Им велам на децата да исклучат компјутер, ми викаат да не „замарам“ – тие командуваат, јас потчинета

Се чувствувам потчинета на своите деца, како тие да го командуваат и делегираат текот на секојдневието и животот дома. Се наоѓам во ситуации да им кажам да исклучат компјутер, а добивам одговор „Ајде бе не зезај, 11 вечер е, втора смена сум утре во училиште“. Кога јас бев дете - не беше вака, имавме почит за родителите...

im-velam-na-decata-da-iskluchat-kompjuter-a-dobivam-odgovor-ajde-be-ne-zezaj-11-vecher-e-vtora-smena-sum-utre-vo-uchilishte-koga-decata-stanaa-komandanti-doma-a-nie-roditelite-potchineti-01.jpg

Се сеќавам на моето детство, отсекогаш среќно и мирно, без турбуленции. Многубројно семејство бевме, но некако секој си го знаеше местото. Сите се однесувавме со почит едни кон други и функциониравме без конфликти.

Секако, зборот на мајка ми и татко ми секогаш го почитував уште од мала, сепак чувствував потреба да ги послушам моите родители.

Нормално, во тој дух се трудам да ги воспитувам и сопствените деца, но нешто „шкрипи“.

Се чувствувам потчинета на своите деца, како тие да го командуваат и делегираат текот на секојдневието и животот дома.

Се наоѓам во ситуации да им кажам да исклучат компјутер, а добивам одговор „Ајде бе не зезај, 11 вечер е, втора смена сум утре во училиште“.

Упс! Каде згрешив?!

Можеби е грешка на сите нас попустливи родители, што во тој момент не одиме и не го вадиме компјутерот од напојување, туку бараме дипломатско решение од типот „Ок сине, ајде уште 15 минути“. Секако, децата ни со тоа не се задоволни, па често знаат пред легнување луто да ми речат „Зошто си толку лоша мајка?“.

А јас сè уште мечтаам дека сум најдобра.

Кога ќе замоли некој од нив за вода или храна, јас и маж ми скокаме да им однесеме.

А кога јас ќе побарам вода, ме откачуваат, во партија биле на игрица на телефонот, па сама си ставам и се тешам дека си правам кардио вежби со станувањето.

Ручекот е строго нивни избор, не јадеме боранија и грашок, зашто децата не јадат, а тоа што на нас останатите ни се јаде, тотално е неважно.

Како стигнав до ова дереџе не знам, но откако го споделив ова со неколку другарки, дојдовме до заклучок дека кај сите е речиси исто - ние дома сме комплетно потчинети на децата, тие го командуваат секој наш избор и секоја постапка.

Тие бираат како ќе го поминат викендот, што ќе се јаде дома, дали ќе се оди на прошетка или не, колку ќе седат на компјутер, кој дуксер ќе се купи (нели ние сме стари и не знаеме што е модерно), односно ние родителите излеговме граѓани од втор ред дома.

Служиме за да работиме, да донесеме пари за да ги задоволиме сите потреби на нашите златни деца, да исчистиме, да зготвиме тоа што ќе посакаат, макар и да вртам палачинки во 22:00 часот само за нивни кеиф, да испегламе, да уплатиме за на одмор (е овде уште не почнале да се мешаат, сè уште ние родителите одлучуваме каде ќе се оди, ама пак од децата зависи колку ќе се седи).

Вака функционираат повеќето семејства во нашето опкружување. Зошто е тоа така сè уште не сум сигурна. Дали е до влијанието на интернетот и сите содржини што ги гледаат?

im-velam-na-decata-da-iskluchat-kompjuter-a-dobivam-odgovor-ajde-be-ne-zezaj-11-vecher-e-vtora-smena-sum-utre-vo-uchilishte-koga-decata-stanaa-komandanti-doma-a-nie-roditelite-potchineti-02.jpg

Компјутерските игри ги прават нервозни, некогаш не ме ни слушаат додека им зборувам, иако стојам до нив. Неконцентрирани се, а најмногу ме плаши тоа што не знаат што да прават со себе ако не ги анимира телефон или компјутер. Ги фаќа нервоза. Не знаат да седат и да размислуваат. Не знаат да покажат иницијатива за читање книга која е незадолжителна литература.

Не знаат да седнат да цртаат.

Да бојат.

Сè што прават мора да има врска со технологија.

Тоа им го уби детството.

Но, вината не е само во технологијата. Дефинитивно и ние родителите треба да преземеме вина за состојбата на нашите деца. Штедејќи ги и изигрувајќи добри мама и тато, што ќе им бидеме и другари на нашите чеда, децата како деца, го искористија / злоупотребија тоа.

Изгледа сериозно го сфатија оној дел кога со сопругот им објаснувавме дека од нив се бара да учат и да се посветат на училиштето.

Децата ни се со петки, ама дали го губат социјалниот компас? Семејниот компас?

Дали веќе доцниме со реакцијата и „произведовме“ деца кои ги држат конците и се однесуваат како тие да се родители, а ние послушници?

Додека уште не ги здрмал пубертет, треба изгледа сите сериозно да се преиспитаме и да преземеме чекори да си го вратиме родителството во свои раце.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Кара | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
Ретро игри со кои ние пораснавме, а денешните деца не (знаат да) ги играат Знаат ли денешните деца да си играат? Колку често нашите деца се надвор и што во...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg