Марија Ристовска: „Мексико е совршена летна дестинација, но плажите во Тулум имаат проблем со алгите“

„Мексико е незаборавно искуство, но локалците во внатрешноста на полуостровот живеат во трошни куќи, без тротоари на патиштата, без канализација, со многу слаб пристап на телефонска мрежа и речиси непостоечка интернет конекција, наспроти оние коишто живееа до крајбрежјето коишто функционираа нормално како кај нас.“, раскажува 32-годишната Марија од Скопје.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-01.jpg

Марија Ристовска (32) од Скопје, која работи како проектен менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, беше на летен одмор во Мексико со нејзината помала сестра Катерина.

Вели дека Мексико е една од државите кои ѝ оставиле најсилен впечаток, а досега ги има посетено: Сингапур, Танзанија (Занзибар), ОАЕ (Дубаи, Абу Даби во коишто и живеела неколку години), САД, Мексико, Швајцарија, Германија, Холандија, Шпанија, Италија, Франција, Австрија, Шведска, Данска, Словачка, Малта, Кипар, Турција, Романија, Хрватска, Црна Гора и сите наши соседни земји.

За CRNOBELO.com ги споделува впечатоците од Мексико:

Како испадна да го посетиш Мексико? Зошто токму оваа дестинација за летен одмор?

Веќе некое време размислував за Мексико како дестинација која ја замислував како една голема авантура и комплетно ново културно доживување, почнувајќи од храната, историјата, културата, плажите, текилата, музиката итн., но поради целата ситуација со Ковид-19, оваа идеја остана да „виси во воздух“ за некои подобри времиња.

Овој пат одењето испадна сосема случајно, „last minute“ што би се рекло, кога сестра ми виде на Инстаграм кај една наша агенција за далечни патувања дека се останати последни две места за Мексико, поради тоа што двајца патници се откажале од патувањето. Веднаш се јави кај нив и за многу кратко ни потврдија дека можеме да одиме преку нив. Имавме многу кратко време за да се подготвиме, да извадиме виза и да тргнеме.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-01_1.jpg

Првиот впечаток по слетувањето?

Слетавме на аеродромот во Канкун и првиот впечаток беше дека воздухот е многу влажен и дека секаде ќе треба да носиме многу лесна облека, шешир и шише со вода, но, бидејќи насекаде околу нас се наоѓаа палми и колоритни локални куќи сите (патувавме со група луѓе од Скопје) разговаравме и бевме возбудени за она што следуваше и што сакаме да го посетиме при патувањето.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-02.jpg

Каков впечаток ти оставија локалците?

За разлика од општото мислење дека сите локалци се страшни и криминалци, вистината беше сосема поинаква, барем за крајбрежниот дел на Мексико и местата кои ние ги посетивме. Сите локалци беа многу љубезни, расположени, насмеани, навистина питоми и топли луѓе.

Голем дел од нив работат за да преживеат и продаваат најразлични ракотворби од своите домови (кога се вози до кој било од туристичките локалитети, се наоѓаат веднаш до патот, долж него, до туристичката атракција) или пак продаваат свежо или спакувано овошје на или покрај плажите, најчесто манго или кокос.

Многу често, свиреа, пееја или продаваа низа работи заедно со своите деца. Келнерите и водичите пак, со кои имавме прилика да се запознаеме, беа исто така многу љубезни и несебично ни ги раскажуваа своите животни приказни.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-03.jpg

Плажите во Мексико се…

Многу различни … Ние посетивме три острови и три различни градови и буквално секоја плажа се разликуваше една од друга. Најголем дел од плажите беа со кристално чиста сина боја и со долги песочни плажи со ситен бел песок и многу палми (како на филмовите), но имаше и плажи кои имаа проблем со морските алги (наречени Саргазо) кои во некои градови, особено во Тулум, правеа да е невозможно да се капеш во морето (ги имаше во изобилие и имаа некој не многу пријатен мирис).

Ова е генерален проблем кој се има јавено во Мексико, според локалците, во последните неколку години и најчесто е најизразен во „дождовната“ сезона т.е. од мај до октомври.

Сепак, плажите, особено во Канкун и на островот Козумел беа неверојатни.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-04.jpg

Какво е морето? Дали е студено за капење, има ли бранови или е мирно?

Технички се смета дека овој дел од Мексико (Riviera Maya) излегува на таканареченото Карипско Море и се нарекува Mexican Carebbean. Воопшто не беше студена водата за капење, дури напротив, на некои места беше топла, а бранови речиси и да немаше освен кога имаше ветер, ама и тие беа незначителни.

Во принцип водата беше мирна и чиста, наменета за уживање, за посетители од сите возрасти.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-13.jpg

Каква е климата? Кој период од годината е најдобар за посета на Мексико?

Ние отидовме во т.н. дождовна сезона, кога се очекуваат повремени тропски дождови, бидејќи сакавме да избегаме од топлиот августовски бран во Скопје. Климата таму беше пријатна, времето беше сончево сите денови, температурата беше пониска од Скопје – беше околу 30 степени, но беше доста влажно и на некои луѓе им беше потешко да го поднесат ова.

Последниот ден имавме „среќа“ да искусиме и тропска бура која прерасна во ураган – ураганот Грејс, но за среќа помина без некои посериозни последици и оштетувања на местото каде што бевме сместени, па го гледаме како уште едно искуство во целата оваа авантура.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-05.jpg

Каква е архитектурата?

Исто како и плажите и архитектурата се разликуваше од место на место. Островите се одликуваа со најразновнидни куќички на локалците обоени во најразлични интензивни бои, надополнети со улични графити (кај голем дел од нив), додека пак Канкун се одликуваше со класични градби на познати синџири на хотели, уредени тревници, голф терени, ексклузивни трговски центри итн.

Мене најголем впечаток ми остави Тулум, затоа што целиот град е направен во т.н. бохо стил, кој иако се наоѓа покрај плажа, има главна улица, која е опколена со многу дрвја и кога се движите низ неа имате чувство дека сте во џунгла. Во Тулум нема никаква модерна архитектура и речиси сè беше изработено од бамбусови или други еко-френдли локални материјали.

Најголем дел од хотелите во овој град користат био-разградливи производи или воопшто не користат пластика, а дел од нив се направени и да се самоодржливи со соларни панели, користење на дождовна вода за наводнување, без клима во собите – дизајнирани специјално да се ладат од брановите на морето, храна која се носи директно од локалните пазари итн.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-06.jpg

Дали е низок стандардот на живот?

Стандардот на живот во овој дел од Мексико е нешто понизок од кај нас, со тоа што некои работи се поскапи, некои се поевтини. Разговаравме со еден човек кој работеше во еден од рестораните и ни кажа дека просечната плата на луѓето од оваа индустрија е околу 300 американски долари месечно, но поради бројните туристи преку целата година, добро се живее од бакшиш.

Квалитетот на животот на локалците што живеат во крајбрежниот дел драстично се разликуваше од оние во внатрешноста на полуостровот, кои буквално живееја во трошни куќи со најосновни услови за живот.

marija-ristovska-meksiko-e-sovrshena-letna-destinacija-no-plazhite-vo-tulum-imaat-problem-so-algite-07.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Теона Манго го посети Мексико: „Тулум е рај, а локалците се фини, но знаат да лажат за да ти земат п... „Тулум е еден одличен спој на одмор и забава. Ова е место каде што можете рано н...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Ива од Скопје за одморот на Малдиви со две мали деца: „Сменивме 3 авиони и глисер, патот е напорен, ... „Патувавме скоро 24 часа, летавме од Белград, сменивме 3 авиони и плус глисер до...
Дани Ѓуровска за патувањето во Куба со бебе: „Лекови тешко се наоѓаат, пелени продаваат на тезга, а ... „Натаму патувавме 15 часа, а за назад имавме патешествие и се враќавме речиси 2 ...
Валентина Николовска за Малезија и Борнео: „Се дружев со домородно племе, пливав во река каде живеат... „Љубезноста која ја поседуваат денес племенските припадници, не сум сигурна дали...
Тони Гогов работи на Крит: „Локалците се многу љубезни, плажите неверојатни, а критските специјалите... „Односот со локалците на Крит е пријателски и топол, особено ако покажете почит ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg