Наша адвокатка по згрозувачката случка: „Дали си ги видовте децата насилници на видеото? Горди сте? Така ги воспитавте?“
- Детали
- четврток, 02 јули 2026
„Да не случајно ти како татко креваш рака на мајката? Ја кубеш за коса и ѝ лепиш шлаканици, туркајќи ја на колена да ти се извини, што можеби супата ти се изладила? Да не случајно ти мајко седиш во бракот поради децата или затоа што ако се разведеш ќе те прават распуштеница, а добиваш шамари и кубење за коса за да се извинуваш на колена за нешто што не си згрешила?“, вели адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска по виралното згрозувачко видео од врсничко насилство во Македонија и го бара коренот на проблемот во родителите.

Катерина Котеска-Стисниовска, која работи како адвокат од 2013 година, а е специјализирана за семејно право и семејно насилство, се огласи на својот Фејсбук по виралното згрозувачко видео од врсничко насилство во Македонија.

Во својата објава на Фејсбук напиша:
„Дали си ги видовте децата насилници на видеото?
Горди сте на нив?
Така ги имате воспитано од дома?
Не?
Епа како станале такви садисти и насилници?

Да не случајно ти како татко креваш рака на мајката? Ја кубеш за коса и ѝ лепиш шлаканици, туркајќи ја на колена да ти се извини, што можеби супата ти се изладила?
Да не случајно мајко ти седиш во бракот поради децата или затоа што ако се разведеш ќе те прават распуштеница, а добиваш шамари и кубење за коса за да се извинуваш на колена за нешто што не си згрешила?
Гледате ли дека во брак со насилство не се останува заради децата бидејќи ќе научат дека тоа е однесување со кое се решаваат проблемите?
Гледате ли дека занемарување на децата и пиењето кафе или пиво со другарите секој ден и гледањето турски серии или Фејсбук и Инстаграм, седење во кладилница со билтен, наместо дома со децата се одразува на нивното воспитување?
Ја гледате ли својата слика?

Пардон, ама моите деца и децата на многу луѓе никогаш не се степале, не решавале конфликт заради озборување со шамари и кубење и понижување на колена!
Овие на видеото се вашите деца и ако имате капацитет да сфатите колку од вас и кои од вас ја утнале има уште надеж за децата.
Гревот да им го берете!
Срам сме како општество!“
С. С. | Црнобело