Бубе Јаневска за стилот и убавината: „Имам над 35 сакоа, откако пијам 2.5l вода дневно имам поубава кожа и коса“
- Детали
- четврток, 04 декември 2025
„По еден период на „мрза“ сега сум повторно физички активна. Сѐ уште немам доволно кондиција за да го дадам максимумот, но со секој тренинг сѐ повеќе напредувам“ - вели Бубе Јаневска и ни ги откри тајните на својата убавина, стилот, негата на телото и лицето.

Презентерката на вести, Љубица Бубе Јаневска, е едно од најпрепознатливите телевизиски лица кај нас.
Секогаш средена, дотерана со вкус, Бубе изгледа одлично на ТВ екраните, но и надвор од нив.
Поради работата, нејзиниот стил за на вести се разликува од приватниот.
За тоа каков тип на облека преферира, како ги негува лицето и телото, но и дали вежба и како се храни, ни раскажа низ разговорот за CRMOBELO.com.

Стил на облекување
Стилот што го негувам последниве години е лежерен. Секој ден се заблагодарувам што дојде модата на патиките и рамните чевли и што модните трендови сега дозволуваат разно-разни комбинации со кои, од една страна изгледаш модерно, а од друга - удобно.
Кога ќе се сетам дека пред 15-тина години секаде одев на штикли и дека најмногу трошев пари за чевли на потпетици, си велам „Леле, како сум издржувала“.
Но, ете со текот на времето се менуваат приоритетите. Некогаш ми беше битно да изгледам привлечно, елегантно и модерно, а сега единствено што ме интересира е само удобноста и со леснотија да чекорам во денот.
Секако, тоа не значи дека веќе не облекувам чевли на потпетици. Ги носам само за специјални поводи, на настани каде што модерирам, некакви свечености и слично.
Така и со облеката. Онаа елегантната е за специјални прилики, а за секој ден лежерна варијанта, најчесто џинс, а дома тренерки.
Морам да признаам дека нешто што најмногу влијаело врз градењето на мојот стил низ годиниве како презентер на вести, се сакоата, а ги имам над 35.
Најчесто купувам кај нас, но секако при патување во странство не пропуштам прилика доколку нешто ми се допаѓа да си го купам.


И буквално, на секое патување без оглед на годишните времиња без патики не тргнувам.
Во последниве години, кога станува збор за купувањето облека, на прво место ја ставам ќерка ми, бидејќи постојано расте, а веќе почнува да ја следи модата, па и таа си има свои барања и желби.
А што се однесува до она што не би облекла... Не знам дали тоа е затоа што не сакам, не се чувствувам убаво или затоа што немам храброст - но имам едни панталони со животински принт кои сѐ уште не ја видоа „светлината на денот“ веќе 4-5 години.
И претпоставувам дека нема ни да ги облечам така што ќе бидат подарени.
Одамна престанав да се врзувам за парчиња затоа што тоа доведе да немам каде да ја сместам гардеробата и останатите детали.
Омилено ми е сѐ што ми е удобно, а штом нешто носиш постојано, веројатно значи и дека ти е омилено, па така не би издвоила некое посебно парче.


