Дарио Панковски: „Излегував во најпопуларните шминкерски кафулиња и дискотеки, и денес би облекол кожени панталони“
- Детали
- петок, 13 февруари 2026
„Не готвам, но сакам да си подготвувам интересни ‘бранчови’. Хит ми се оние со авокадо, јајца, путер, домат, мортадела и домашно испечен топол леб, лудница!“, вели Дарио во интервју за CRNOBELO.com, каде што зборува и за долгата музичка кариера, стилот по кој е препознатлив, и поддршката од семејството.

Кога ќе се спомене името на Дарио Панковски, на прва ви текнува на „Косоока“, „Ладна како камен“, „Дупла водка“ - песните кои се безвременски хитови и кои ќе ги слушаат и идните генерации.
На прва ви текнува и на неговиот беспрекорен моден стил, и на сцената, и надвор од неа.
Но, кога ќе се спомне Дарио, прва ви текнува и на неговата енергија пред публика, со која плени, а поради што не можете, дури и да се трудите, да останете рамнодушни. Па станувате, почнувате да играте и да пеете.

И тоа не се случува само сега, туку цели четири и пол децении, години во кои Дарио е активен на музичката сцена, прво со својот „Миг 21“, а потоа и како соло артист.
За сето ова време, најголемата поддршка, сила, но и повремени критичари му се саканите - сопругата, синот и ќерката.
Иако не крие дека се блиски, ретко кога зборува за нив и скоро и да не објавува фотки на социјалните мрежи.

Но во интервјуто за CRNOBELO.com, тој вели:
„Мое мислење е дека кога децата беа мали, можеби беа по малку љубоморни, мислејќи дека некој ќе им го „украде“ тато, ха, ха, но затоа денес се апсолутно горди на секој поглед и комплимент што го добивам“.

За долгата и плодна музичка кариера, за модниот стил и излегувањата низ Скопје кога бил помлад и денес, но и кои му се трите омилени места во градот, ни раскажа во интервјуто:
Пред Нова година го промовиравте албумот „Ковчег со злато“, и го издадовте и на ЦД, а не само преку онлајн платформите... Како музичар со неколкудецениска кариера, ви фали ли времето на винилки, касети, ЦД-а? Беше ли тогаш и музиката поинаква?
Новиот албум „Ковчег со злато“ го објавив тенденциозно во форма на ЦД за сите оние кои ја сакаат мојата музика, поради тоа што сакав луѓето да имаат нешто што физички ќе го допрат и почувствуваат, нешто што навистина постои материјално.
Нешто слично како некогаш со плочите, касетите, па и ЦД-ата, да имаат своја сопствена музичка колекција.
И да, можеби за некого е носталгично, но генерално и мене, но и на светот му фали тоа време, времето во кое се направени сите најголеми, безвременски и бесмртни хитови.
Сепак, за да бидам во тек со актуелните трендови, наскоро на платформата Spotify ќе биде објавен новиот албум, заедно со целокупната досегашна моја дискографија, односно сите мои албуми од 1991 година до сега.

Што содржи вашиот музички ковчег со злато? Ако треба да направите избор од 5 ваши омилени песни (не по вкусот на публиката, туку по вкусот на Дарио) кои би ги избрале?
Ако зборуваме за целокупниот мој музички ковчег во изминативе децении, тогаш тоа е прилично неблагодарна работа, но некаков мој најинтимен избор можеби би бил... но само можеби: 1. Човек без спомени, 2. Не верувам во небо, 3. Меѓу сите ѕвезди, 4. Какви се ова времиња и 5. Зајди јасно сонце.
