Драгица од Скопје: „Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а живееме и ја растеме ќерката во Саудиска Арабија“
- Детали
- четврток, 23 јули 2026
„Момент што никогаш нема да го заборавам беше кога првпат ја однесовме Мона Лиана во домот на семејството на мојот сопруг во Либан. Пред да влеземе, над нејзината глава скршија арапско лепче. Mи објаснија дека тоа е благослов - желба детето никогаш да не му недостига леб, здравје, љубов и благосостојба“, вели Драгица Ибрахимовиќ од Скопје и споделува како функционираат меѓу три света.

Драгица Ибрахимовиќ од Скопје додека работела како стјуардеса во авиокомпанијата Saudia Airlines со седиште во Ријад, Саудиска Арабија, пред 6 години го запознала Марк Саркис од Бејрут, Либан.
Денес живеат во Саудиска Арабија и се среќни родители на ќерката Мона Лиана.
Нивната ќерка расте помеѓу 3 света, а Драгица вели дека тоа е најголемото богатство што можеле да ѝ го дадат.
Драгица споделува како е да се расте дете меѓу 3 света:
„Понекогаш се шегувам дека Мона Лиана уште пред да научи да оди, научи што значи да имаш повеќе од еден дом.

Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а нашиот живот е во Џеда, Саудиска Арабија. За многумина тоа звучи комплицирано. За нас, тоа е најголемото богатство што можевме да ѝ го подариме на нашата ќерка.

Секој пат кога патуваме, како да отвораме ново поглавје од нејзиното детство.

Во Македонија е внучката што сите ја гушкаат, ја разгалуваат и ја хранат со домашно подготвена храна.
Таму утрата мирисаат на топла пита, домашно сирење и кафе што се пие со часови со баба и дедо.

Семејството не се договара кога ќе се види – едноставно, секогаш некој доаѓа на кафе.
Децата растат во двор, трчаат боси по тревата, ги знаат соседите по име и секогаш има некоја баба што ќе им подаде парче колач.

Во Либан, пак, сè има поинаков ритам.
Првото нешто што ме воодушеви беше начинот на кој се слави животот.
Таму не ти треба голем повод за да се собере целото семејство. Доволно е да е недела.

Ручекот лесно може да трае со часови, а околу масата постојано доаѓаат нови луѓе. Баба, дедо, тетки, чичковци, братучеди – секој е дел од приказната.
Имав чувство дека никој никогаш не е сам.

Кога се роди Мона Лиана, прво ги доживеав македонските обичаи, а потоа и либанските.
Во Македонија сите знаеме што значат мекиците. Поради обичајот мајката и бебето првите четириесет дена да останат дома, прославата традиционално се организира на друго место, каде што семејството и пријателите се собираат за да го прослават доаѓањето на новиот живот.

Се наздравува за здравје, се раскажуваат убави желби за бебето и сите со нетрпение го очекуваат денот кога конечно ќе можат да го запознаат.
