Роби, Сашо и Кети за камперските авантури: „Кампување на диво е рај, Ситонија е магична - инвестиравме во кампери“
Сашо
„Кампирам од дете со моите родители во шатор. Подоцна продолжив исто и со мојата фамилија.

Отсекогаш сум имал голема желба да имам кампер VW Т3 и таа желба си ја остварив. Си купив Т3 и го преправив во кампер, функционален и естетски убав на изглед.
Најчесто со него кампирам низ Македонија, а се надевам дека годинава ќе ги проширам хоризонтите и надвор. Повеќе сакам да кампирам зимно време, имам вебасто греење и не ми пречи ладното време.

Во летниот период, освен на планини, обично се задржувам покрај реките и езерата.
Сакам да кампирам покрај вода, ме смирува и опушта, и ми е вентил од секојдневниот стресен живот.

Кампувањето за мене не е само начин на одмор – тоа е начин на живот, филозофија на слобода и директен допир со природата.

Јас, заедно со моите пријатели Роби и Кети, сум дел од заедницата „Камперистика МКД“, а овој начин на патување стана моја втора природа.
Еднаш кога ќе го доживееш тој камперски живот и ќе ја видиш разликата, едноставно нема назад на апартмани, хотели и др“.

Роби
„Со кампирање почнав пред некои 6 години и почнав со комбе Т3, кое за почеток беше користено за рибарски авантури кои подоцна се претворија во прави камперски.
Инаку, после првото Т3 дојде уште едно, па на крај дојде и „поголемиот брат“ ЛТ35, кој сега го користам за дестинации надвор од државата.

Инаку, сите три се олдтајмери од 89/93 година.
Кај кампирањето највеќе ми се допаѓа слободата и блискоста со природата. Незаменливи се тие моменти.

Излегуваш од заробеноста, телото го чувствува тоа и проработуваат сите сетила кои во секојдневницата се изгубиле.
Незаборавен момент е кога секое утро го дочекуваш будењето на сонцето, навечер зајдисонцата, месечината и ѕвездите преку ноќ.

