На гости кај Латифа на баклава: Стан во скопски Сарај од 111m², со впечатливи бои и детали со текстура
- Детали
- сабота, 13 јуни 2026
„Празничната маса со мермерен принт и крем столици ја уредив со златни и жолти детали, свежо цвеќе и внимателно одбрано мени за нашите најблиски. Она што навистина му дава уникатен печат на станот се текстурите и уметничките детали. Покрај главната дневна, имаме и втора дневна соба за релаксација каде што доминира прекрасен акцентен ѕид со текстура на природен камен“ - вели за CRNOBELO.com Латифа Мехмети.

Латифа Мехмети e професорка по право, сопруга и мајка на 3 ќерки, а со семејството живее во стан од 111m² во скопската населба Сарај.
Впечатливо е тоа што станот има две дневни соби, уреден е со помош на архитект, но идеите биле лично нивни, а во домот преовладуваат впечатливи бои, контрасти и детали со текстури.
По повод празникот Бајрам, Латифа неодамна подготви традиционална баклава, а ни дозволи да ѕирнеме како изгледа уредувањето во нивниот дом, но и празничната трпеза.
За CRNOBELO.com Латифа вели:
„Уредувањето на овој стан беше процес во кој ја внесовме целата наша креативност.
Просторот е осмислен со помош на архитект, но најголемиот дел од работата, идеите и финалното уредување ги реализиравме сами со сопругот.

Сакавме секој агол да ја пренесува топлината на нашето семејство, па затоа лично се посветивме на секој детал.
Инспирацијата ни беше да создадеме модерен, елегантен простор кој во исто време ќе биде исклучително функционален и пријатен за секојдневието со нашите три ќерки, но и за пречек на гости.

А има ли поубав повод за полн дом од големиот празник Бајрам?
За празничните денови, срцето на домот станува трпезаријата, каде што со голема љубов ја подготвувам традиционалната баклава, која овој пат ја декорирав со сушени ружи за еден помодерен спој на традицијата и естетиката.

Празничната маса со мермерен принт и крем столици ја уредив со златни и жолти детали, свежо цвеќе и внимателно одбрано мени за нашите најблиски.

Во главниот отворен простор, каде што се споени кујната и дневната, доминираат моќни контрасти.
Кујната е изведена во мат темна нијанса (антрацит) во комбинација со топли дрвени тонови и скриено лед-осветлување.
За да го скршам класичниот распоред, во просторот поставивме и елегантна единечна фотелја со минималистички дизајн која нуди дополнителен комфор за долгите празнични разговори.

Она што навистина му дава уникатен печат на станот се текстурите и уметничките детали.
Целиот простор е дизајниран во modern / contemporary стил со внимателно избрани неутрални тонови, чисти линии и модерно осветлување.

Првиот впечаток е сè.
Ходникот ве пречекува со впечатлив јутан тепих со кружни форми, конзолна маса со стаклени ногарки, големо огледало и моќен темен плакар со вградена клупа за седење. 3D текстурираната слика на ѕидот веднаш најавува уникатен стил.
Влезниот дел е комбинација од modern, Scandinavian i Japandi елементи.

Покрај главната дневна, имаме и втора дневна соба за релаксација каде што доминира прекрасен акцентен ѕид со текстура на природен камен и амбиентално осветлување, кој совршено се контрастира со длабоката темнозелена боја на гарнитурата. Ова е делот каде што нашите три ќерки најмногу уживаат во играта и празничната магија.

