20 работи кои ги научив како борец кој отворено зборува за сексуалното злоставување во детството

Месецот април има две важни теми за подигање на свеста: сексуално насилство и превенција од сексуално злоставување на деца. Затоа, јас, Кирил Ангелов, за CRNOBELO.com сакам да ги споделам најважните 20 работи кои ги научив и сфатив како борец кој се исцелува од сексуалното злоставување во детството.

20-raboti-koi-gi-nauchiv-kako-borec-iscelen-od-seksualnoto-zlostavuvanje-vo-detstvoto-01.jpg

Сексуалното злоставување на децата е форма на злоставување на деца која вклучува сексуална активност со малолетно лице. Детето не може да се согласи на каква било форма на сексуална активност. Кога сторителот на овој начин сексуално општи со дете, тој / таа прави кривично дело што може да има трајни ефекти врз жртвата со години.

Секогаш велам дека многу инстанции од мојот живот биле освестувачки; онака баш да ти ги отворат очите за да можеш да продолжиш понатаму.

Првата секако беше моето поклоничко патување во Ерусалим (мојот аџилак), каде за првпат си признав и прифатив дека од мои 8 до 10 години (најмногу на мои 9) бев сексуално злоставуван од наш сосед.

Втората беше кога бев дијагностициран со канцер и примав хемотерапија, па сфатив дека има работи во мојот живот кои морав да ги адресирам и да ги решам.

И третата беше кога го доживеав инфарктот предизвикан од хемотерапијата, кој целосно ми ја отвори душата и ме натера да почнам да се лечам од сите тие трауми, посебно од сексуалното злоставување.

Текстов го пишувам во вечерните часови на 29-ти март 2023 година, и веќе одредено време размислувам за насловот.

Наместо борец, сакав да пишам жртва, бидејќи психологијата нѐ учи дека ние што сме поминале низ таков хорор, сепак сме жртви.

Тоа не е поради потреба за самосожалување, но поради болката низ која сме поминале.

Но, се решив за борец. Бидејќи сепак колку и да сум свесен дека ми се случило тоа и дека сум бил жртва, веќе не сум. Бидејќи ја победив болката која низ вртлог од мрак ме туркаше надолу со секоја помината година. Сѐ додека не прифатив и не признав во 2017-та година во Ерусалим.

20-raboti-koi-gi-nauchiv-kako-borec-iscelen-od-seksualnoto-zlostavuvanje-vo-detstvoto-03.jpg

Уште еднаш, охрабрувам, секој кој може, да говори за своите искуства и трауми. Колку сме погласни, толку посигурно ќе ја победиме секоја траума која ја носиме од минатото.

Да започнеме:

1. Научив за болката на општеството

Кога некој бил сексуално злоставуван, злоставено е целото општество. Зошто? Затоа што таа единка мора да се соочува со траумата сама, а тоа влијае на опкружувањето.

За жал, во нашето општество сѐ уште е табу да се зборува за ваков вид на теми. Иако постојат некакви закони на хартија, не се спроведува ништо соодветно, а ни доследно.

Болката на жртвата на сексуално злоставување е болка и на општеството. Но, општеството повеќе сака да молчи, отколку да зборува. А со тоа се убива душата на сите.

На повеќе наврати контактирав соодветни министерства и лица, кои би требало да бидат задолжени за жртви на сексуално злоставување и насилство.

Не добив никаков одговор.

2. Сфатив дека не е моја вина, а ни вина на моите родители

Едно нешто кое го истражував долго време беше тактиката „груминг“ што секој злоставувач, односно педофил, ја користи.

Тоа е свесно и умешно приближување на семејството и детето, добивајќи ја нивната доверба, и со тоа провлекувајќи се низ семејството како тивок отров.

Многу е лесно народот да ја префрли вината на родителите, но тука мора да се разбере дека педофилот делува умешно и интелигентно, и скоро секогаш е многу близок член на семејството.

А со тоа е веќе добиена довербата и разбирањето помеѓу него и семејството.

3. Сфатив дека не сите се на ваша страна

Од моето интервју на CRNOBELO.com бев позитивно изненаден од реакцијата на читателите.

Добив многу пораки за поддршка, а бев и контактиран од многу други возрасни лица кои биле жртви на сексуално насилство во детството.

Но, ги имаше и оние во многу мал број кои сакаа само да се наситуваат, да навредуваат и вината да ми ја префрлуваат мене.

Една од најважните лекции кои им се кажува на жртвите на сексуално насилство е дека вината никогаш не е нивна.

И не е. Никој не сака да биде сексуално злоставен за да му се наруши цело детство, младост, живот.

Злобните луѓе не треба да се слушаат; целта на борецот е поголема од нивната уста.

4. Го сфатив коренот на сите мои темнини

Жртвите на сексуално злоставување, посебно оние жртви кои биле злоставувани во детството, може да развијат нездрав однос со одредени пороци и зависности. Тие пороци и зависности вклучуваат: дрога, алкохолизам, нездрав однос со храната, коцкање, итн. Од истото тоа сексуално злоставување се раѓа депресијата, анксиозноста и ред други психолошки состојби.

Во мојот случај јас имав развиено нездрав однос со храната.

Кога зборував со психолог за причината, сфативме дека поради сексуалното злоставување мојата потсвест не ме вреднувала за јас да се грижам за себеси.

Оттука се појави депресијата и анксиозноста во мојот живот.

А со тоа го разбрав и коренот на сите мои темнини. А кога тоа е очигледно, може да се работи на воспоставување здрав однос со самиот себеси.

5. Сфатив дека на некој чуден, необјаснив начин ќе почнете да губите пријатели.

Истото ова е апликабилно и за претходниот мој текст кој го објавив за борбата со канцерот.

Моментот кога решив слободно да говорам за тоа што ми се имаше случено во детството, изгубив луѓе од мојот живот.

Ние сме општество кое сѐ уште не е научено да ги прифаќа ваквите моменти како нешто кое може да се поправи.

Веднаш останатите те гледаат како оштетен, како некој кој е „ненормален“, „луд“, „мрднат“.

Тоа е така, бидејќи на луѓето им е полесно да ви закачат одредена етикета и со тоа да ги оправдаат своите постапки и неможност да бидат до вас, отколку да ви бидат поддршка и да зборуваат за нешто кое за момент би направило да се почувствуваат непријатно.

Луѓето се себични.

20-raboti-koi-gi-nauchiv-kako-borec-iscelen-od-seksualnoto-zlostavuvanje-vo-detstvoto-03_2.jpg

6. Сфатив дека одеднаш, сите се експерти за сексуално злоставување

Од колеги, до познаници, до луѓе кои случајно дознале за вашата приказна – сите ќе имаат да кажат по некоја „мудрост“ за тоа како требало да пријавите навреме, како требало да кажете на родителите, како требало да преземете нешто.

Ама сите забораваат дека 9-годишно дете може да биде лесно изманипулирано, да биде уценето, да му биде упатена закана.

Сето тоа измешано со неговата неразвиена и кревка психа, и кршлива природа. Но, полесно е луѓето да си дадат своја експертиза, отколку да ислушаат и да се потрудат да разберат. Да ви бидат поддршка.

7. Сфатив дека се се случува тогаш кога треба да се случи

Многу често се прашував зошто не сум си го признал и прифатил овој кошмар во минатото, односно во моите рани дваесетти години. Си бев лут на себеси бидејќи си велев дека ќе сум заштедeл време, и со години ќе сум бил излечен, и ќе сум можел да живеам во радост и среќа.

Но, потоа се откриваат причините зошто, и сфаќаш зошто некои нешта се случуваат во одредено време.

Во минатото бев опкружен со пријатели кои немаа баш некое разбирање, и ширеа себичност и завист; па сигурно ако сум им го признаел тоа тогаш, ќе сум наидел на многу лоши реакции, кои дефинитивно би ме втурнале во поголема депресија.

Ерусалим требаше да се случи во 2017 година, за јас да можев да се издигнам сам, силен, и среќен.

Секоја жртва на сексуално злоставување си има свое темпо како да каже, кога и на кој начин да каже, кому да каже и зошто треба да каже. 

8. Сфатив дека на некој чуден необјаснив начин ќе почнете да губите и роднини

Ова го доживеав исто со мојата борба со канцерот и инфарктот предизвикан од хемотерапијата.

Од вкупнo 30 роднини од потесниот круг во мојот живот, останав во контакт со само еден грст од 5-мина кога поминував низ хемотерапијата, а кога првпат проговорив за сексуалното злоставување останав во контакт само со 3.

Многу често се прашував зошто роднините не би биле покрај тебе кога минуваш низ нешто такво, за психологот да ми каже: „на роднините им е најтешко да гледаат како ти успеваш да работиш на себеси со твоите трауми и да одиш напред, а тие се останати во исто место, или пак уназадуваат. И затоа се злобни. Бидејќи доаѓате од исто место, а ти работиш на себеси.“

Во вакви моменти, сфаќаш дека твоето одбрано семејство кое се состои од пријатели е она вистинското, и оние 3 роднини што останале покрај тебе, секако.

9. Научив дека е ОК да не се биде ОК

Не е се совршено после признавањето и прифаќањето. Постојат бранови на депресија и анксиозност и кај мене. Најмногу поради чувството на одземено детство, одземена невиност, немање на избор уште од детството, и тешкото прашање: „што би било ако би било?“

И тоа е сосем во ред. Секоја жртва на сексуално злоставување треба да си ја прифати и разбере својата депресија и анксиозност и да работи на неа.

Треба да ги прифати деновите кои натежнуваат како темни облаци, кои те туркаат надолу. Треба да се бори.

Понекогаш секој ден изгледа како борба, но без борба нема да достигнеме радост и среќа.

10. Научив да не се трудам сѐ да е под контрола

Токму заради таа траума од минатото, бев научен дека морам да имам контрола врз секоја ситуација.

Секогаш бев подготвен за најлошото бидејќи најлошото ми било сервирано уште од детството. Секогаш бев подготвен некој да ме повреди бидејќи повредата беше составен дел од моите млади години.

А најтешко е тоа. Да се излезе од калапот од минатото; калапот кој некој друг ти го створил, и те втурнал внатре без твој збор, без твоја одлука.

Но, излегувањето од тој калап, и ширејќи ги крилјата кои ти биле заврзани од твоите 9 години, е најубавото чувство на светот.

20-raboti-koi-gi-nauchiv-kako-borec-iscelen-od-seksualnoto-zlostavuvanje-vo-detstvoto-04.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Носталгија по детство – игравме џамлии, правевме шатори, повикувавме духови и се натпреварувавме во ... Пред неколку седмици, во домашна атмосфера, се собравме неколку пријатели – сите...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg