На одмор со Јана Бурческа: „Најдовме скриено место на Халкидики, сопругот готви одлично, не одиме по ресторани“
- Детали
- четврток, 09 јули 2026
„Летово бевме на одмор кој го прогласивме за најдобар. Како да откривме скриено богатство на Халкидики. Најдовме вила во мало местенце со два ресторана и еден супермаркет, а брановите како да ни удираа во тераса. Сакаме сами да подготвуваме храна, Александар е фантастичен готвач“ - вели за CRNOBELO.com Јана Бурческа.

Јана Бурческа летово уживаше на семеен одмор со сопругот и двете деца на првиот крак на Халкидики во Грција.
Како што вели, тие нашле скриено богатство, мало местенце по име Молес Каливес, каде го имале најубавиот одмор досега.

Биле сместени во вила на сама плажа, сами си подготвувале храна, а синот му помагал на татко си во обврските со правење скара.
За CRNOBELO.com Јана раскажува подетално за одморот:
„Летово во јуни бевме на одмор кој во рамките на семејството со консензус го прогласивме за најдобриот одмор досега.
За момент, се запрашав дали сакам да го експонирам местото во јавност оти најискрено го сакаме само за нас. Се чувствувам како да откривме скриено богатство на Халкидики.

Станува збор за едно мало место со име Мола Калива или Молес Каливес, на првиот крак.
Според локалната историја, името потекнува од стара легенда за чувар или монах по име Молас. Молас живеел во мала колиба во тој крај. На грчки, каливa (kaliva) значи колиба.

Со текот на времето, местото станало познато како „колибата на Молас“ (stou Mola tin kaliva), а подоцна називот се скратил во Мола Калива.
И местото е токму такво, мало селце или населба, претежно со мали куќарки, мирно, спокојно и ослободено од брзото темпо на современието.

Местото е многу мирно, постојат само два ресторана и еден супермаркет, но за нас беше доволно.
И онака на одморите преферираме сами да ја подготвуваме храната, или попрецизно кажано – не гледам зошто би јаделе во ресторан кога Александар е фантастичен готвач.

Овој пат дури и Дарин асистираше во „машките“ обврски околу скарата.
