На одмор со Таско во Врасна: „Мирно е, идеално за со мали деца, бевме сместени на 20m од плажа“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Децата не сакаат да пливаат, претпоставувам дека кога ќе видат толкава површина со вода, ги фаќа некој страв, иако се тука околу нас. На пример Лукјан влегуваше, Кирјана влегуваше, ама до коленици. Но, полека-полека го победуваме стравот“, вели Таско за CRNOBELO.com за одморот во Грција.

Христијан Тасковски - Таско и неговата сопруга Наташа, првпат откако се родители, заминале сами на летување со децата - синот Лукијан и ќерката Кирјана.
Тие поминале една недела во Врасна, во Грција, мирно место без гужва на плажата, како создадено за одмор со мали деца.

Освен што уживале во одморот, Таско на децата им извадил и морска ѕвезда од морето, па си ја чувале во мало базенче кое им стоело на плажата, но пред враќање дома ја вратиле назад во морето.

За одморот со децата, какво услови нуди Врасна, колкави се цените таму оваа сезона, но и за фотката со синот Лукијан, која ја прават трета година по ред, Таско раскажа за CRNOBELO.com:
„Бевме на одмор во Врасна и првпат одиме таму. Искрено, многу убаво си поминавме поради тоа што Врасна е многу мирно место, и стварно ни беше многу убаво дека бевме на некое помирно место каде што нема галама, каде што нема многу гужви.
Инаку, јас и Наташа бевме сами со децата, во апартман кој беше буквално на 20 метри од плажата - од терасата ни се гледаа плажата и морето.
Ако сте со мали деца, моја препорака е сместувањето да ви биде блиску до плажа затоа што, нели, во текот на денот може сè да се случи, може некои работи да се заборават, па да претрчаш, да ти е близу, а и јас генерално сакам да сум поблиску до плажа.

Конкретно овој одмор бевме на плажата што ни беше пред врата буквално, и тоа 4 дена. Последните 2 дена бевме на друга плажа, малку се прошетавме, нели, да смениме малку и атмосфера и да ги разгледаме другите плажи.
На плажа носиме сè и сешто, но генерално, туѓите реквизити се поинтересни - кога ќе дојдат некои други деца на плажа, нивните играчки се многу поинтересни од нашите, а истите играчки се сите (ха, ха).
Најверојатно на плажа не смееме да тргнеме без нивните шишиња за вода. Лукијан и Кирјана си имаат посебни шишиња за вода и без нив не идеме нигде.

Инаку, Врасна е мирно место, нема нешто многу места за шетање, но ја имаш Неа Врасна како нов дел каде што има шеталиште, Аспровалта е подолу, а тука е и Ставрос, каде исто има дел за шетање, меѓутоа конкретно јас каде што бев сместен, немаше многу за шетање.
Има неколку бич барови, но немаше многу гужва на плажите, што мене ми се допаѓа многу.
Не е она класика, пешкири преку вечер оставени за утрената да фатат место луѓе, туку беше многу растоварено и многу ми беше убаво.
Врасна дефинитивно ја препорачувам за одмор со деца.
