Ангела Маслова, охриѓанка од Алјаска: во лето на 0ºC децата се по кратки ракави и имаме 24 часа сонце

Сосема случајно на Инстаграм, наидовме на прекрасни фотки од наша девојка која живее на Алјаска и решивме да поразговараме на кратко со неа за животот на северот.

angela-maslova-ohriganka-od-aljaska-vo-leto-na-0-stepeni-decata-se-po-kratki-rakavi-i-imame-24-casa-sonce-01.jpg

Ангела Маслова е родена во Бароу, Алјаска. Пред повеќе од 40 години нејзините родители во потрага по подобар живот, се преселиле во ова мало место кое уште и е наречено „врвот на светот“ бидејќи е најсеверната точка во Северна Америка.

На многу мала возраст се враќаат во Македонија каде таа живее до 11 годишна возраст, го стекнува македонскиот менталитет и се вљубува во земјата.

Секоја година одморот го поминувале во Волино – Охридско, домот на нејзините родители.

Основно и средно образование завршува во Бароу, Алјаска, а потоа дипломирала на Indiana University Northwest Nursing Program. Судбината ја врзува за Охриѓанец и по венчавката во Охрид, заедно со сопругот се враќаат на Алјаска, каде Ангела работи како регистрирана сестра во болницата Samuel Simmonds Memorial Hospital.

Таа вели дека и било јасно дека животот ќе ѝ се одвива на релација Алјаска – Македонија, но сепак сакала стекнатото знаење да го вложи за помагање на луѓето и на заедницата во која пораснала. „Во Бароу сите жители се многу блиски меѓу себе“.

Како би ја опишала Алјаска на кратко, ако е возможно?

Секој дел од Алјаска е толку различен и уникатен, со своја посебна убавина. Арктичкиот дел, каде што живееме ние, е тотално различен од јужниот дел на Алјаска. Овде нема ниту дрва, ниту планини – тука е тундра од илјадници километри од едната страна и замрзнатиот Арктички океан од другата страна. Зимата трае 9 месеци, со ниски минусни температури.

Долниот дел од Алјаска изобилува со планини, реки, езера и многу густи зимзелени шуми со богат животински свет. Земјата е навистина уникатна и неспоредлива со ниту едно друго место на светов. Препорачувам секој кој има можност да ја посети, особено во летниот период. Природата овде е навистина волшебна!

angela-maslova-ohriganka-od-aljaska-vo-leto-na-0-stepeni-decata-se-po-kratki-rakavi-i-imame-24-casa-sonce-02.jpg

Какви се луѓето? Како изгледа еден обичен ден на жителите на Алјаска?

Како и животот на секој друг типичен Американец – голем дел од денот е посветен на работните обврски. Неизбежен сегмент од секојдневието се ловот и риболовот.

Жителите на Алјаска се трудат во својата исхрана да го внесат она што сами ќе го уловат. Луѓето се пријателски расположени и секогаш тука да помогнат на секого. Не би рекла дека се баш типични Американци по карактерот – не се постојано зафатени и не водат посебно брз живот.

Дали е скап животот? 

Животот во Алјаска е поскап од останатите држави на САД. Но, цените зависат и во кој дел живееш. Во Арктичкиот регион каде што сме ние – сè е многу изолирано и не сме поврзани со патна инфраструктура. Превозот се врши авионски и животот е значително поскап.

Колку е безбедна земјата?

Овде безбедноста има два сегменти. Едниот е криминалот, кој за жал, како и секаде го има и во Алјаска. Вториот и многу важен е безбедноста од дивиот свет. Тука мора да имаш вештини за справување со диви животни и знаење за сите животни околу тебе.

Алјаска е дом на 98% од популацијата на црни и кафеави мечки во цела Америка. Тука се и белите поларни мечки.

Колку студи во моментов? Дали практикуваат децата да ги изнесуваат надвор и кога е многу ладно?

Во моментов е околу -35ºC степени Целзиусови. На тоа кога ќе додадеме и ветар – уште поладно. Согласно на ова, не се препорачува да се поминува долго време надвор, но во деновите без ветар уживаме во кратки прошетки и никогаш не сме премногу облечени.

Во летниот период, кога температурата е околу 0 ºC и сончево, сите деца се надвор, по кратки ракави и во летни обувки.

angela-maslova-ohriganka-od-aljaska-vo-leto-na-0-stepeni-decata-se-po-kratki-rakavi-i-imame-24-casa-sonce-03.jpg

Какво е летото во Алјаска?

Во северниот дел, летните температури се од 0ºC до 10ºC степени, со тоа што се случува неколкупати да се качат до 20ºC. Во јужниот дел летните температури може да стигнат и до 30ºC. Летото е кратко, но магично!

Кои се трите најубави места кои секој би требал да ги посети во Алјаска?

Ако мора да одвојам места, од поголемите градови би ги одвоила Anchorage, Fairbanks и Juneau. А од помалите места би ги одвоила Valdez, Seward и Ketchikan. 

Дали би ја препорачале за посета на фамилии со деца?

Алјаска е прекрасно место за посета за одмор, посебно за фамилии со деца. Во лето, туризмот е доведен на ниво на совршенство. Туристичката понуда изобилува со многубројни рекреативни тури и активности.

Некои од овие понуди вклучуваат: планинарење, кампување, посета на многубројни глечери - авионски, со брод или со хеликоптер, тури со воз низ дивиот дел, каде што безброј пати ќе видите најразлични диви животни, и секако мора да ги спомнам ловот и риболовот кои се најзастапени туристички гранки овде.

Фамилии со деца исто така би уживале во посета зоолошките градини, на конзерваторскиот центар на див свет, центар за морскиот свет и посета на многубројни рудници на злато каде што посетителите имаат можност да си ја пробаат среќата барајќи злато.

Храна – што најмногу се јаде, кои се нивните специјалитети?

Морски плодови уловени во крајбрежните места во Алјаска се доста популарни. Би ги издвоила Алјаскански див лосос, халибут и кинг краба. Од месо најмногу се јаде диво уловено месо како што се: мус, карибо и ирвас.

Би наброила неколку специјалитети на домородното население како што се повеќе начини на спремање месо од кит, фока, па дури и бела мечка. Од кит се прават различни домашни специјалитети, зимници и се консумира и свеж.

Оваа храна е богата со масти, доста калорична и дава енергија за долгите и студени зими. Во летниот период многу популарно е собирањето на диви плодови од кои се изработуваат многу вкусни џемови, сосови и компоти кои се извор на витамини преку целата зима.

Каде може да се види најубаво Северната светлина? 

Дефинитивно во Фербенкс. Неодамна го посетивме и сега можам со сигурност да потврдам дека не било мит дека во Фербенкс се најубавите поларни светла. Чувството е несекојдневно и незаборавно.

Колку трае најдолгиот ден?

Најдолгиот ден трае 24 часови. Во летниот период сонцето не заоѓа воопшто, односно имаме 24 часови сонце, 80 дена.

Охрид наспроти Алјаска – тешко ли е прилагодувањето?

Секако дека е тешко. Стилот на живот, менталитетот, опкружувањето. Јас сум тука родена и немам никаков проблем, но бев загрижена за сопругот и нашата двегодишна ќеркичка. Сепак, сè помина во најдобар ред и двајцата уживаат во животот во Алјаска.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Горан Пандев за татковството: „Присуствував на раѓањето на трите деца, најубаво ми е кога ќе заспием... „Моите три деца се родени во Италија. По нивното раѓање, кај нашите семејства во...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg