Ангела Маслов: „Ќерка ми првите 6 години од животот ги мина на Алјаска, син ми се роди во Охрид - Зошто чекав 8 години за второ?“
- Детали
- недела, 19 јули 2026
„Понекогаш ги гледам моите две деца и размислувам колку различни почетоци имаат. Миа на Алјаска растеше опкружена со бескрајна природа, снег, тишина и едно поинакво темпо на живот, а Доминик се роди во Македонија и неговото детство започна со сонце, паркови полни со деца, баби и дедовци што секогаш се тука, семејни ручеци и топлина што доаѓа од луѓето“, вели Ангела Маслов, Македонка родена на Алјаска, на која Охрид ѝ е дом.

Ангела Маслов е родена во Бароу, Алјаска, а сега живее во Охрид со сопругот и двете деца. Пред повеќе од 50 години нејзините родители во потрага по подобар живот, се преселиле во ова мало место кое уште е наречено и „врвот на светот“, бидејќи е најсеверната точка во Северна Америка.
На многу мала возраст се враќаат во Македонија каде таа живее до 11-годишна возраст, го стекнува македонскиот менталитет и се вљубува во земјата.
Потоа, извесен период Алјаска повторно ѝ беше дом на Ангела, заедно со сопругот и ќерката Миа (8), но тие одлучија да се вратат во Охрид, каде го добија својот син Доминик, 8 години подоцна. Доминик има 7 месеци.

Ангела споделува за CRNOBELO.com за нивното различно детство, но и зошто за неа разликата од 8 години меѓу децата е совршена:
„Понекогаш ги гледам моите две деца и се замислувам колку различни почетоци имаат.
Миа ги помина првите шест години од својот живот на Алјаска. Растеше опкружена со бескрајна природа, снег, тишина и едно поинакво темпо на живот, каде природата секогаш беше во центарот. Тие години засекогаш ќе бидат дел од неа.

Доминик, пак, се роди во Македонија. Неговото детство започна со сонце, паркови полни со деца, баби и дедовци што секогаш се тука, семејни ручеци и топлина што доаѓа од луѓето.

Ниту едното детство е подобро од другото. Само се различни.
Едното те учи на издржливост среде дивата природа. Другото те учи на блискост среде луѓето.

Благодарна сум што моите деца ќе растат со две толку различни приказни и што еден ден ќе можат да кажат дека имаат два дома.

Отсекогаш знаев дека сакам второ дете. Но исто така знаев дека не сакам да брзам.
Не сакав да имам второ дете затоа што „така треба“, или затоа што некој мисли дека разликата меѓу децата треба да биде две, три или четири години. Сакав тоа да се случи тогаш кога јас ќе бидам подготвена.

Сакав моето тело повторно да биде мое. Сакав мојот ум да биде подготвен за уште едно бебе. Сакав да уживам во секоја фаза со Миа, без чувство дека постојано брзам кон следната.
И така поминаа осум години. Па, дојде Доминик.

Миа веќе е голема. Разбира и со нетрпение го чекаше братчето и денот кога конечно ќе стигне.
Многумина ми велеа дека осум години се голема разлика. И да, се чувствувам дека почнувам сè од почеток.
Пелени. Ноќни будења. Количка. Торби полни со работи за бебе. Распоред околу дремки. После осум години повторно влегуваш во светот на бебињата и се прашуваш како си заборавил толку многу.
