На одмор со Таско во Врасна: „Мирно е, идеално за со мали деца, бевме сместени на 20m од плажа“
Овој одмор, но и претходните неколку одмори си готвиме сами. Многу ни е поубаво кога си готвиме сами.
Но, знаеме да јадеме и надвор, пола-пола е некако.
Во однос на цените сезонава, „културни“ беа во Врасна - 4,5 евра кафе со вода, 5 евра беше сок, 5 евра беше гиро, во таверна не успеавме да јадеме, пошто од 7 дена колку што бевме, 6 дена кога ќе излезевме, децата заспива во кола, така што малку породителски го теравме одморот (ха, ха).

Со Наташа трета година по ред одиме на одмор со деца, втора со две (првата бевме само со Лукијан, пред да се роди Кирјана), ама ова ни е прва година да одиме сами со нив.
Така што, беше малку предизвик, меѓутоа многу убаво си поминавме.
Имаше неколку ситуации кои, ајде така да кажам, беа покритични, меѓутоа убаво поминавме генерално.

Децата не сакаат да пливаат. Не дека имаат страв од вода, туку можеби им е ладна водата, иако таа не беше ладна, искрено.
Ама претпоставувам дека кога ќе видат толкава површина со вода, ги фаќа некој страв, иако се тука околу нас. На пример Лукјан влегуваше, Кирјана влегуваше, ама до коленици.
Тие немаат проблем да се бањаат во базен, во када, ама најверојатно површината голема кога ќе ја видат на вода и кога гледаат дека нема крај, тоа им создава некој страв. Но, полека-полека го победуваме.

А како ни изгледаа деновите? Станувавме околу 8 часот наутро, па доручек, спремање, средување и во 9 саат веќе бевме на плажа, затоа што плажата ни беше пред врата.
Се симнувавме долу, имаше еден многу опуштен бич-бар со некои 20-ина лежалки, каде што се спријателивме со луѓе од Србија кои имаа исто детенце, па бевме заедно сите денови.
Интересно беше, опуштено, стварно, одмор-одмор.

Со Лукијан и годинава ја рекреиравме истата фотографија што ја направивме првата година откако се роди - тој во моите раце на плажа.
Последно ме праша: „Тато, зашто се сликаме во истите шорцеви?“, и му реков дека правиме фотка за да видиме колку он е поголем и му ги покажав претходните.
Му стана јасно и одма соработка имаше, на лице место се сликавме.
Некако спонтано излезе тоа да го правиме 3 години по ред.
Првата година беше онака како обична фотка, втората година, исто спонтано се случи, а сега веќе ни стана традиција на која мислам уште пред да тргнам на одмор - дали сме ги земале истите шорцеви (ха, ха).

Една од пасиите ми е нуркање, или технички сноркелинг - не е нуркање, туку како пливање на површината на морето со маска за сноркелинг. Имам и пераи, имам опрема. И закопана под песокот видов морска ѕвезда.
Меѓутоа друг дечко потоа ја фати, ја донесе, и ја остави да стои во вода. Јас отидов, ја земав и ја ставив директно во базенче - имавме едно мало базенче на плажа и во него собиравме ракчиња, школки и песок имаше, па морската ѕвезда си имаше место каде што би можела да седи.
На крај, кога си одевме, значи, ја извадив и ја вратив назад во морето. Пипците ѝ мрдаа, беше жива и сигурен сум дека е сè уште жива“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело