Дарио Панковски: „Излегував во најпопуларните шминкерски кафулиња и дискотеки, и денес би облекол кожени панталони“
Неодамна ги најдовте оригиналните текстови на неколку ваши стари песни, напишани на хартија, со пенкало... Која ви беше првата помисла? Ви разбуди ли носталгија?
Буквално во една секунда се најдов во истата онаа просторија во 1991 година каде што ги снимавме Косоока, Ладна како камен и сите други песни од тој албум.
Многу повеќе од носталгија, нешто како телепортација, патување низ време, необјасниво чувство.

Постои ли нешто во кариерата за што жалите?
Секогаш постои нешто што би сакале да не сте го направиле или пак нешто што сте сакале, но не сте успеале да го направите.
Но, бидејќи сега не ми текнува на ништо конкретно и битно, тоа значи дека сепак баш и немам за што многу да жалам.

Колку е Дарио сменет од времето на Миг 21 до денес, но како човек, а не како музичар? Колку се сменивте приватно? А што остана исто?
Со секоја наредна година станувам пострплив, порелаксиран и поумерен, буквално го густирам времето и уживам во секој час од секој ден.
Сепак, до ден денес останаа исти едноставноста, ентузијазмот, перфекционизмот и професионалноста во сè.

Не е тајна дека сте близок со семејството, но и дека не сакате да ги експонирате многу јавно. Сепак, колку ви беше важна нивната поддршка низ годините? И дали ви се музички критичари - знаат ли да кажат дека нешто не им се допаѓа кога спремате нови песни?
Генерално, воопшто не сакам јавно да ја експонирам својата приватност, својата интима, а тоа најдобро се гледа на моите социјални мрежи кои се претежно професионално ориентирани.
Каде патувам, каде седнувам, што купувам, што облекувам, со кого се дружам и што јадам е моја приватна работа.
Истото важи и за моето семејство, кое ми е секако најголемата и најважната поддршка сите овие години, но кои знаат да бидат и најголемите и најжестоки критичари во создавањето на нови песни.

Како реагираа синот и ќерката на вашата популарност кога беа деца? Им беше ли чудно ако луѓето ве загледуваат додека се шетате заедно? А како се носат денес со погледите на минувачите?
Најверојатно за нив тоа било нешто нормално, па и не обрнувале премногу внимание на тоа.
Мое мислење е дека можеби беа по малку љубоморни, мислејќи дека некој ќе им го „украде“ тато, ха, ха, но затоа денес се апсолутно горди на секој поглед и комплимент.

Раскажете ми некој убав спомен од детството, што ви е драг и денес и секогаш ви буди топлина околу срцето...?
Сите мои спомени од детството се опишани во мојата песна „Човек без спомени“.
