Здравко Чолиќ за CRNOBELO: „Сопругата ме ‘врза’ со толеранцијата, јас никогаш не сакав да се женам“
Во едно интервју рековте дека поради неодлучност, 11 години сте биле во врска пред да се венчате, а веќе сте 23-4 години во брак, ми се чини... Како ја одржувате љубовта после сите овие години?
Па, тоа е сега веќе навика, ха-ха. Сите луѓе кои имаат долг стаж, верувам дека имаат и меѓусебно почитување, верност, непоколебливост, грижа околу семејството, но и пријателството кое постои меѓу оние што се во брак, тоа е најважно.
Најлесно е да се разведеш, знаеш, но за луѓе кои се заедно со години, тоа и не е толку едноставно.
Мојата поента во приказнава е дека јас секогаш се плашев од брак и од некоја врска. Јас и не сакам некакви условувања, врзувања и слично.
Па со што ве „врза“ Александра, тогаш?
Со својата толеранција, со трпението.
Знаеш, постојат некои норми во животот. Сакам да кажам, човек не мора никогаш да се ожени, да има деца.
Јас имав страв од обврски, но низ врската со Александра стекнав доверба во неа, и таа во мене, и така стапивме во брак.
За бракот не би требале да зборуваме како за институција поради која сега ти треба да се менуваш 100%.
Ако гледаш така на работите, тогаш не треба да се мажиш или жениш.
Имате две ќерки, но која од нив е повеќе поврзана со вас, која ви е миленичка? И дали сте строг татко?
Мислам дека требаше да поминувам повеќе време со децата низ годините. Сопругата беше повеќе покрај нив отколку јас, и жал ми е што е така.
Тато е тато и тој е главен, но би сакал да им дадев повеќе внимание, љубов и грижа, кои поради мојот начин на живот беа такви какви што беа. И затоа е мајката најважна.
Па и во моето семејство мајка ми беше најважна. Татко ми работеше во Министерство за внатрешни работи, секогаш беше на терен. Но, кога пораснавме стана полесно.
Кога го споменавте детството, колку сте близок со својот брат Драган? Раскажете ми едно убаво сеќавање од детството...
Јас го сакам брат ми, ние сме 4 години и три месеци разлика. Тој е музички човек, критичар и никогаш не се осмели да биде пејач. Но, секогаш ме поддржувал во мојата кариера.
Како деца, јас бев одличен ученик, тој за нијанса послаб, но него не го интересираше школото. А многу е интелигентен.
Се сеќавам, во Сараево живеевме во еден мал стан, двособен. Јас секоја вечер седев со гитарата, и на она старо радио на Тесла, слушав Радио Луксембург и ги запишував текстовите на тогашните светски хитови, па ги свирев.
Бидејќи знаев добро англиски, ги разбирав, но не можев со едно слушање да ја запишам песната.
Па чекав во текот на ноќта да се сврти 3-4 пати, а јас да почнам да ја запишувам, па на следното слушање да го продолжам текстот, па сè така малку по малку додека не ја запишам целата.
А брат ми знаеше да стане наутро од спиење и да прераскажува дека не спијам воопшто ноќе, од што сум упорен да успеам.
Низ годините имаме многу спомени, заеднички патувања, дружења и само ќе завршам со тоа дека Драган е многу духовит и моја голема поддршка.
Дали и понатаму трчате и вежбате скоро секојдневно? Како го одржувате младешкиот изглед?
Последниве години малку помалку, но активен сум. Кога ќе дојдам во Скопје се качувам на Водно, одам до крстот.
Воглавно, се придржувам до некоја рекреација, но тоа не е ништо претерано.
Не одам во теретана, но преку лето сакам да пливам, да шетам, правам атлетски вежби кои ми се во крвта, но, искрено, во последно време не можам да се пофалам.
3 работи од Македонија кои ви се омилени?
Како три? Има 300 работи. Еве, да речеме македонските девојки, жени...
Па имало ли Македонки во вашиот живот?
Имало, како да не. Па, замисли да немало. Љубовта е важна.
Е сега, следни ми се Охридско Езеро и пастрмката, јагнешкото во Гевгелија, во Мрзенци, а не можам да ги заобиколам ни македонскиот темперамент и музиката кои се високо на листата, зашто во Македонија можат да поминат само пејачи што знаат да пеат, не и оние кои фолираат.
И затоа ми е убаво кога ќе дојдам кај вас и уживам во убавината, климата, воздухот, без оглед дали е во прашање Скопје, Охрид, Маврово, Шар Планина.
Но, кога е земјава во прашање, јас сум субјективен, со оглед на тоа колку сум доаѓал тука често. И мислам дека себеси гордо можам да се наречам Македонец.
А која ви е ваша омилена песна без која не може да помине ваш концерт?
Се менуваат, зашто има текстови кои лично те допираат. Но, би ја одвоил мојата прва песна од „Шлагери на сезоната“ - „Синоќ ниси била ту“, од 1972 година, од почетокот на кариерата.
Но, има многу песни, па не можам да се решам.
Но, не, сепак нека биде оваа, бидејќи тогаш ја добив мојата прва награда за интерпретација и освоив 3-то место од публика.
И тогаш во „Вечерњи лист“ во Загреб и во „Експрес политика“, излезе наслов: „Се роди ново име - Здравко Чолиќ“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





