Ангела од Скопје, дипломиран радиолошки технолог: „Студирав и работев по 2-3 работи паралелно, како медицинска сестра, водителка, карикатурист“
- Детали
- петок, 10 јули 2026
„За време на студирањето работев како келнерка, шанкерка, промотерка, радиоводителка, лаборант, медицинска сестра, снимав маркетинг-реклами за бизниси на социјалните мрежи, а паралелно го започнав и сопствениот бизнис со цртање карикатури“, вели Ангела Станишиќ (25) oд Скопје. Сега, таа е дипломиран радиолошки технолог и докажува дека што се сака - се може.

Ангела Станишиќ (25) oд Скопје е тазе дипломиран радиолошки технолог, а средното образование го завршила како медицински лабораториски техничар.
Моментално работи како терапевт во Центарот за рана интервенција и стимулација на деца – Тимот А.
Таа паралелно работела на неколку работни места и студирала. Секогаш мотивирана и посветена на целите, Ангела е пример дека што се сака - се може.
За мултитаскингот и како успеала во тоа, Ангела вели:
„Искрено, мислам дека едноставно не знам да функционирам без обврски. Колку и да звучи чудно, кога денот ми е исполнет и сум активна, тогаш сум и најпродуктивна.

За време на студирањето работев како келнерка, шанкерка, промотерка, радиоводителка, лаборант, медицинска сестра, снимав маркетинг-реклами за бизниси на социјалните мрежи, а паралелно го започнав и сопствениот бизнис со карикатури.

Често и моите родители ме прашуваа зошто преземам толку многу обврски и постојано работам, бидејќи секогаш сум ја имала нивната безрезервна поддршка и финансиска сигурност дома.
Тие ми велеа дека додека студирам можам целосно да се посветам на карикатурите, кои отсекогаш биле мојата најголема љубов, и да си оставам повеќе време за одмор.

Но, кај мене никогаш не станувало збор само за потреба. Работата отсекогаш била начин да учам, да се развивам, да стекнувам искуства и да се изградам како личност. Секоја работна позиција ми донесе нови луѓе, нови лекции и вештини што денес ми користат во секој аспект од животот.

Организацијата е мојата најважна алатка. На телефонот секојдневно си правам листа со обврски за следниот ден и, како што ги завршувам една по една, така ги бришам. Тоа ми дава чувство дека сè е под контрола.

Често знаев по пат кон факултет да доставам карикатура на клиент или да завршам друга обврска, па дури потоа да продолжам на предавања. Научив максимално да го искористам секој слободен момент.
Не беше лесно, но никогаш не го гледав тоа како товар. Го гледав како инвестиција во себе и во мојата иднина.
Денес сум благодарна што не се плашев истовремено да работам, да учам и да ги следам своите соништа, бидејќи токму тој период ме изгради во личноста што сум денес.