Кристина Арнаудова револтирана откако обезбеди летување за 26 деца: „Аплаузи се резервирани за оние кои го сликаат секој свој чекор“
- Детали
- недела, 07 јуни 2026
„Мојот живот веќе 11 години е во главно ова. Борба за секоја една донација. И за секое дете! За еден тон проекти, и сето тоа без многу бука, галама и фама! Ако сте едни од тие на кои им е мачно еден лајк да стават за поддршка на „Проект среќа“, не гледам зошто би ме следеле мене?“, напиша Кристина.

Кристина Арнаудова, која повеќе од една деценија го води своето здружение „Проект среќа“, а преку кое помага на многу деца, но и ранливи семејства, ретко споделува информации за својата работа.
Музиката и јавниот живот одамна не ѝ се приоритет, туку хуманитарната работа со која се занимава и со која сака да ги усреќи барем малку оние на кои им треба подадена рака.

Сепак, Кристина е револтирана што поддршката која му е потребна на здружението, за да допре до што е можно повеќе луѓе, изостанува од страна на оние кои, како што вели таа „имаат и повеќе од доволно“, а аплаузот и наградите ги добиваат тие што го „сликаат секој свој чекор“.
Таа на Инстаграм откри дека за летово, со помош на донации, успеале да обезбедат летување за 26 деца, а некои од нив првпат ќе одат на море или езеро.

Својот револт поради малата (или непостоечка) поддршка, Кристина го изрази јавно, па напиша:
„Имам една мана. Преретко зборувам за она кое секојдневно го работам. За хуманитарната работа.
Секоја година „Проект среќа“ организира летни кампови за деца кои никогаш не биле на летен одмор, и не можат да си го дозволат тоа... Така и оваа година!

Оваа година, до овој момент, обезбедени средства за летни кампови за 26 деца! Грција, Македонија, Црна Гора... каде имаат желба таму!
Благодарение на донации на физички лица, армијата на „Проект среќа“.

Вистината е дека всушност не објавувам со една причина. Реакцијата на овој профил, од оние кои навистина можат да помогнат, е скоро непостоечка.
Нема ниту шер!
За децата на Македонија. Иднината. Оние пред кои затвораме очи.

И пред неколку години решив дека секако нема реакција, па подобро да си ќутам и да работам!
Но тоа има свои последици. Реакциите аплаузите и разните награди се резервирани само за оние кои секој свој чекор го сликаат и објавуваат. Бројат и зборуваат.
Имам расчистено дека награди, аплаузи и тронови не ми требаат мене, јавниот живот не ме интересира веќе некое време.
Но на ПРОЕКТ СРЕЌА да, затоа што само така можеме да им помогнеме на децата!

Мојот живот веќе 11 години е воглавно ова. Борба за секоја една донација. И за секое дете! За еден тон проекти, и сето тоа без многу бука, галама и фама!
Ако вие сте едни од тие на кои им е мачно еден лајк да стават за поддршка на „Проект среќа“, не гледам зошто би ме следеле мене?
Ако бараме промени, а мачно ни е еднаш годишно да дадеме нешто од себе, притоа имајќи повеќе од што ни е потребно, тогаш проблемот не е во општеството, туку во нас!“

А. Ј. | Црнобело