Катерина К. Стисниовска, адвокат против семејно насилство: „Бранев жртва во случајот ‘Јавна соба’, жени напуштете ги насилниците“
Дали се случуваат обиди на смирување на жртвата со насилникот, од страна на институциите? Дали имате чувство дека судовите сѐ уште ја „судат“ жртвата наместо обвинетиот?
Секој претставник од институција повикана по закон да се справува со семејното насилство треба да знае дека жртвата и насилникот не треба да се смируваат во текот на постапката, иако се брачни партнери, на пример, кои имаат деца и кои можеби и ќе продолжат да живеат заедно.
Тоа е строго забрането согласно највисокиот правен акт по кој се конструирани сите законски решенија со кои се санкционира оваа девијантна општествена појава - Истанбулската Конвенција.

Согласно Инстанбулската конвенција, жртвата треба да се спаси од сторителот, а семејното насилство треба да се казни со самото тоа што е сторено, а не да се меша со кривичната постапка, па да се бара допринос на жртвата.
Треба да се направи дистинкција дека не постои придонес на жртвата, бидејќи доколку жртвата вршела насилство врз насилникот и таа ќе се нашла или се нашла во улога на насилник и против неа треба да има постапка, што во пракса е многу редок случај, а почест случај е да се бара „дупка“, како би можел да се одбрани сторителот и да се амнестира од одговорност.

Што е најфрустрирачкото нешто во борбата против ваков тип насилство?
Најголем револт во мене, како адвокат, се јавува кога институциите застануваат во служба и одбрана на сторителот, а од различни причини.
Најчесто поради синдромот на „мала средина“ во кои сите живееме, па и најголемите градови се мали и сите се познаваат, па е многу лесно да се „фати врска“ за да може да се спаси некој кој се огрешил од законот.
Ова не смее да биде случај бидејќи институциите се должни да постапуваат со должно внимание, а има и забрана за двојна виктимизација на жртвата, односно таа еднаш да биде жртва од сторителот, а еднаш од институциите.
Без разлика на близината, односот или релацијата со насилникот секој претставник на која било институција треба да има предвид дека мора да постапува по закон и за непостапувањето може да одговара.

Дека е повикан, именуван, поставен, вработен, да ја извршува својата должност за која зема плата и не смее да биде во служба на никој, ниту корумпиран, а особено тоа ќе го направи кога ќе има повисок степен на механизми за проверка на работењето и контрола на законитоста во работењето.
Кога овие механизми би работеле независно и стриктно, а секој поединец би бил свесен дека тој или негова /нејзина блиска личност би можела да затропа на истите врати и да добие ист третман без разлика што тие се претставници на институции.
Никој претставник на институција не смее да се става над Законот, а доколку тоа се случи апелирам такви поединци да бидат пријавени и процесирани, казнети и отстранети од работата со оваа метарија.

Што апелирате вие како адвокат од оваа област?
Да се врши едукација во препознавање на ризикот и да се отстрани апатијата од постапувањето на институциите бидејќи резултатите со кои се покажува рапиден пораст на стапката на семејно насилство е голема, и состојбата е алармантна.
Статистичките податоци за 2025 година покажаа дека имаше 6 жртви кои смртно страдаа, па доколку тоа се подели на 12 месеци, е по една жртва на 2 месеци, што за нашата држава е премногу.
Новата 2026 година ја дочекавме со 2 жртви смртно настрадани во јануари и поразителен ревизиски извештај, но и со напредок.
