Драгица од Скопје: „Јас сум Македонка, мојот сопруг е Либанец, а живееме и ја растеме ќерката во Саудиска Арабија“
Во маронитската традиција на семејството на мојот сопруг, децата ја чекаат својата Прва Причест – First Communion.
Со години посетуваат веронаука, учат за верата, а потоа доаѓа денот кога за првпат ќе ја примат Светата Причест.

Девојчињата носат прекрасни бели фустани, момчињата свечени костуми, а целото семејство слави како да е уште една свадба. Многу ми е убаво што Мона Лиана ќе ги познава и двете традиции и ќе научи дека верата може да има различни обичаи, но иста суштина.
Родендените се уште една прекрасна разлика.

Во Македонија најважно ни е да бидеме заедно – дома, во двор или во игротека.
Во Либан, родендените се вистински спектакл. Раскошни декорации, цвеќе, аниматори, фотографи, видеографи, музика, огромни торти и мали подароци за секое дете што дошло на прославата.

Таму навистина знаат како секој момент да го претворат во незаборавен спомен.
Нашиот трет дом е Џеда во Саудиска Арабија.

Животот таму е сосема поинаков. Кога дојдов, ми беше чудно што парковите навечер се пополни отколку преку ден.

Денес тоа ни е нормално. Кога сонцето ќе зајде и жештината ќе попушти, градот оживува.
Децата возат велосипеди, играат во парковите до доцна, а семејствата излегуваат на вечера како да започнува нов ден.
Она што најмногу го сакам во Саудиска Арабија е што Мона Лиана расте во вистинска интернационална средина.

На едно игралиште може да игра со дете од Јапонија, Индија, Франција, Египет, Бразил или Филипини. За неа тоа ќе биде сосема нормално. Ќе научи дека различностите не се пречка, туку богатство.
Она што дополнително ме воодушевува во Саудиска Арабија е колку технологијата е дел од секојдневниот живот.
Многу работи што на други места бараат време и чекање, овде се завршуваат за само неколку минути.

Закажувањето лекарски прегледи, пристапот до медицинските извештаи, обновувањето документи, визите и голем дел од административните постапки се достапни онлајн.
Како мајка на мало дете, тоа навистина ми го олеснува секојдневието. Наместо да губиме часови по шалтери и чекални, повеќе време поминуваме заедно како семејство.
Мислам дека токму тоа е една од најубавите страни на животот во Џеда – традицијата и современиот начин на живот одат рака под рака.

Од една страна, Мона Лиана расте опкружена со семејни вредности и почит кон културата, а од друга страна, живее во земја која постојано се развива и со неверојатна брзина ги прифаќа новите технологии. Верувам дека и тоа ќе биде важен дел од нејзиното детство и од начинот на кој ќе го гледа светот.
Уште од сега слуша македонски, арапски и англиски, а се надевам дека еден ден ќе зборува и француски. Мојата најголема желба е да не изгуби ниту еден дел од својот идентитет.
Сакам да знае што се мекици, но и што е chocolate table.
Да знае зошто кај нас бебињата се причестуваат уште од мали, а во Либан се чека First Communion.
