Златко Јовановски: „Во основно ми го шутираа ранецот, ме туркаа во радијатори - простив, но никогаш нема да заборавам“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Памтам, имав школски несесер, кој кога ќе го отвориш, имаше 4 помали несесери и во секој имав премногу фломастери, дрвени бои и слично. Ми го фрлаа низ прозор само затоа што бил „женски“! А тој беше син, со огромен слон на него! Ден денес го чувам“, напиша нашиот дизајнер и откри детали за врсничкото насилство што го трпел.

Нашиот моден креатор со светска кариера, чии фустани носеа Талија, Ава Макс, кој имаше ревии на модните недели во Париз и Кина, за кого пишуваше и Vogue, раскажа за детството, кога и самиот бил жртва на врсничко насилство.
Тој преку Инстаграм Стори сподели дел од ситуациите во кои се нашол уште во основно училиште, а призна дека и денес добива секакви коментари, но дека не се осврнува на нив.
Златко напиша и дека е важна поддршката од родителите, а тој ја имал од своите, особено од мајка му, која отсекогаш верувала во неговиот талент и уникатност.
Својата исповед, Јовановски ја завршува со пораката дека снимањето насилство, исто како и самото насилство влијае врз жртвите, а бидејќи не се сите силни, не разговараат и немаат поддршка, постојат случаи на самоубиства кај деца што биле малтретирани.

Во објавата на Златко пишува:
„Мислев дека ќе останам воздржан, сакав да останам воздржан, ама не можам. Ако пишам сега „Стоп за врсничкото насилство“ или ако ги пцујам сите што тоа го правеле и го снимале, мислам, за жал, дека нема ништо да сменам!
Ама затоа сакам да дадам еден совет и поддршка за сите деца, тинејџери коишто доживуаат насилство од околината или соучениците! Не сте сами на овој свет! И јас бев еден од вас.
Немојте да дозволите таквите дегени, ликови и простаци да ве поколебаат во тоа дека вие сте лоша личност!
Дека сте нешто помалку од нив само затоа што сте поразлични и не се вклопувате во општеството како тие што сакаат!
Верувајте ми, не е битно дали сте дебели, слаби, високи, ниски, богати, сиромашни, дали сте со повеќе машки или женски хормони – едноставно, ние тоа не го бираме! Така Господ нè создал!

Немојте да се плашите - и тоа ќе помине! Немојте насилството што го трпите да ве направи помалку храбри, помалку самоуверени или затворени да седите во едно ќоше во вашата соба! За инает бидите сè што сакате да бидете!
Изгледајте така како што вие сакате! Бидите среќни и терајте свој филм! Кога ќе се видите во огледало кажете си ’Јас можам! Јас сум ѕвезда! Јас сум најдобар/а!‘.
Мене ми го шутираа ранецот во основно школо само затоа што мојот беше портокалов со флуоресцентни линии и не беше ист како сите други досадни црни и тегет! Со истиот ме туркаа во радијатори!

Мене ми ги газеа намерно патиките само затоа што ми беа светло плави со бордо. И после, кога сите носеа Converse старки, јас купив Converse сребрени како фолија! Шл’штеа! Појаки! Почудни!
Беа некоја специјална серија (отсекогаш си бев будала и ексцентричен ха, ха). Ќе пукнеа затоа што јас бев сè похрабар и похрабар.
Им беше криво што бев со сите петки, одличен! Им беше многу криво што често мои цртежи имаше во списанијата за деца „Другарче“ и „Развигор“.
Денешниве деца не знам дали имаат такви магазини во школо… Јас цел живот уметник. Сите мои цртежи беа на изложби уште од тогаш!
