Наташа од Битола направи свадбена торта ремек-дело: „Висока 2 метри, тешка 120kg, со 750 цветови покриени со 24-каратно злато“
- Детали
- петок, 10 јули 2026
„Рачно изработивме повеќе од 750 цветови, а секој цвет беше покриен со 24-каратно злато - исклучително деликатен материјал, кој бара голема прецизност и трпение при работа. Листовите од злато се многу тенки и нежни, па нивното поставување бараше максимално внимание за да не се оштетат“, вели Наташа Исковска од Битола за изработката на една од највпечатливите свадбени торти во Македонија.

Наташа Исковска од Битола веќе 13 години се занимава со изработка и декорирање на торти и ја води фирмата „MM Sweets Bitola“.
Taa направи торта уметничко дело, која слободно може да се прогласи за една од највпечатливите свадбени торти во Македонија.

Наташа за CRNOBELO.com вели:
„Изработката на оваа свадбена торта беше еден од најголемите предизвици со кој сме се соочиле досега.
Тортата беше висока 2 метри, со ширина од 1,3 метри во основата, а зад нејзината реализација стоеше голем тим на луѓе и речиси еден месец интензивни подготовки.

Сè започна со внимателно осмислување на нејзиниот изглед.
Како модел имавме мала торта, според која требаше да ја пресоздадеме оваа грандиозна верзија, водејќи сметка секој детаљ да биде совршено пренесен.
Големата површина бараше огромна прецизност за да се добие беспрекорен и гламурозен изглед.

Посебен предизвик беа цветовите. Рачно изработивме повеќе од 750 цветови, при што секој лист беше моделиран поединечно, а потоа составуван во цветови и гранки.
Секој цвет беше покриен со 24-каратно злато – исклучително деликатен материјал, кој бара голема прецизност и трпение при работа.
Листовите од злато се многу тенки и нежни, па нивното поставување бараше максимално внимание за да не се оштетат.

Откако тортата беше целосно подготвена, заедно со мојот тим внимателно ја транспортиравме во неколку делови со големо комбе до ресторанот.
И таму следуваше истата постапка - полека и со огромно внимание ја составивме и ја поставивме на местото каде што требаше да биде централниот украс на вечерта и вистинска круна на прекрасната декорација.
