Драгица од Скопје: „Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а живееме и ја растеме ќерката во Саудиска Арабија“
Во Либан, пак, ме пречека сосема поинаква традиција. Наместо мекици, се подготвува прекрасна „chocolate table“ – маса украсена со чоколади, колачи и слатки, како мало уметничко дело.

Покрај чоколадите, секој гостин добива и внимателно одбран сувенир, како траен спомен од раѓањето на бебето.

Ми беше прекрасно што на тој начин секој што дошол да ја сподели радоста со семејството си заминува со мал дел од тој посебен момент. Толку ми се допадна оваа традиција што веднаш посакав и кај нас да постои нешто слично.
Уште еден момент што никогаш нема да го заборавам беше кога првпат ја однесовме Мона Лиана во домот на семејството на мојот сопруг.

Пред да влеземе, над нејзината глава скршија арапско лепче. Во тој момент не знаев што се случува. Потоа ми објаснија дека тоа е благослов – желба детето никогаш да не му недостига леб, здравје, љубов и благосостојба.
Ми беше толку емотивно што сфатив дека, иако традициите ни се различни, желбите на сите родители се исти.

Во Либан семејството не е само важен дел од животот – тоа е самиот живот.
Бабите и дедовците не доаѓаат само за родендени. Тие се секојдневно присутни.
Тетките и чичковците не се роднини што ги гледаш неколкупати годишно. Тие се луѓето со кои ручаш, се смееш и го поминуваш секој викенд.

Најмногу ме изненади тоа што децата речиси никогаш не се „оставени дома“. Тие се дел од секој семеен ручек, секоја свадба, секоја прослава, секое кафе и секое излегување.
И никому не му пречи ако заспијат во количка среде ресторан додека возрасните разговараат. Детето не се прилагодува на животот – животот се прилагодува на детето.

Во Либан храната никогаш не е само храна. Таа е повод за разговор, за смеа, за раскажување приказни.
Масата е преполна со мали чинии – хумус, табуле, лабне, мануше, свеж зеленчук, маслинки, сирења… Сите јадат заедно, сите си додаваат храна едни на други, а ако кажеш дека си сит, речиси сигурно ќе слушнеш: „Уште едно залче“.

Како Македонка, тоа многу ме потсетува на нашите семејни ручеци. Различни јадења, различни вкусови, но истата љубов.

Интересни ми се и верските разлики.
Во Македонската православна црква, децата можат да се причестуваат уште како бебиња, веднаш по крштевката. Тоа ми беше сосема природно бидејќи така сум пораснала.
