По 30 години, на вселенскиот телескоп Хабл можеби му се ближи крајот – што сè научивме од него?

Познатиот телескоп Хабл е надвор од функција веќе 10-тина дена, а од НАСА стравуваат дека можеби нема да успеат да го решат проблемот. Ова би го означило крајот на „кариерата“ на телескопот, кој последниве три децении ни помогна да научиме многу за вселената.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-01.jpg

На 13-ти јуни годинава телескопот Хабл престана да работи, откако се појавиле проблеми со еден од неговите компјутери кои се направени уште во 1980-тите. Најпрво, главниот компјутер на телескопот престанал да прима сигнали, а инженерите на Земјата добиле порака за грешка. Тогаш од НАСА сфатиле дека нешто не е во ред.

Најпрво инженерите сметаа дека станува збор за проблем со модулот за меморија на Хабл.

„Анализите покажаа дека грешката најверојатно е поради оштетена меморија. Со текот на времето, меморијата може да се оштети поради многуте години изложеност на радијација во вселената. Овие проблеми се очекувани, па затоа на телескопот има и резервни модули за меморија“, изјавија од Агенцијата.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-03.jpg

Инженерите успеаја да го рестартираат компјутерот на Хабл, но не и да го активираат резервниот модул.

Сега, пак, по неколку направени тестови, од НАСА велат дека најверојатно проблемот е поради друг дел од хардверот на телескопот, а грешките во меморијата се само „симптом“. Моментално инженерите дизајнираат други тестови со кои ќе се обидат да го утврдат проблемот, а потоа, надежно, и да го решат.

Кратка историја на телескопот Хабл

Иако не е познато името на личноста која прва го измислила телескопот, овој изум е можеби еден од најважните во историјата на човештвото. Претходно, ограничени од своите сетила, луѓето немале како да дознаат што се крие надвор од Земјата, но телескопот го промени ова и ни овозможи да ѕирнеме и надвор од Сончевиот систем, па дури и надвор од нашата галаксија.

Но, бидејќи Земјата е осветлена, а и нејзината атмосфера блокира дел од светлината на небесните тела, и најдобрите телескопи во светот се сепак со ограничени можности. Па, во 1946-та година, астрономот Лајман Спицер предложил да се направи телескоп кој ќе биде испратен во вселената.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-07.jpg

Дури во 1969 година бил изготвен првиот документ кој детално ги опишувал примените на потенцијалниот вселенски телескоп и бил направен предлог за негова конструкција. Тој период само НАСА би можела да направи нешто вакво, па предлогот бил испратен до нив.

Во меѓувреме, и инженерите од НАСА размислувале за вселенски телескоп, па веднаш ја прифатиле идејата.

На почетокот Агенцијата немала доволно средства за овој амбициозен проект, па откако им било одбиено барањето за финансирање од државата, решиле да ги здружат силите со Европската вселенска агенција и да ги поделат трошоците. Во 1977-ма, НАСА добила и пари од буџетот, па почнале со конструкцијата на телескопот.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-06.jpgАстронаутите вежбаат поправки на телескопот во огромен базен кој симулира бестежинска состојба

Првично телескопот бил наречен Голем вселенски телескоп (Large Space Telescope) и лансирањето било закажано за 1983-та. Но многу работи не оделе по план, па лансирањето било одложено за 1986 година.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-05.jpgИнженерите го проверуваат главното огледало на Хабл пред да го инсталираат

Во меѓувреме, телескопот бил преименуван во Хабл, во чест на Едвин Хабл – астрономот кој утврди дека вселената се протега и надвор од Млечниот пат.

Конечно, на 24-ти април 1990 година, НАСА го лансира Хабл со леталото Discovery. Но, проектот кој чинел 1,5 милијарди долари веднаш налетал на проблеми.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-02.jpgХабл се одвојува од леталото Discovery и ја почнува својата мисија, 1990 година

Првите фотографии што ги испратил телескопот биле замачкани и практично бескорисни. Причината за ова била испакнатина на огледалото на телескопот, која иако многу мала, предизвикала големи проблеми.

На НАСА ѝ беа потребни три години за да подготви мисија за поправка. Во 1993-та година беа испратени седум астронаути до Хабл кои ја поправија грешката во рок од пет дена.

Оттогаш, Хабл не само што испраќа надреални фотографии од вселената, туку и им помогна на научниците да научат многу работи за универзумот.

po-30-godini-na-vselenskiot-teleskop-habl-mozhebi-mu-se-blizhi-krajot-shto-se-nauchivme-od-nego-04.jpgКетрин Тортон за време на првата поправка на Хабл во 1993 година

Токму со негова помош астрономите направија 3Д мапа од мистериозната темна материја што се чини дека зафаќа најголем дел од вселената. Хабл ги откри и месечините на Плутон – Никс и Хидра. Со негова помош, астрономите успеаја да утврдат со колкава брзина се шири универзумот, но и да ја пресметаат неговата старост.

Истовремено, Хабл им „покажа“ на научниците дека во центарот на секоја голема галаксија се наоѓа црна дупка.

Хабл може да ја детектира светлината во видливиот спектар, но и ултравиолетовите и инфрацрвените зраци кои се невидливи за човечкото око. Кога инженерите фотографираат со него, обично прават голем број фотографии со разни филтри кои блокираат или пропуштаат одредени бои, а потоа ги комбинираат за да добијат фотографија во боја. Од НАСА велат дека најчесто крајниот резултат е речиси ист со она што би го виделе во живо.

Сега, по 30 години од лансирањето, сосема возможно е инженерите да не успеат повторно да го активираат Хабл. Но што и да се случи, тој ќе остане запомнет како инструментот кој засекогаш ни ја промени перспективата за нашиот универзум.

Фотографии направени со Хабл објавени на веб-сајтот на НАСА:

Спирова С. | Црнобело / Фото: NASA

Би можело да ве интересира:

Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg