети годинава. Ако неко...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
„Бев во Неи Пори овој јуни 2023, лежалка со кафе е 5 евра, морето е уште студено, но едно селце кое ... „Пријатно бев изненадена од ниската цена на вилата во која во престојував, од не...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
Српска блогерка споделува: Колку пари се потребни за посета на спомениците низ Истанбул? За посета на Аја Софија ќе ви требаат 25 евра, за Токапи палатата 45... Колку па...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg