Ангела од Скопје, дипломиран радиолог: „Студирав и работев по 2-3 работи паралелно, како медицинска сестра, водителка, карикатурист“

Работејќи на толку различни позиции сфатив дека многу полесно се приспособувам на нови предизвици отколку што мислев.
Секоја работа ме научи на комуникација, одговорност, организација и истрајност.

Особено сум горда што за мојот претприемачки ангажман и бизнисот со карикатури бев добитник на балканската награда „Успешна бизнис дама 2025“.
За мене тоа не е само признание, туку потврда дека трудот, посветеноста и храброста да започнеш нешто свое секогаш се препознаваат.


Најхаотичната ситуација за време на студиите ми се случи поради административен пропуст.
Имав успешно положен писмен дел од испит, но поради недоразбирање околу терминот за усното полагање останав без можност да полагам.
Во меѓувреме професорката замина на одмор, па ми беше кажано дека ќе треба повторно да го запишам предметот, да ги платам кредитите и практично да почнам од почеток.

Тоа беше еден од најтешките моменти за мене, бидејќи предметот беше условен и повлекуваше други предмети. Наместо да се помирам со ситуацијата, речиси две недели секојдневно барав решение.
Разговарав со професори, со катедрата и не се откажав сè додека не ми беше овозможено да полагам пред комисија.
