Анемија кај децата: Како да ја препознаете и на што да внимавате?

Анемијата не е нешто невообичаено, особено кај децата. Но, важно е да обрнете посебно внимание на исхраната и да знаете како правилно да ги комбинирате намирниците.

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-01.jpg

Анемијата е чест проблем кај децата. Детето кое има анемија нема доволно црвени крвни зрнца, односно хемоглобин, чијашто функција е пренесување кислород до органите и ткивата.

Потребно е многу да се внимава околу исхраната на децата, а доколку се открие навреме, оваа состојба не е опасна.

Како да ја препознаете анемијата кај децата?

Кога детето е слабокрвно, најчесто ќе ги забележите следниве симптоми:

  • Зголемен пулс
  • Недостаток на здив
  • Недостаток на енергија и лесно заморување
  • Вртоглавица, особено кога стои
  • Бледа кожа
  • Забавен раст и развој
  • Пожолтување на кожата, очите, устата
  • Намалена концентрација

Доколку забележувате некои од овие симптоми, веднаш обратете се кај вашиот лекар.

Анемијата треба да ја сфатите сериозно, зашто може да биде причинител и за понатамошни влошувања со здравствената состојба ако не се лекува навремено.

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-03.jpg

Кои деца повеќе се изложени на ризик од анемија?

Факторите на ризик за анемија вклучуваат:

  • Предвремено родено дете или дете со ниска родилна тежина
  • Консумирање премногу кравјо млеко
  • Консумирање храна која не е богата со железо
  • Слаб внес на витамини и минерали
  • Претходна загуба на крв (несреќа, операција…)
  • Долгорочни болести, како инфекции или болести на бубрезите или црниот дроб
  • Семејна историја на наследен тип анемија

Со земање примерок на крв и комплетна крвна слика, вашиот лекар ќе ви ја даде точната дијагноза и ќе ве советува за понатамошно третирање.

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-04.jpg

Како се лекува анемијата кај дете?

Секако, по направениот преглед, вашиот матичен лекар ќе ви го одреди понатамошниот третман, зависно од симптомите, возраста и општото здравје. Третманот на анемија исто така зависи и од причината.

Некои видови не бараат третман, на други видови може да им требаат лекови, на други пак и трансфузија на крв.

Лекарот може да ве упати и кај хематолог, кој е специјалист за лекување на крвни заболувања.

Зависно од советите на лекарот, може да ви бидат препишани капки, сирупи или таблети што во многу случаи целосно ја нормализираат крвната слика.

Родителите честопати грешат што ја прекинуваат терапијата кога хемоглобинот ќе достигне нормална вредност.

Но, се советува третманот да трае од четири до шест месеци, за да се надополнат резервите на железо во крвта. Ако пак третманот не даде резултати, неопходно е да се спроведат дополнителни тестови.

Децата релативно добро ги поднесуваат суплементите за железо, но, понекогаш може да се појават мачнини, промена на структурата на столицата (од ретка, до опстипација) и промена на бојата на столицата (зелена, понекогаш и црна).

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-02.jpg

На што да внимавате при исхраната на детето со анемија?

Исхраната на детето треба постојано да биде балансирана, но ако детето е слабокрвно, тогаш треба да обрнете посебно внимание.

Така, детето треба што почесто да внесува продукти кои се богати со железо и притоа не заборавајте да ги комбинирате на вистинскиот начин.

Најдобар извор на железо е месото. Иако може да се најде и во црвениот и зелениот зеленчук, сепак, неговата искористеност од тие намирници е помала.

Родителите треба да знаат дека, покрај месото, добар извор на железо се и јајцата. Исто така одлучете се за риба, соја, тиква, овес, грашок.

Притоа, кога се консумира храната богата со железо, не заборавајте дека детето треба да консумира и храна богата со витамин Ц кој помага при апсорбирањето на железото.

Така, може да изберете портокали, мандарини, манго, папаја, киви, лимон, ананас, сокови богати со витамин Ц, брокула, пиперки, зелка.

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-06.jpg

Намалете го внесот на млеко и слатки работи

Секако, кај детето до една година основна храна му е млекото. Но, во втората година децата не би требало да пијат повеќе од 500-600 милилитри млеко дневно, што идеално би било едно шише наутро и едно навечер.

Децата кои пијат премногу млеко во текот на денот, не можат да јадат друга храна бидејќи се чувствуваат заситени, па затоа „немаат место“ за зеленчук, овошје, жолчка, месо.

Исто така, претпочитајте да му давате на вашето дете свежо исцедени сокови од портокал или мандарина, поради високата содржина на витамин Ц.

anemija-kaj-decata-kako-da-ja-prepoznaete-i-na-shto-da-vnimavate-koga-e-vo-prashanje-ishranata-05.jpg

Децата растат брзо и потребна им е разновидна и балансирана исхрана, па затоа, следете ги добро и за секоја грижа уште веднаш обратете се кај вашиот лекар кој ќе ви ги даде понатамошните инструкции.

М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com

Би можело да ве интересира:

Симптоми кои се јасен знак дека треба да го однесете детето на очен лекар Го покрива едното око, го држи телефонот премногу близу до лицето или многу чест...
Како да ги заштитите малите деца од сонце и кога да почнете да користите крем со фактор? Откако вашето бебе ќе наполни 6 месеци, време е да воведете крем со фактор. Ова ...
Како да го одвикнете детето од грицкање нокти? Помогнете му на вашето дете да разбере дека грицкањето нокти е навика која треба...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Рамни стапала кај деца: Што ги предизвикува и кога е време да побарате помош? Важно е да запаметете дека детето никогаш не треба да носи чевли што ги носело д...
Пеленски осип: Како се третира и кога да го носите детето на лекар? Доколку забележите дека вашето бебе има пеленски осип, тогаш многу е важно да ја...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg