Громот не удира двапати на исто место и уште 7 популарни митови во кои треба да престанете да верувате
Мислевте дека Волт Дизни е креаторот на Мики Маус или дека Томас Едисон е единствената личност заслужна за електричната сијалица?
Денес лажните вести и митовите се шират побрзо од кога било, а најзаслужен за тоа е интернетот и многуте непроверени информации.
Но митовите и лажните вести не се ништо ново – постоеле отсекогаш, а некои од нив се прошириле толку многу, што луѓето веруваат во нив и неколку децении, па и векови подоцна.
Во продолжение можете да дознаете за неколку вакви митови, но и која е вистинската приказна поврзана со нив:
Мит 1: НАСА потроши милиони за пенкало што може да се користи во вселената, Русите го решија проблемот користејќи моливи
Според овој мит, додека инженерите од НАСА потрошиле милиони долари за да направат пенкало што може да се користи во микрогравитација, Русите ги „надитриле“ со тоа што им дале моливи на нивните астронаути.
Во реалноста, и астронаутите на НАСА користеле технички моливи во вселената, исто како Русите, кои чинеле по 128 долари. Ова ја разбранувано јавноста бидејќи моливите биле купувани со државни пари, па сите сметале дека е огромен непотребен трошок. Покрај тоа, секогаш постоел ризик да се открши дел од врвот на моливот кој лесно можел да предизвика пожар - нешто што е сериозна закана кога сте во вселената.
Тој период компанијата The Fisher Pen Company вложила 1 милион долари за да направи пенкало кое ќе функционира во вселената и откако од НАСА се увериле дека е функционално, нарачале 400 пенкала кои чинеле по околу 3 долари. Следната година и Русите нарачале 100 вакви пенкала за нивните астронаути.
Мит 2: Волт Дизни е креаторот на Мики Маус
Најпопуларниот лик на Дизни, Мики Маус, е всушност креација на аниматорот Уб Иверкс. Кога Дизни сакал да создаде нов лик, го задолжил Уб да направи скици како идеја. Уб нацртал неколку ликови инспирирани од разни животни, како кучиња, мачки, жаба и коњ, но ниту една идеја не му се допаднала на Дизни.
Во 1928 година Уб ја нацртал првата верзија на Мики Маус, која Дизни веднаш ја прифатил. Но, Дизни веднаш пробал да го присвои ликот и изјавувал дека тој самиот ја добил идејата, по што Уб си дал отказ од Walt Disney Studios.
Волт Дизни (лево) и Уб Иверкс (десно)
Мит 3: Луѓето голтаат осум пајаци секоја година
Начинот на којшто се прослави овој мит е вистинска иронија. Имено, митот е споделен во 1993 година, како дел од текст кој сакал да докаже дека луѓето ќе поверуваат во што и да прочитаат. И, објавениот текст си ја докажал поентата - иако авторот нагласил дека ова е мит, информацијата почнала да се шири како факт.
Во текстот авторот зборува за митот дека луѓето голтаат осум пајаци годишно додека спијат, но во реалноста ретко кога пајакот ќе се охрабри да помине преку вашето лице додека спиете. Покрај тоа, најверојатно ќе го почувствувате и ќе се разбудите.
Мит 4: Алберт Ајнштајн бил слаб по математика во училиште
Поради некоја причина, доста популарно е верувањето дека Ајнштајн бил слаб по математика во училиште. Ајнштајн е еден од умовите кои засекогаш ја променија физиката, па навистина е чудно што овој мит се прослави.
Самиот физичар има изјавено дека до 15-годишна возраст веќе бил експерт за диференцијално и интегрално сметање. Тој имал проблеми на училиште, но со предмети како ботаника и зоологија, но и бидејќи не му се допаѓале строгите правила во образовните институции.