Дарио Панковски: „Излегував во најпопуларните шминкерски кафулиња и дискотеки, и денес би облекол кожени панталони“
Низ годините не го сменивте многу музичкиот правец, но ви се менуваше личниот стил. Кога ќе видите сега стари снимки или фотки, што си мислите? И дали денес би избрале на пример, да облечете кожени панталони или кожен мантил за на сцена наместо препознатливите костуми?
Не ми е непријатно кога гледам стари фотографии или снимки, мислам дека секогаш сум бил во склад со времето и модата, а понекогаш и пред своето време.
Кожени панталони и мантили сакам и ден денес, и би можел да облечам без никаков проблем, зависи од приликата.

Каде сакавте да излегувате во младоста? Дали сакавте дискотеки или помирни места? А каде сакате да излегувате денес?
Излегував во најпопуларните шминкерски кафулиња и дискотеки во тоа време, каде што излегуваа најубавите млади градски скопски луѓе и знаевме како вистински да се забавуваме.
Денес не сакам места со преголеми гужви, преферирам одредени помирни урбани локации каде што можам да уживам во убава музика и неисфорсирана атмосфера.

Дали готвите? И ако да, што ви е специјалитет? А ако не, што најмногу сакате да ви спреми сопругата?
Не готвам, но сакам да си подготвувам интересни „бранчови“.
Хит ми се оние со авокадо, јајца, путер, домат, мортадела и домашно испечен топол леб, лудница!
Инаку генерално обожавам сè што ќе ми спреми сопругата - лосос, мусака, сарма, тестенини, домашна пица, а посебно кога експериментира.

Кога би биле музички радио уредник што би промовирале, а што би забраниле?
Пред сè во најдоминантен процент би промовирал домашна музика од сите жанрови, како што се прави во секоја нормална држава во светот (освен во оваа), потоа во одреден процент, секако и странска популарна музика, а разбирливо би го забранил сиот оној канцероген турбо фолк шунд од регионот кој со години лоботомира генерации од сите возрасти во земјава.

Три омилени места во Скопје и зошто?
Водно, кејот на Вардар и градски парк - погодете од трипати зошто.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело