Салевска-Трајкова од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп: Мешаните тимови се клучот за успех

Менаџерката за екстерни прашања во ФМТКП се обрати на конференцијата Родова еднаквост на работното место“ во организација на Алијансата за родова еднаквост

salevska-trajkova-od-filip-moris-tutunski-kombinat-prilep-mesanite-timovi-se-klucot-za-uspeh-1.jpg

Во хотелот DoubleTree by Hilton неодамна се одржа конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ во организација на Алијансата за родова еднаквост (GEA). Конференцијата по повод Меѓународниот ден за еднакви плати имаше за цел да поттикне дискусија помеѓу компаниите и пошироката јавност, преку која ќе ги адресира причините за сѐ уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите помеѓу жените и мажите и дискриминацијата во професионалната работна средина.

Во рамките на панелот насловен „Позади секој успешен бизнис, стои добро балансиран женско-машки тим“ се дискутираше зошто мешаните тимови и од мажи и жени носат подобри бизнис перформанси. Учеснички на панелот беа Лидија Вучидолова Богоевска - извршна директорка и членка на управен одбор на Casys, Марија Томеска - претседателка на управен одбор на Еуролинк, Василка Салевска-Трајкова - менаџерка за екстерни прашања во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Елена Димовска - раководителка на оддел за корпоративни комуникации во А1 Македонија.

Менаџерката за екстерни прашања во ФМТКП,  Василка Салевска-Трајкова потврди дека родовиот баланс игра битна улога во креирањето на тимовите во компанијата Филип Морис Интернешнл.

За филијалата во Македонија на Филип Морис Интернешнл – ФМТКП можеме да го потврдиме родовиот баланс, бидејќи процентот на вработени жени во однос на мажите е 50- 50, а и самиот менаџмент тим во последните неколку години се состои од 50% жени. Во пракса, ФМТКП покажува растечки позитивни финансиски резултати од година во година, што укажува на добар баланс и добро управување и претставува директен показател за успесите на мешаните тимови. Не се фаворизира машкото лидерство, ниту пак машката перспектива“, посочи Салевска-Трајкова.

salevska-trajkova-od-filip-moris-tutunski-kombinat-prilep-mesanite-timovi-se-klucot-za-uspeh-2.jpg

Менаџерката за екстерни прашања во ФМТКП објасни и колку женската перспектива се зема предвид во мешаните тимови и колку компанијата во која работи ја зема женската перспектива во смисла на промоција на женско лидерство.

Компанијата Филип Морис Интернешнал има јасен став дека мешаните тимови се клучот за успех. Ова е изразено на повеќе нивоа во рамките на целата интернационална организација. Врз основа на верувањето дека балансираните машко-женски тимови носат подобри одлуки и резултати, направени се напори за свесност и разбирање дека различностите се столб за успех и дека организациската култура е усогласена да пружа поддршка на ваквите размислувања. Во моментов во компанијата 42 проценти од вработените на глобално ниво се жени, а 40 отсто од раководните позиции се жени, цел кон која се тежнееше и која се исполни во 2022 година. Ова е зголемување од над 10 проценти од 2014 година. Нашата мисија е постојано да го поттикнуваме дијалогот за различност, правичност и инклузија и да создадеме и одржуваме работна средина каде што секој е препознаен и битен, а тоа е клучниот фактор за нашата трансформација. Во однос на практиките што се спроведуваат во компанијата, имаме за цел да се регрутираат еднаков број мажи и жени, за позиции на било кое ниво. За да се овозможи ова, во огласите за работа се користи родово неутрален јазик, потесниот избор на кандидати се прави со рамнотежа помеѓу половите и се користат различни панели за интервјуа, за да се намали ризикот од несвесна пристраност во проценките на талентите“.

Салевска-Трајкова го спомена и вклучувањето на жените во сите нивоа на организацијата, процесите на одлучување и давање придонес, а ги спомена и состојките кои треба да ги содржи рецептот за балансирани тимови.

Жените на работното место сакаат конекција, ресурси, инспирација. Токму поради тоа е формирана ресурсна група за жените во PMI. Women’s Inspiration Network (WIN) ги инспирира и охрабрува жените да ги унапредат своите вештини, да ја прошират својата мрежа и да го откријат својот целосен потенцијал. Оваа мрежа има за цел да го направи PMI одлично место за работа на жените, за што поуспешно да ја градат својата кариера. Во компанијата се цени способноста и квалитетот што овозможува жените да бидат еднакво прифатени како и мажите. За да покаже дополнителна поддршка на жените, компанијата обезбедува голем број придобивки за мајките, како флексибилно работно време, програми за поддршка на родители и други бенефиции. Конкретно како пример за адаптација кон специфичните двојни улоги на жените на работното место и личниот живот, можам да истакнам дека во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп е воспоставена практика за исплаќање на целосниот износ на плата на жените вработени во компанијата, додека се наоѓаат на породилно отсуство. Со ваквиот потег, ФМТКП ги охрабрува жените да не ја одложуваат бременоста поради страв дека ќе ја изгубат работната позиција. Состојките за балансирани успешни тимови се сите овие досега споменати од моја страна, што овозможуваат сите ние како жени, независно од возраста и позицијата, да се чувствуваме сигурно, безбедно, почитувано, самостојно и самоуверено од година во година“, нагласи Василка Салевска-Трајкова. 

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg