Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот лет, а денес би можел да живеам таму“

Дали зборуваат англиски или ти знаеш и некој друг јазик со кој се разбирате?

Официјален јазик во Етиопија е англискиот јазик. Државата е поделена на 11 области, најголемата област каде што бев и јас е Оромија и зафаќа речиси половина од површината на земјата.

Секоја област или подобласт си има свој јазик. Во Оромија беше ахмарик. Јазикот реално им е многу тежок, па така успеав да научам едвај неколку збора: Благодарам е Amasegenalo, а за добро утро, ден или вечер се поздравува со Salamnu. Ок или во ред е Еshi.

Многу интересен податок за Етиопија е што тие имаат свој календар и се раководат според него. Секоја година има 13 месеци, по 30 дена и еден месец кој има само 6 дена – Pagume. Кај нив Нова година се прославува во септември или по нивно Maskerem. Официјално во Етиопија сега е 2016 година.

Имаат и свое време, час. Во однос на Македонија се +2 часовни зони, но според нивното време, тоа е 8 часа назад од реалното.

За Етиопија, најголеми празници кои се прославуваат се Божик, Водици и Велигден. Овие празници ги прославуваат речиси на ист начин како ние.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-42.jpg

Земја која е пребогата со цркви и манастири, но ни оддалеку слични како нашите. Црквите се без камбани.

За влез во црква, морате да ги собуете обувките, да ставите бела наметка од горе до долу, а само дел од лицето ви е видливо. Иконостасот е многу посиромашен споредено со нашите.

Секој верник седнува на подот, се моли и чита Библија. Нема место кое е определено за да се запали свеќа, барем јас од 10 цркви што посетив, не видов.

Во периодот на 1936-1941 Етиопија била под окупација на Италија, но никој, никогаш не успеал да ја покори и колонизира и е единствена таква земја на африканскиот континент.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-30.jpg

Стекна ли пријатели меѓу локалното население? Како изгледаат тие ваши средби и дружења?

Прв пријател во Етиопија ти е шоферот. Со него поминував најмногу време, за време на работа или за време на викенди и некогаш попладне кога ќе решевме да излеземе.

Јас сменив тројца шофери, но еден кој ќе ми остане посебно драг е шоферот Дање. Секогаш ведар, секогаш насмеан, распеан и разигран. Едноставно, деновите колку и да ми беа тешки, наоѓаше секогаш начин да ме насмее.

Го учев и македонски и српски јазик, па секое утро, ќе ме поздравеше: „Добро утро мој брату. Ти си мој брат од Македонија!“ Со него делев и радост и тага, и насмевки и солзи. Во Дање ја гледав позитивната страна на Етиопија и секојдневието кое ме опкружува.

Често возејќи се со автомобилот знаеше да ми каже „Ајде пушти од убавата ваша музика“ и веднаш фаќаше ритам.

Во компанијата за која работев имаше вработено околу 35 луѓе од сите области, инженери, ИТ сектор, финансии, сметководство, но сите беа добри луѓе и другари со кои навистина поминав прекрасни мигови. И денес се слушаме, пишуваме, разменуваме по некоја шега.

Често им велев да се сликаме за да имаме еден убав спомен од нашето пријателство, но секогаш прашуваа „А мора ли?!“ Едноставно, не сакаат да се експонираат, живеат во еден сосема поинаков свет од нашиот со минимална застапеност на социјални медиуми.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-36.jpg

Што е со локалната храна? Има ли работи што тие ги обожаваат, а ти не се осмелуваш ни да ги пробаш?

Ух, нивната храна не е за сечиј желудник, па ни за мојот. Нивната храна е базирана од растително потекло, со разни тревки, зарзавати и во секое јадење користат риба, меѓутоа варена. Јас навистина немав храброст тоа да го пробам, ниту пак да дознаам за името. Но, уживав додека ги гледав нив како јадат со мерак.

Единствено нешто што можев да го јадам се нарекува Chagla Tips (се приготвува од говедско или јагнешко месо на скара и многу убаво оди со нивните локални пива и вина).

Етиопија е еден од најголемите светски производители на кафе, кое има специфичен вкус и арома и јас го уживав, а и моите пријатели, роднини на кои им донесов. Во Етиопија кафето е централен дел од секојдневниот живот. Евтино е и се служи насекаде, во секоја пригода.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-93.jpg

Во главниот град Адис Абеба и во секој друг град во земјата, можете да пиете кафе на улица, на тротоарот, да седите на мало столче и да ги следите вестите од соседството. Можете да го најдете и во луксузни меѓународни хотели и аеродроми, каде што ритуалот за подготовка се изведува на мала сцена.

Имаат специјално кафе кое се прави од изметот на еден посебен вид на верверички. Сега ова ќе звучи, како нешто страшно и гадно, ќе се запрашате како е возможно, но ова е најлуксузното кафе со кое ќе ве послужат ако отидете во ОАЕ и за еден филџан кафе ќе платите и до 50 долари. А истото тоа го добивате во Етиопија за 3-5 долари.

Подготовката на кафето се состои во тоа што на огромните плантажи за кафе, кои се до недоглед, се чуваат верверички кои исклучиво се хранат со зрната сирово кафе, кое е во бела боја. Потоа, нивниот измет се собира, се меле, преработува и пече и со тоа се добива најлуксузното и најубавото кафе на светот.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-66.jpg

Каква е климата? Се привикна ли лесно?

Во Етиопија има две годишни времиња, лето и „зима“. Летото трае од ноември до јуни, а температурите се движат од 20 до 45 степени, во зависност на кој дел од Етиопија се наоѓате.

На локацијата каде бев сместен, на 1.600m надморска височина, температурата преку ден во лето беше максимум 28, а минимум 15 степени навечер.

Во летната сезона не можете да видите облак, па кога ќе погледнев навечер на небото, не можев да тргнам поглед од тоа преплавено ѕвездено него, ѕвезди кои блескаа како дијаманти.

Зимата или дождовната сезона е период кога има големи и обилни врнежи секој ден, но на интервали по неколку часа. Тогаш малку се „разладуваме“ оти температурата е под 25 степени.

Има многу комарци и разновидни инсекти, но ништо страшно. Маларијата е застапена во пониските предели на Етиопија, јужно.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-80.jpg

Колку е безбедно таму каде што беше? Си се нашол ли некогаш во опасна ситуација?

Во Етиопија шетањето сам на улица е мисловна именка. Секогаш мораш да бидеш под придружба од некој локалец (најчесто тоа е твојот шофер) и обезбедување (војска или полиција), но тоа е избор на компанијата.

Како турист пожелно е секогаш да си со некој локалец. Видов многу организирани тури со белци, кои буквално уживаа и шетаа, но никогаш не беа сами. Кога е ден не е толку критично, но со залезот на сонцето, непишано правило е никаде сам и никаде без обезбедување, макар и шофер.

Јас имав една немила сцена, одејќи на доктор доцна во ноќта. Бев со полициска придружба, а еден човек помина покрај мене и буквално само ме допре и проговори нешто. Полицијата мораше (по нивна должност и задолженија) бурно да реагира и физички да се пресмета со него и да го приведе.

Но тоа се инцидентни ситуации, занемарливи и не сакам апсолутно да ја претставам Етиопија во лошо светло.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-69_copy.jpg

Откриј ми нешто повеќе за твојата работа таму…

Во компанијата за којашто работев, бев на работна позиција градежен менаџер/супервизор. Тоа е позиција веднаш под проектниот менаџер.

Јас бев одговорен за сите мостови, подвозници и надвозници кои се градеа на таа делница.

Денот ми започнуваше во 7 наутро и траеше до 17 часот, со еден час пауза за ручек. Одговорна работа, динамична и апсолутно непредвидлива, но работниот ден ми поминуваше многу брзо.

Поради економска и безбедносна ситуација која се случи во земјата, морав да си дојдам назад во Македонија, со надеж дека во блиска иднина ќе се вратам да ја завршам работата во Етиопија, а дотогаш сум во нова африканска авантура, наречена Нигерија.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-57_copy.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Јасмина Мукаетова за Њу Џерси: „Живееме во предградие со средени тревници, училишни автобуси и има м... „Песната ме однесе низ многу меридијани, но секое патување има своја конечна дес...
На одмор со Зорица Николовска во Ставрос: „Бевме со три деца, сe плашев како ќерката (1) ќе издржи п... „Голем предизвик беше да ги организираме тројцата да се подготвени во исто време...
Наталија (36) од Русија вторпат ја посети Македонија: „Омилена земја ми е, преку песните на Тоше доз... „Немам македонски корени (барем колку што знам), но со целото срце ја сакам Маке...
Славица со семејството 2 месеци беше во Тајланд: „Има совршен оброк за 100 денари, но во ресторан со... „Животот во Тајланд започна со две болни деца, од прв ден, и ова не е некој доба...
На одмор со Даниел Данн во Атина: „Бев сам 8 дена, плажите се убаво организирани - кафе е од 3€, леж... „Сместувањето буквално го резервирав истиот ден додека возев кон Атина. Но, врв ...
Марио од Скопје го посети Рио: „Криминалци со пушки те поздравуваат нормално во фавелите, туристите ... „За време на карневалот луѓето стануваат во 5 наутро за да одат на улични забави...

Најчитани неделава