„Учев на свеќи, во контакт сум со биолошката мајка“: Марија од Пехчево порасна во СОС Детско село - денес е магистер по право

„Би лажела ако кажам дека целото мое детство било тешко, иако подоцна стана. Живеев во голема, но трошна куќа со мајка ми, баба ми, дедо ми и брат ми, функциониравме сосема нормално. Но, кога мајка ми ја изгуби работата и фирмата отиде во стечај, работите почнаа да се влошуваат“, вели Марија за CRNOBELO.com, која денес е правник и гради убав живот и кариера.

uchev-na-svekji-vo-kontakt-sum-so-bioloshkata-majka-marija-od-pehchevo-porasna-vo-sos-detsko-selo-denes-e-magister-po-pravo-01.fw.jpg

Mарија Сaмарџиска е родена во Пехчево, каде што живеела и одела во основно училиште до шесто одделение, по што го продолжила и завршила образованието во Скопје. Но таа е и девојка која пораснала во СОС Детското село.

Во моментов, Марија работи како адвокатски приправник во адвокатско друштво во Скопје, а има и лидерска позиција и води сопствен тим во рамките на Safe Life академијата.

На 10 март 2025, таа магистрира во областа на меѓународно јавно право, меѓународни односи и право на Европската Унија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и успешно ја гради својата кариера.

Марија е доказ дека кога нешто сакаш многу, не е важно од каде потекнуваш, каде си израснал, туку што е тоа што го носиш во себе и те води напред кон целта.

Во интервју за CRNOBELO.com, оваа млада девојка зборува за детството со баба и дедо, растењето во СОС Детско село, за животните предизвици кои ја направиле посилна како личност.

uchev-na-svekji-vo-kontakt-sum-so-bioloshkata-majka-marija-od-pehchevo-porasna-vo-sos-detsko-selo-denes-e-magister-po-pravo-05.jpg

Прочитајте го целото интервју со Марија:

Ти си дете растено во СОС Детското село. Од колку години беше таму? Каква е твојата животна приказна пред доаѓањето во СОС?

Добро се сеќавам дека беше лето, штотуку завршив шесто одделение, односно имав околу 12 и пол години, кога со автомобил дојдоа мојата СОС мајка и претставниците од СОС Детско Село и ме однесоа таму.

Исто така, јасно се сеќавам на моментот кога неколку месеци подоцна, во декември, првпат во мојот живот прославив роденден, мојот 13-ти, првпат имав моја детска соба, биро за учење.

Искрено, би лажела доколку кажам дека целото мое детство било тешко иако подоцна стана.

Напротив, во еден период сè беше во ред, во голема, но трошна куќа живеевме сите заедно - јас, мајка ми, баба ми, дедо ми и брат ми и функциониравме сосема нормално.

Но, во моментот кога мајка ми ја изгуби работата, а потоа и нејзината фирма отиде во стечај, работите почнаа да се влошуваат.

Потоа следеше и моето запознавање со татко ми, кого до мојата 11-та година не го познавав, но за жал нашето запознавање траеше многу кратко, бидејќи набргу потоа тој се самоуби.

Потоа дојде период на сериозна финансиска криза, кога веќе не бевме во можност да ги задоволиме ниту основните потреби за храна и нормален живот.

Се сеќавам, имаше моменти кога ни беше исклучена струјата па седев, учев и пишував домашна на свеќа.

Сепак морам да признаам дека бев среќно дете, иако бев свесна дека живеам во дисфункционална средина, знаев дека моите баба и дедо ја даваат и последната капка од себе за да ни обезбедат подобар живот мене и на брат ми.

Од нив ги научив најаважните животни лекции што ме обликуваа во личноста којашто сум денес и верува дека со силна волја, напорна работа и труд, дури и најобичниот камен може да се претвори во дијамант.

Особено значајна поука од дедо ми беше никогаш да не ги гледам луѓето по нивната националност, вера или статус, туку да ги делам само на луѓе и нелуѓе. 

Додека, пак, ако ги прашате луѓето од моето мало гратче за мене, ќе ви кажат дека сум го наследила карактерот на баба ми, нешто на што особено се гордеам, бидејќи за мене таа жена беше синоним за храброст и сила и покрај сè што поминала во животот никогаш не ја видов да се откаже или да каже чекај, јас не го можам тоа, туку дури и поминуваа месеци, па и години, но таа секогаш наоѓаше начин да продолжи понатаму и да го направи нештото.

uchev-na-svekji-vo-kontakt-sum-so-bioloshkata-majka-marija-od-pehchevo-porasna-vo-sos-detsko-selo-denes-e-magister-po-pravo-02.jpg

Дали ги познаваш твоите биолошки родители, имаш ли контакт со нив (или со некој од поширокото семејството и роднините)?

До денденес сè уште одржувам контакт со мајка ми, таа доѓа во Скопје, јас одам кај неа.

Од аспект на роднините, со дел од нив сум во комуникација, имајќи предвид дека поголемиот дел веќе се иселени, некои во други градови, а некои во странство.

Со дел воопшто не се ни познавам, особено од страната на татко ми, со оглед дека тие се големо семејство, а на некои веќе и не се сеќавам.

Дел од роднините сè уште живеат во моето родно Пехчево и во родното село на татко ми Русиново, па кога сум во можност им одам на гости, а особено ми се драги и соседите од моето родно маало.

Но и со оние со кои сум во контакт, морам да признаам дека внимателно ги селектирам, бидејќи, можеби ќе звучи малку сурово, но за мене не постои разлика дали сме крвно поврзани или не, ниту пак дали сме роднини од прв, втор или било кој степен.

Исклучиво ги ценам оние кои низ целото мое растење биле тука за мене, и тоа не нужно на материјален начин, туку преку морална поддршка, додека, помалку внимание обрнувам на оние кои по долг временски период се јавуваат и се претставуваат како роднини, откако веќе сум пораснала, сум се изградила како личност и сум исполнила дел од моите животни цели.

Поради тоа, често сум наидувала на одредени предрасуди дека сум неблагодарна, претенциозна и слично, но за жал, тоа е ставот по кој јас се водам низ целиот мој живот.

uchev-na-svekji-vo-kontakt-sum-so-bioloshkata-majka-marija-od-pehchevo-porasna-vo-sos-detsko-selo-denes-e-magister-po-pravo-03.jpg

Како изгледаше еден твој типичен ден додека растеше во куќата во СОС Детско село?

Како и секој нормален ден за време на школската година, во зависност од тоа дали бев прва или втора смена.

Станував, се подготвував за школо, одев и се враќав дома, по што следеа и моите хоби активности.

Како и сите деца кај нас, секој согласно своите желби, и јас во различни периоди од детството тренирав фудбал, кошарка, ракомет, теквондо, карате учествувајќи и на натпревари и спортски активности во школо.

За време на распустите, доста патувавме, особено на подолги одмори кои траеја по неколку недели, посетувавме места како Италија, Охрид, но и учествувавме во различни проекти во други држави.

За време на викендите, особено додека живеев во куќата со СОС мајката, често патувавме без разлика дали тоа беше во Скопје или надвор од градот, одевме на посети кај нејзините родители и блиски пријатели.

Токму затоа морам да кажам дека во ниту еден момент не сум се почувствувала како да живеам во средина поразлична од другите деца, и тоа благодарение на посветеноста и начинот на кој СОС мајката се грижеше за нас.

Потоа следеше периодот во младинската куќа, еден вид полунезависен живот за време на моето средно образование.

Тој период беше од исклучителна важност за мене, бидејќи таму се подготвував и едукативно, и ментално, но и практично за животот што следи по напуштањето на грижата.

Често излегував, пешачев и поминував време со друштво. Имаше и периоди кога излегував со друштвото на брат ми, па тој се лутеше, сосема типично за тинејџерскиот начин на живот.

Кое е ти е најубавото сеќавање од детството таму?

Дефинтитивно прославта на мојот прв роденден во животот - мојот 13-ти роденден.

Потоа заедничките одмори со децата од СОС и од другите згрижувачки семејства, различните секојдневни дружења и активности во дворот и игралиштето на детското село.

Односот кој го изградив со повеќето згрижувачи и вработени таму базиран на доверба, почит и разбирање.

uchev-na-svekji-vo-kontakt-sum-so-bioloshkata-majka-marija-od-pehchevo-porasna-vo-sos-detsko-selo-denes-e-magister-po-pravo-04.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Владо Георгиев за CRNOBELO: „Јас, како маж, не треба да им викам на своите ќерки, со сопругата не им... „На скала од 1 до 10 колку сум строг како татко, би рекол 2 ха, ха. Ние татковци...
Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...
Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 не... „Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев ...
Марио (21) од Битола учи факултет и има фарма во село Крклино: „Носам кози на пасење, собирам јајца ... „Живеам во Битола, но на имотот од дедо ми во село Крклино на 15 години ја започ...
Инспиративната приказна за Леон (3) од Скопје и неговите дедовци - со едниот спортува, со другиот од... Игрите со дедо се лекции за цел живот, а врската дедо-внук е нераскинлива. Леон ...
Љубовната приказна на Тања Кочовска и Предраг Павловски: „Ме запроси во 5 наутро, на секоја жена ѝ п... „Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше 4-5 години, а јас бев тогаш во екот...

Најчитани неделава