Ангела Тасеска ги учи децата да ја сакаат природа: „Пајаците им се најинтересни, не им пречи да ја извалкаат облеката“
Кои прашања најчесто ти ги поставуваат децата и кое било најсмешното или најнеочекуваното прашање досега?
Децата се уникатни со прашањата, а најчесто ме прашуваат дали сум видела рис, мечка, дали ќе сретнеме волк ако одиме во шумата, дали животните спијат и дали инсектите имаат семејства.

Дали има некоја детска изјава или коментар што никогаш нема да го заборавиш?
„Тетка Ангела, дали живееш во шума?“ – ова сигурно никогаш нема да го заборавам. И денес некои деца ме викаат „Тетка Ангела од шумата“.
Но, има и моменти што навистина ме допираат, на пример кога дете ќе им каже на родителите дека повеќе сака да дојде на работилница, отколку на скијање, кога дете што не сакало да оди во градинка со радост доаѓа на работилница или кога ќе ми кажат: „Кога ќе пораснам сакам да бидам како тебе“.

Како реагираат децата кога треба да се извалкаат, да фатат инсект или да истражуваат нешто што на почеток им изгледа страшно?
Верувам дека децата природно немаат толку многу стравови, туку им се несвесно наметнати.
На работилниците буквално се валкаме, затоа секогаш потенцирам да дојдат во постара облека за да не се грижат ако нешто се извалка или скине.
Кога истражуваме на почеток има силни реакции, но до крајот на работилницата тоа станува сосема нормално, а понекогаш си ги носат мравките дома.

Кога би можела да одбереш еден момент што најдобро ја опишува магијата на работата со деца во природа, кој би бил тој?
Да работиш со деца е благодат и привилегија. Како што растат тие во природа, така растам и јас со нив.
Заедно учиме, откриваме, ги запознавам нивните карактери и тие стануваат дел од мојот живот. Им се радувам на секој успех, кога се запишуваат прво одделение, родендени, нови успеси.

Внимавам секое дете да си замине среќно. Создаваме спомени, а со некои продолжуваме да се дружиме и надвор од работилниците.
Сфатив дека ова е мисија, а овие деца се иднината и промената што сакам да ја видам, не само јас, туку секој од нас во животната средина. Благодарна сум на секоја поддршка што ја добивам секојдневно.










©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
