Утрово на работа стигнав со „автостоп“ заради хаосот во Скопје – како една непозната жена и нејзиниот сопруг ми го разубавија денот?

На работа утрово кога ме прашаа како стигнав, велам: „со автостоп...“ Како ќе реагирате вие? Би им помогнале ли на луѓето што очајно бараат некој да ги однесе ако веќе одите во тој правец или ќе ги оставите сами да бараат решение? Како стигнавте на работа утрово со хаосот со јавниот превоз во Скопје?

na-rabota-stignav-so-avtostop-kako-edna-nepoznata-zhena-i-nejziniot-soprug-mi-go-razubavija-denot-01.jpg

Нема автобуси... Едни возат, други не возат. Едни возат, ама го покриле бројот со крпа и не застануваат на станици. Ете, таква беше сликата утрово во главниот град.

Оние што се возат со автобус на работа секое утро, сега застанале на станиците и бараат решение како да се снајдат за да стигнат на работа...

Луѓето минуваат на црвено, не гледаат каде одат, избезумени како ќе најдат превоз за да стигнат на работа.

„Извинете, ќе задоцнам малку, еве барам превоз“ – ги слушаш луѓето како се извинуваат на претпоставените на работното место, а во меѓувреме им пишуваат на блиските со автомобил да дојдат и да ги земат да ги пренесат на работа или мавтаат со раце на секое такси што поминува за да застане.

„Леле, а децата денес како ќе стигнат во школо, треба превоз и за нив да најдеме“ – слушам...

И јас се најдов во слична ситуација утрово. Сопругот брза на работа, нема време да ме однесе и мене, а секако одиме во спротивни правци... Отворив вести, гледам дека приватните превозници наводно возеле, па велам ајде ќе си ја пробам среќата.

Отидов на автобуска, а таму уште неколку други жени, нервозно чекаме да дојде автобусот - ако дојде, да нѐ однесе на работа. Во 7:20 помина еден автобус, возачот го покрил бројот и не застана...

Покрај нас поминаа стотици автомобили, сите по еден во кола, брзаат да стигнат, како и секое утро, и воопшто не погледнуваат во нас „мачениците“ што очајно чекаме некој да се смилува и да нѐ однесе до таму до каде што треба.

Такси возилата се полни, не можеш да најдеш слободно возило. Се јавуваш, те ставаат на чекање...

Кога само еден од нив би застанал и би решил да биде човек да ја споделиме маката... Но, ете, такви луѓе сме – сите имаме свои проблеми, си ја бркаме својата работа, а понекогаш и се плашиме да се возиме со непознати...

Но, некогаш проблемите стануваат колективни... Заеднички. Недостатокот на јавен превоз не е проблем само за една мала група граѓани.

На автобуската останавме само 4 (најхрабри) жени и додека чекавме да дојде автобус, бевме загрижени дека нема шанси да стигнеме на време.

Една од жените што чекаше со нас, му се јави на сопругот таксист да дојде да ја земе со автомобил и да ја однесе на работа, додека другите очајно гледаат во неа, а на лицето во изразот им се чита помислата: „Добро е, се спаси...“

Свесни сме дека ако сите се возиме одвоено во такси, ќе треба да платиме скапо, а и нема да најдеме доволно возила, но, ете ако успееме некако да го поделиме товарот...

„Извинете, до каде одите“ – ја прашав жената.

„До Карпош...“ – ми одговори.

„А дали ќе ви биде проблем да ме земете и мене, ќе ви платам за превозот“ – им реков.

„Нема проблем, ајде“ – ми одговори, а другите 2 жени на автобуската како да чекаа некој да се охрабри и да праша па и тие веднаш замолија да влезат...

Ете, некогаш е доволно едно мало добро дело за да му го разубавите некому денот.

На крајот на возењето прашувам:

„Колку треба?“

„Ништо не треба, секако ја носам сопругата на работа“ – ми вели возачот.

Ми беше срам да заминам така, затоа што сум свесна дека и тој човек излегол да работи, и не мораше да ми направи услуга, но ми помогна.

Извадив 100-тина денари (колку што имав во паричникот) и му велам „Да се почестите едно кафе...“

Верувам дека доброто со добро се враќа и дека секое добро дело не треба да се заборави, па ете си реков и да напишам и некој збор за тоа.

На работа кога ме прашаа како стигнав, велам: „Со автостоп...“

Наречете го споделување на превоз (car sharing) или автостоп – како сакате... На работа стигнав навреме, благодарение на една непозната жена и нејзиниот сопруг што одлучија да ми помогнат, не го свртеа погледот, не ме игнорираа и не ми рекоа: „снајди се сама“.

Напротив, без никакви резерви и стравови одлучија да ја отворат вратата од автомобилот и заедно да најдеме решение за заедничкиот проблем со кој се соочуваме.

Како ќе реагирате вие? Би им помогнале ли на луѓето што очајно бараат некој да ги однесе ако веќе одите во тој правец или ќе ги оставите сами да бараат решение?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Поучна кинеска приказна: Секое добро не е за добро и секое лошо не е за лошо Сè што се случува околу нас е комплексен процес. Невозможно е однапред да знаете...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg