На гости кај Жиле и Рос: Винтиџ стан во Скопје со грамофон, флипер, детали од бувљак и уметнички дела (фото)
- Детали
- сабота, 29 ноември 2025
„Нашиот дом е мешавина од неколку стилови, винтиџ, бохо и индустриски стил. Сакаме музика, уметност, мојот сопруг стари видеоигри, книги, стрипови, а јас цвеќиња, рачни изработки и убави шолји за кафе. Кај нас голем дел од предметите се или реставрирани или рачно направени во сопствена работилница“, вели Росица Живковска - Рос (40) за станот во кој живее со сопругот Жиле и двете деца.

Росица Живковска - Рос (40), маркетинг менаџер во невладината организација „Порака Нова“ и Мартин Живковски - Жиле (42), машински инженер и патентен застапник во агенција за интелектуална сопственост Берин, живеат во стан во Скопје со нивните две деца.
Нивниот дом е уникатен спој меѓу ретрото и модерното.
Зрачи со топлина и уникатност и совршено ги доловува нивните карактери и интереси.
Росица за уредувањето на домот споделува за CRNOBELO.com:
„Мислам дека домот не треба да се декорира наменски, тој се создава, менува со тек на време и мора да кажува некоја приказна за луѓето што живеат во него.

Иако имаме дом со многу детали кои ги отсликуваат нашите интереси, најдоброто нешто ако се прашувам јас е тоа дека секогаш има многу дневна светлина – совршено изгрејсонце и зајдисонце, работи на кои научивме многу да се радуваме откако живееме во овој стан.

Пријателите често кажуваат дека домот ни има топол и уметнички карактер.

Би рекла дека нашиот дом е мешавина од неколку стилови, винтиџ, бохо и индустриски стил.
Сакаме музика, уметност, мојот сопруг стари видеоигри, книги, стрипови, а јас цвеќиња, рачни изработки и убави шолји за кафе.

Комбинацијата од стара техника (грамофони, плочи, касети, флипер) и модерни бои со уметнички дела, даваат некој ретро контраст во дневната соба.

Sидовите од откриени цигли даваат индустриски шарм и навестуваат на нешто дамнешно, додека уметничките слики, рамки и детали внесуваат топлина и наша индивидуалност.
Некои од предметите кои се наоѓаат во опкружувањето се сувенири од различни патувања, а секако има и ситници купени од бувљак.

Инспирирани сме од љубовта, културата и времињата во кои сме живееле, кои имаат големи контрасти. Двајцата сме од родени во 80-тите, сме биле тинејџери во 90-ти и имаме носталгија кон таа декада.
