Катерина К. Стисниовска, адвокат против семејно насилство: „Бранев жртва во случајот ‘Јавна соба’, жени напуштете ги насилниците“
- Детали
- вторник, 03 март 2026
„Секоја жена треба да знае - во брак не се останува поради децата! И кога ќе одите да го пријавите насилникот во полиција барајте да биде заведено како постапка, а не поплака. Плус, задолжително на лекар, а за уцените со експлицитни фотографии? Веќе имаме закон - затвор и до 5 години“, вели инспиративната Катерина К. Стисниовска, адвокат за жртви на семејно насилство.

Катерина Котеска-Стисниовска (48) работи како адвокат од 2013 година, специјализирана за семејно право и семејно насилство.
Магистер е по казнено право и докторанд на Правен факултет-Битола, како и мајка на два сина и сопруга.
Taa се бори за подобрување на законите во тоа и се труди да им објасни на жртвите дека постои прибежиште и дека насилството мора да биде пријавено.
Таа за CRNOBELO.com споделува детали од својата професија, но и совети за жртвите на семејно насилство:
Кој е најтешкиот и најемотивен случај на кој сте работеле досега?
Работам случаи на семејно насилство од самиот почеток на мојата адвокатура и секој за себе има своја специфика, а емотивното, физичкото и психичкото страдање кај секоја жртва е силно и тешко.
Најтешко во тие моменти е кога жртвата не може да се одлучи да замине од насилникот, поради финансиска и материјална немоќ.
Најтешко ми паѓале случаите кога жртвата-жена трпејќи семејно насилство во голем обем ќе го изгуби физичкото и психичкото здравје и нема да може да функционира нормално понатаму, иако се спасила од насилникот.

Колку години имала најмладата жртва, а колку најстарата, што ви се обратила? По колку време жртва најскоро, а по колку време најбавно има пријавено сторител?
Жртвите се со различна возраст.
Па, имало жртва на семејно насилство од најрана возраст, од 10 или 14 години, па до највозрасна жртва која имаше повеќе од 60 години.
Жртвата подеднакво ги чувствува сите проблеми и пати подеднакво без разлика на возраста, но согласно моето искуство повеќе во понезавидна положба се децата, бидејќи тие се оние кои не се во можност да се самостојни и да заминат од токсичната средина, па секогаш кога сум имала случаи со деца жртви на семејно насилство, посебно сум ги доживувала иако сум останувала професионална до крај.

По колку време жртва најскоро, а по колку време најбавно има пријавено сторител?
На секоја жртва ѝ треба повеќе време за да сфати дека е жртва.
Мал е бројот на оние што на првото насилство ќе реагираат и ќе бараат заштита, обично жртвите остануваат во токсичната врска со години од различни причини, па и од тоа дека не се свесни дека се жртви.
Жртвата најдолго до насилникот ја држи стравот!
Една жртва не би била жртва, ако не чувствува страв, па затоа кога жртвата ќе го победи стравот, тогаш и се спасува од насилникот.
На секоја жртва ѝ треба помош, без разлика дали таа е психолошка, материјална или финансиска и тоа сите треба да го знаеме кога би имале жртва во својата непосредна близина на која сакаме и треба да ѝ помогнеме.
Најчести причини за појавата на семејното насилство се и болестите на зависност кои треба да се третираат на самото појавување, а не да се дозволи да прогресираат.

Што треба да направи жртвата кога ќе доживее насилство? Кои институции треба да се контактираат веднаш? Колку трае просечно постапката и дали жртвата мора да се соочи со сторителот во судница?
Кога една жртва ќе доживее насилство, прво треба да го пријави во полиција. Пријавувањето е задолжително.
Треба да се јави на лекар задолжително и да обезбеди медицинска документација како потврда за повредите или преживеаниот страв, па истите да ги достави во полиција.
Во полиција, треба да инсистира да биде пријава, а не поплака, бидејќи само ако е пријава ќе има постапка и насилникот ќе биде казнет.
Доколку е само поплака, тоа нема да доведе до постапка и нема да има казна за насилникот.

Откако ќе пријави семејно насилство, жртвата не сме никако да дозволи да биде смирувана со насилникот, да биде држена во иста просторија или ставана заедно со него на разговор, туку треба да инсистира да биде одделена од насилникот.
Кога жртвата ќе биде повикана од Центарот за социјална работа за давање изјава за поведување на постапка, треба да бара да ѝ се објасни постапката и мерките за заштита, а не само да потпишува како што ќе ѝ се диктира.
Ова од едноставна причина што повеќе од половина случаи на семејно насилство бараат да се изрече мерка за заштита од семејно насилство - Отстранување од домот на насилникот.
Оваа мерка, за жал, не се изрекува, па и не се сугерира на жртвата да ја побара, па многу често насилникот откако ќе пријави жртвата, наместо тој да биде отстранет од домот во рок од 30 дена, колку што е траењето на оваа мерка согласно закон, ситуацијата е обратна.

Треба жртвата со децата да остане во домот и да добие помош, а децата да не бидат посредни жртви со тоа што ќе бидат исфрлени со мајката или ќе се селат од куќа на куќа или ќе бидат принудени да бидат сместени во сигурна куќа.
Оваа мерка е многу ретко изрекувана во пракса согласно Ревизорскиот извештај од 2025 година, па согласно него, на пример во судовите во Битола во текот на 2024 и 2025 година ниту еднаш не била изречена, нешто што е сериозен пропуст, бидејќи не е возможно во период од цела година да не постоел ниту еден случај каде што немало потреба од изрекување на таа мерка.
Токму овој пропуст на институциите има големо влијание врз порастот на семејното насилство и тоа на начин што од една страна ја обесхрабрува жртвата да не пријавува и да не процесира до крај, бидејќи во најголем број случаи нема кај да оди со децата, а од друга страна го охрабрува насилникот дека „никој, ништо не му може“ и во својот дом е неприкосновен господар, па е уште посуров со жртвата.
Најважно е на жртвата да ѝ се пружи помош откако ќе пријави насилство и ќе побара помош, а освен секој од нас во фамилијата или во опкружувањето и институциите треба да бидат на нивото на задачата и да пристапуваат на оваа материја професионално.
Да бидат обучени и мотивирани за работа.

