Марија Јаневска се пресели во Белгија: „Во Гент градот ти плаќа за извозените километри со велосипед, Белгијците се студени“

Поразговаравме со Марија Јаневска, писателка и дел од медицинската фела, на многумина позната по нејзините книги „Белешките на Лајла Грејс“ и „Карма“.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 13

Неодамна Марија Јаневска замина од Македонија и се пресели во Белгија, а таа за CRNOBELO.com открива интересни работи за животот таму, за она што ѝ недостига, за ставот околу вакцината против коронавирус...

По неколку дена од објавувањето на твојата најнова книга „Асистола“, замина во Белгија, која е причината за твојата преселба таму?

Првата замисла беше да бидам таму 3 месеци на проект и потоа да се вратам назад. Не сакав да останам по секоја цена, но тие сакаа да ме задржат по секоја цена.

Кога ме прашаа што сакам да правам понатаму во животот, ми понудија да го работам докторатот за кој цел живот сонував токму на нивниот оддел.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 14

Во овие тешки времиња со кои се соочува човештвото, треба храброст да се напушти домот и најблиските и да се започне нов живот во странство. Како ти поминаа првите месеци во Белгија?

Јас сум емотивна личност и знаев дека нема да биде лесно. Веројатно фактот дека бев подготвена на сè, а и фактот дека ми се исполнува животен сон, ги ублажија тешкотиите. Обично првиот месец си возбуден од сè што е ново и немаш време да размислиш што и кого си оставил зад себе.

И потоа доаѓа вториот месец каде во еден миг сфаќаш дека си бездомник, за миг си во онаа фаза на немање дом, напуштање на стариот дом и создавање нов дом и тука настапува таа фамозна носталгија. Таа фаза кај секого трае различно, а кај некого не ни завршува.

Дали ќе заврши зависи од тоа колку многу го посакуваш новиот живот и причината поради која си таму каде што си. А кога ќе заврши? Ех, тогаш веќе се чувствуваш како повторно да си дома, како конечно да си нашла нов дом.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 9

Во моментот ги започна докторските студии на одделот за вирусологија на Универзитетот во Гент. Што е она на што ќе бидеш посветена во наредниот период?

Јас конкретно сум единствената на мојот оддел која ќе работи на коронавирусот – под единствената мислам на тоа дека со мојот ментор почнуваме проект од нула. Знаеме дека ние луѓето сите си носиме свој уникатен сет на мутации кои нѐ прават посебни. Во последниве месеци се потврди дека одредени мутации во генот кој кодира за интерферон (сигнализирачки молекул кои го активираат нашиот имунитет во присуство на вирус) ги прават оние индивидуи кои ги имаат овие мутации поранливи на овој вирус.

Кај овие луѓе имунитетот многу доцна се активира и при тестирање во нивното грло или нос можат да се најдат многу високи концентрации од вирусот. За среќа нашиот имун систем има повеќе одбранбени механизми. Но, и покрај тоа вирусот наоѓа начини да измутира и да навлегува во нашиот организам многу полесно и поефективно.

Она на што ќе работиме започнува од еволуцијата на коронавирусот и новите мутации со кој вирусот полесно се шири и се распространува. И ова се само мал дел од фактите на кои се темели ова истражување.

 Во втората фаза би се обиделе да ги клонираме овие одбрани „мутанти“ и да ја видиме разликата во имуниот одговор кој тие го предизвикуваат – се разбира во лабораториски услови. А што понатаму? Сè зависи од тоа што ќе откриеме.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 10

Во Македонија, како медицинско лице, активно се бореше против коронавирусот. Сега, кога си во Белгија, како тие се справуваат со пандемијата во моментот?

Искрено немам контакт со луѓе. Постојано сум на работа, а на работа (во лабораториите или во болницата) сите носат маски. Ако нешто првично ме импресионираше е високото ниво на самосвесност.

Во истражувачкиот центар, конкретно во мојата канцеларија сме вкупно 8 докторанти заедно со мене. Додека сме на биро не носиме маска, но штом некој се доближи или стане од местото, маската веднаш е тука. Постојано се проветрува и се дезинфицира и никој не се жали поради тоа што мора да носи маска или поради тоа што долго време буквално ништо не работеше.

Не го знаев овој факт, но неодамна при разговор со мојот професор ми кажа дека доколку на улица те фатат без маска, казната е 200 евра. Не знам дали до сега некого казниле, но јас сѐ уште немам видено човек без маска.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 11

Веројатно си имала можност да зборуваш со луѓе од Белгија, каков им е ставот спрема корона вирусот? Се разликува ли начинот на гледање со оној на Македонците?

Често кога Македонец ќе се пресели има тенденција да зборува во суперлатив за „странската земја“, но јас едно нешто заклучив. Како што и во Македонија има паметни и не-толку-паметни луѓе, истото е и во Белгија. Овој факт го дискутирав со колегите баш пред некој ден.

Белгиската влада има проблем со луѓето од провинција кои се премногу традиционални и не веруваат во медицина. Со оглед на тоа дека барем 40% од населението живее во овие провинциски места, тоа значи дека речиси толкав процент одбива вакцинација.

Вакцината е најдоброто нешто што ни се случило оваа година и јас сум прва која ќе се вакцинира. Не сме знаеле што има во вакцината, ќе нѐ чипирале, ќе сме се разболеле... Што сè не се изначитав, ама само молчам зошто нема фајде.

Прво, сега во 2020 сигурно многу повеќе знаеме што има во вакцините од 1999 година, а сите имаме лузна од вакцина примена пред 2000 година. Второ, никој не ни става вирус, само ни даваат „информација“ со која нашето тело ќе создаде тренирани војници спремни за борба доколку вирусот нѐ нападне.

Трето, ова не е нова технологија, mRNA вакцините не се измислени сега, сега само кодот е друг, кодот кој ќе му каже на нашето тело сè што треба да знае за корона вирусот однапред.

И четврто, тестирањата за пуштање во употреба на нов лек траат со години зошто најчесто нема доволно пациенти и пари за да се спроведат побрзо сите тестирања. Во оваа пандемија не само што имаме премногу пациенти, туку и сите влади и индустрии ги влеваат сите средства во истражување и тестирање на овие вакцини. Нормално е дека вакцината е побрзо готова. А за останатите несакани ефекти за кои треба време?

Постојат предикциони алгоритми и за тоа. Но, сите се експерти за вакцини во денешно време, затоа до сега јасно никогаш не сум проговорила за оваа тема бидејќи колку и да сум „во науката“, ќе бидам скромна и ќе кажам дека ниту јас не сум експерт за вакцини. Јас сум само девојка која штотуку го почнува својот докторат.

marija janevska vakcinata e najdobroto nesto sto ni se slucilo ovaa godina i jas sum prva koja ke se vakcinira 8

Скопје е сега далеку зад тебе, Гент е градот во кој престојуваш во моментот. Какви сè тајни крие градот, кои нови навики станаа дел од твоето секојдневие?

Искрено пред да дојдам овде немав идеја како изгледа градов и немав никакво мислење за Белгија. Секогаш ја поврзував само со политика. Но, од првиот момент кога пристигнав со воз, јас се заљубив во Гент.

Гент е комбинација на фламанска архитектура и прекрасна храна, најчесто пржени компирчиња, белгиско чоколадо и премногу вино. Овде нема високи згради, највисоките куќи се до 2 ката висина и тоа е прекрасно! Архитектурата на момент многу ме потсетува на Ирска и оние куќи од тули со шпицести покриви, а на моменти ме потсеќа на германските замоци зошто куќите овде имаат кули кои се остатоци од старата архитектура, веројатно сега веќе не служат за ништо.

Целиот град е изграден на вода, односно е поврзан со канали налик на оние во Венеција. Тоа е многу нормално за сите стари европски градови со оглед на тоа што порано главно превозно средство со помош на кое се одвивала трговијата биле бродовите. Во денешно време овие канали немаат и некоја функција, но му даваат премногу романтичен изглед на градот.

Од друга страна, Гент освен што е многу стар град, се смета и за еколошки град или град на велосипеди. Овде речиси 70% од населението користи велосипед како превозно средство. Градот нашол начини како да ги мотивира жителите да не користат автомобил и доколку возиш велосипед градот ти плаќа за извозените километри.

Една од најинтересните навики беше дека овде вежбањето и здравиот живот е премногу имплементирано во секојдневието и на секој чекор има теретани и спортски сали. Јас и претходно бев активна со тоа што со години трчав секојдневно на кеј, но откако дојдов овде со оглед на тоа што во мојата зграда на приземје има теретана, вежбањето секое утро ми стана прекрасна навика.

Постои ли нешто во Белгија што те потсетува на Македонија, а што е она што е сосема поразлично?

Искрено ништо не ме потсетува на Македонија. Она што никако нема да ми фали е менталитетот и неприфаќањето, овде секој си гледа за себе и луѓето се многу посреќни.

Но, од друга страна она што ќе ми фали е топлината во луѓето кои ги запознаваш. Вистина е дека овде луѓето се поладни, но не е тоа така зошто се глупави – едноставно така се израснати, така се задоени. Не дека не сакаат, но не знаат да дадат љубов на друг начин, знаат да сакаат од далеку. Тие љубовта ја искажуваат на друг начин, најчесто преку почит и мали гестови.

И да, ќе ми фалат и македонските мажи. Овде сите се плави, високи, слаби и премногу повлечени за мој вкус. Македонските мажи знаат да флертуваат, а баш тој самоуверен флерт ми е слаба страна.

Имаше ли можност да прошеташ и низ други места во Белгија, што посети до сега?  

Со оглед на тоа дека речиси месец ипол бевме во локдаун и не можев да излезам од Гент, бев само во Брисел! Премногу голем за мој вкус, но интересен. Ќе ми требаат повеќе посети после пандемијава за да оформам мислење, но сигурно ќе го посетувам често во потрага по добри журки.

Веќе имам пријател кој често прави журки во неколку тамошни клубови и едвај чекам да дојде пролет. Следни за шетање во јануари ми се Антверпен и Бруж!

BeFunky collage 1

Секоја промена во животот ни отвора нови хоризонти. Почна ли да работиш на твое ново дело или можеби обврските со кои се соочуваш не ти дозволуваат да се внесеш во светот на творештвото?

За волја на вистината, првата недела кога дојдов овде веднаш почнав да пишувам нова книга, љубовна приказна која се случува во шеесеттите.

Не знам на што се должеше таа огромна инспирација, но мислам дека самиот град има некаква магија која е совршена за писателскиот ум. Едноставно инспирацијата сама тече и не застанува. Ќе видиме дали некогаш ќе ја завршам.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Катерина живее на Малта: „Ја напуштивме Македонија со две мали деца, воопшто не беше лесно“ „За Малта заминавме со 2 деца, Петар (6) и Огнен Георги (1) и не можам да кажам ...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Марио Савовски го посети Рио де Жанеиро: „Другари беа пречекани со пушки во фавелите, но градот ме п... „Едно нешто што не бев свесен е колку е всушност исполнет со ридови и планини са...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Ма... „Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршува...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg