Ангела Тасеска ги учи децата да ја сакаат природа: „Пајаците им се најинтересни, не им пречи да ја извалкаат облеката“
- Детали
- недела, 07 јуни 2026
„Децата ме прашуваат дали сум видела рис, мечка, дали ќе сретнеме волк ако одиме во шумата, дали животните спијат и дали инсектите имаат семејства. Тие природно немаат стравови, туку тие им се несвесно наметнати од родителите“, вели Ангела Тасеска, биолог и едукатор од Струга.

Ангела Тасеска oд Струга е дипломиран биолог, ентомолог и едукатор. Работела како технички асистент-лаборант во Лабораторијата по анимална екологија и инвертебрати при Институтот за биологија во Скопје, како и како кустос-зоолог во Природно-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга, каде учествувала во подготовка на изложби и зоолошки збирки.
Учествувала во повеќе истражувачки и конзервациски проекти поврзани со заштита на инсектите и шумските екосистеми.
Како соработник за еколошка едукација во ЈУ Национален парк „Галичица“ – Охрид реализирала бројни едукативни програми, работилници и активности во природа за деца од предучилишна и училишна возраст.
Има завршено повеќе обуки од областа на еколошката едукација и поседува сертификати за настава во природа.
Во моментов работи за неколку невладини организации на проекти во областа на еколошката едукација, животната средина и искуственото учење со деца од различна возраст.
Нејзините работилници во природа со деца, како дел од концептот „Растеме во природа“, траат веќе една година и се резултат на повеќегодишното искуство кое досега го стекнала низ годините.
Работилниците се реализираат во градовите Охрид и Струга, но често и во други градови.

Ангела за CRNOBELO.com споделува детали за нејзината работа и искуства со децата:
Која е најсмешната случка што ти се случила со децата за време на работилница во природа?
Многу ги има. Со децата секоја работилница носи нови изненадувања и искрено најубавото е што нивната фантазија нема граници.
Со нив никогаш не знаеш што следно ќе слушнеш или што ќе се случи.

Една од поинтересните ситуации ми беше кога едно дете буквално се изводени и цело се извалка со кал. Јас очекував дека ќе сака да прекине или ќе му биде непријатно, но тоа мирно си ја соблече чизмата, си ја исчисти и ми рече: „Ако сум воден, ќе си продолжам со работа“.
Во тој момент си помислив колку децата знаат да бидат слободни и приспособливи, нешто што ние возрасните често го забораваме.

Од што најчесто се плашат децата кога првпат ќе дојдат во шума или на ливада?
Најчесто од инсекти или од тоа случајно да не видат змија. Но, децата кои доаѓаат на работилници најчесто навистина ја сакаат природата и сакаат да истражуваат.
Ако постои некој страв, полека го надминуваме заедно и многу често до крајот на работилницата тој веќе не постои.

Дали има некој страв што те изненадил?
За среќа, немало ништо што ме изненадило. Секогаш темелно ја осмислувам секоја работилница и целата логистика околу неа.
По природа сум перфекционист и не оставам простор за непријатни изненадувања или несакани ситуации.
Родителите имаат доверба во мене и тоа многу ми значи. Внимавам на секој збор, бидејќи децата се многу чувствителни, а пред секоја работилница секогаш разговараме за правилата и меѓусебната грижа.

Кој инсект или животно најчесто предизвикува најсилни реакции кај децата?
Дефинитивно пајакот! Иако на почеток знае да предизвика најсилни реакции, многу често на крај станува најинтересното нешто што го истражувале.

Дали некогаш некое дете се исплашило од нешто, а потоа станало најхрабро во групата?
Да, најчесто тоа се случува со пајаците.
Деца што на почеток не сакале ни да се доближат, до крајот на работилницата веќе ги набљудуваат одблизу и ги охрабруваат другите.

Што им е најзабавно на децата кога се во природа, а што родителите никогаш не би претпоставиле?
Најзабавно им е тоа што самите си создаваат игра од работите околу нив. Не им требаат многу реквизити, туку истражуваат, собираат инсекти, откриваат нешто ново, градат приказни.
Ако најдат необичен инсект или желка - тоа е настан на денот.
Ужината е исто така посебен момент, си делат храна, се бодрат меѓу себе, а поголемите уживаат да им помагаат на помалите.

