На гости кај Елена и Петар: Стан од 51m2 во Карпош, во светли тонови со акцент на тиркизна боја и дрво (фото)
- Детали
- сабота, 20 септември 2025
„Како двајца ентузијасти со изострен вкус, создадовме топол и функционален простор, каде што модерниот урбан стил се среќава со зеленилото и мирот. Овој стан не е само место за живеење - тој е нашата приказна, израз на индивидуалност и стил, гнездо создадено со многу љубов кон секој детаљ“, вели Елена Темелковска за уредувањето на семејниот стан во Скопје за CRNOBELO.com.

Елена Темелковска (26), по професија е магистер инженер архитект. Но денес, нејзината најважна градба е една сосема поинаква - мајчинството.
Иако не држи молив над планови и цртежи како порано, таа не престанала да биде архитект. Само сега, го гради најважниот простор од сите - домот во срцето на своето дете.
Петар Темелковски (34), по професија магистер по монетарна економија, финансии и банкарство. Во моментот работи како финансиски советник во реномирана австриска групација, присутна на македонскиот пазар веќе 20 години.
Покрај професионалниот успех, тој одлично се снаоѓа и во улогата на татко, успешно балансирајќи меѓу работните обврски и семејниот живот, со што претставува пример за посветеност, одговорност и животна рамнотежа.
За CRNOBELO.com Елена и Петар споделуваат детали за домот:
„Во Карпош, далеку од градскиот метеж, создадовме мирно катче, пример како и малиот простор може да понуди голема удобност, инспирација и среќа.

Просторот не е преполн, туку совршено балансиран - секое парче мебел има своја функција.


Влезниот ходник е практичен, со вграден плакар кој визуелно го „чисти“ просторот од неред, овозможувајќи топло добредојде уште на прв чекор.

Дневната соба е најдинамичниот дел од станот и вистинско огледало на нашиот дух.

Просторот е отворен, поврзан со трпезаријата и кујната, што создава чувство на слобода и комуникација.


