За што сè е корисен витаминот Б12 и дали треба да го внесувате повеќе?

На нашето тело му се потребни неколку витамини и минерали за да функционира нормално, а овде спаѓа и витаминот Б12.

za-shto-se-e-korisen-vitaminot-b12-i-dali-treba-da-go-vnesuvate-povekje-01.jpg

Овој витамин има важна улога во многу процеси во нашиот организам – од создавањето на црвените крвни клетки, па сè до подобрувањето на состојбата на косата и кожата.

Погледнете за што сè е добар овој витамин, која е препорачаната дневна доза и кои се симптомите за негов недостаток:

Помага во формирањето на црвени крвни клетки

Црвените крвни клетки го разнесуваат кислородот од белите дробови до ткивата во телото, а витаминот Б12 помага во нивното формирање. Ако во телото има недостаток од овој витамин, може да се намали и бројот на црвени крвни клетки, со тоа предизвикувајќи еден вид анемија.

Оваа анемија може да се карактеризира со замор, проблеми со концентрацијата и сува кожа.

Иако постојат и други причини за појава на анемија, како обилно крвавење или недостаток на железо, во некои случаи, со соодветен внес на овој витамин може да се реши проблемот.

Нормално, ако забележувате симптоми на анемија немојте сами да си поставувате дијагноза и да пробувате да се лекувате, туку одете на лекар.

za-shto-se-e-korisen-vitaminot-b12-i-dali-treba-da-go-vnesuvate-povekje-02.jpg

Постои можност да го намалува ризикот од деменција

Витаминот Б12 е клучен за правилна функција на мозокот и нервниот систем, а некои истражувања покажале дека можеби го намалува и ризикот од деменција.

Во истражување од 2008 година во кое учествувале 107 испитаници постари од 61 година, се покажало дека деменцијата напредувала побрзо кај луѓето со пониско ниво на витамин Б12 во крвта.

Важно е да се напомене дека сепак засега не постојат докази дека додатоците во исхраната со Б12 можат да го подобрат помнењето кај луѓе кои веќе имаат Алцхајмерова болест.

Може да ги ублажи симптомите на депресија

Не можете да ја лекувате депресијата со витамин Б12 и во овој случај секогаш треба да се консултирате со професионалец.

Иако уште постои дебата за улогата на овој витамин во борбата против депресија, некои истражувања нашле поврзаност помеѓу недостатокот од витамин Б12 и зголемената изразеност на симптомите од нарушувања како депресија и опсесивно компулсивно нарушување.

Витаминот Б12 помага во создавањето серотонин – хормон што го регулира расположението – па поради ова некои експерти веруваат дека во комбинација со соодветна терапија препишана од лекар, може да го забрза закрепнувањето.

za-shto-se-e-korisen-vitaminot-b12-i-dali-treba-da-go-vnesuvate-povekje-03.jpg

Добар е за бремените жени

Според експертите, бремените жени треба да внесуваат поголемо количество витамин Б12 бидејќи може да го намали ризикот од дефекти на нивниот плод.

Сепак, ако сте бремени, немојте да земате додатоци на своја рака, туку консултирајте се со вашиот лекар – тој ќе ви каже дали треба дополнително да внесувате витамин Б12 и ќе ви ја одреди точната доза.

Ја подобрува состојбата на косата, кожата и ноктите

Оптималното ниво на витамин Б12 во организмот има позитивно влијание врз состојбата на вашите коса, кожа и нокти. Сепак, имајте на ум дека ако не се соочувате со недостаток од овој витамин, земањето додатоци нема да направи голема промена.

Недостатокот од витамин Б12 може да се манифестира со депигментација на кожата и побавно растење на косата и ноктите. Во овој случај, додатоците во исхраната би можеле да ви бидат од помош. Сепак, не ја заборавајте консултацијата со лекар пред да се одлучите на вакво нешто.

za-shto-se-e-korisen-vitaminot-b12-i-dali-treba-da-go-vnesuvate-povekje-04.jpg

Колку витамин Б12 треба да внесувате секој ден?

Препорачаната дневна доза за овој витамин зависи од возраста:

  • 0 – 6 месеци: 0,4 микрограми
  • 7 – 12 месеци: 0,5 микрограми
  • 1 – 3 години: 0,9 микрограми
  • 4 – 8 години: 1,2 микрограми
  • 9 – 13 години: 1,8 микрограми
  • 14 – 18 години: 2,4 микрограми
  • Над 18 години: 2,6 микрограми
  • Бремени жени и доилки: 2,8 микрограми

Наводно, после 50-тата година од животот апсорпцијата на витаминот Б12 во организмот станува потешка, па за луѓето на оваа возраст е препорачливо да консумираат повеќе храна богата со Б12.

Извори на витамин Б12

Покрај додатоците во исхраната со витамин Б12, многу подобро е да го внесувате овој витамин преку храна.

Храна богата со витамин Б12:

  • Телешко и пилешко месо
  • Риба, особено лосос, туна и пастрмка
  • Житарици збогатени со Б12
  • Млеко со ниска масленост, јогурт и сирење
  • Јајца

za-shto-se-e-korisen-vitaminot-b12-i-dali-treba-da-go-vnesuvate-povekje-05.jpg

Причини и симптоми за недостаток од витамин Б12

Постојат неколку причини за недостаток од витамин Б12, вклучувајќи проблеми со апсорпцијата на витаминот од храна, здравствени проблеми со дигестивниот систем, долго користење на одредени лекови и внесување малку храна богата со овој витамин.

Некои групи луѓе се изложени на поголем ризик од оваа појава, како повозрасни личности, луѓе кои имале операција или имаат проблеми со дигестивниот систем, како и вегани - овој витамин е најприсутен во храна од животинско потекло.

Недостатокот од Б12 обично се карактеризира со анемија, замор, бледа кожа, деменција, необјасниво слабеење… Неретко, пак, симптомите за недостатокот може да не се појавуваат и неколку години.

Ако се сомневате дека се соочувате со недостаток од овој витамин, консултацијата со лекар е најдоброто решение.

Напомена: Никогаш не си ја одредувајте сами дозата за консумирање витамини и секогаш зависно од вашата здравствена состојба консултирајте се со лекар за потребата од консумирање витамин како суплемент и секако за дозата.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

12 совети како да се грижите за вашето ментално здравје Ако сте имале некаква траума,, како сообраќајна незгода, сексуален напад или смр...
10 промени на вашите стапала што можеби укажуваат на здравствен проблем Додека студените стапала можат да бидат знак за слаба циркулација, отечените ста...
Симптоми кои се јасен знак дека треба да го однесете детето на очен лекар Го покрива едното око, го држи телефонот премногу близу до лицето или многу чест...
Кои се најчестите симптоми на алергија на храна и кога можат да бидат опасни по живот? Алергијата на храна кај повеќето луѓе предизвикува благи симптоми, како чувство ...
Како да го зачувате и подобрите видот без носење очила? Вежби кои треба да ги применувате Имате потешкотии при читање, проблеми со отсјајот на светлата, а окото сѐ помалк...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg