Позитива на денот! Македонка ги наслика Андреј, Тоше и Панчо: „Тие не се дел од минатото - тие се вечни“
- Детали
- петок, 17 октомври 2025
„Оваа слика е мој начин да ви се поклонам. Не со зборови, туку со молитва во боја. Не ги нацртав за да ги прикажам како спомени, туку затоа што со нив ја најдов најчистата форма на живот: во нивната тишина - вера, во нивните зборови - надеж, во нивните песни - љубов“, пишува во емотивната порака.

Леонтина Станковска е млада девојка со огромен талент за цртање. Таа своите дела на Инстаграм ги споделува со следбениците преку профилот Leontina.Art и постојано добива пофалби за својата работа.
Досега направила слики на многу луѓе, но и познати личности, а последната он нив е посветена на Тоше Проески и Андреј и Панчо од ДНК.
Поттикната од датумот 16 октомври, на кој загина Тоше, а Панчо беше испратен во своето вечно почивалиште, седум месеци по смртта на Андреј, Леонтина го спои нивните ликови во една заедничка слика.
Таа откри и дека 16 октомври е денот кога е родена, па во пораката на Инстаграм напиша и дека Панчо сигурно би ѝ го честитал роденденот со зборовите „Среќен роденден најмила Леонтина“.

Нејзината објава гласи:
„Оваа слика е мој начин да ви се поклонам. Не со зборови, туку со молитва во боја.
Не ги нацртав за да ги прикажам како спомени, туку затоа што со нив ја најдов најчистата форма на живот:
Во нивната тишина - Вера.
Во нивните зборови - Надеж.
Во нивните песни - Љубов.

Тие како симбол на вечноста на звукот, и мој начин да им кажам „благодарам“ за сè што оставија зад себе.
Оставија песни што не стареат.
Оставија пример како се сака вистински, и како се живее со срце - не со слава.
Оставија чест во време кога таа е ретка.
Оставија добрина што се чувствува дури и од далеку.
Оставија храброст да бидеш свој.

Беа луѓе со душа поголема од сцената, со срце што не пееше само - туку даруваше.
Беа чисти, топли и вистинити.
И затоа не се забораваат.
Не затоа што заминаа, туку затоа што оставија дел од себе.
16-ти - ден на раѓање, ден на збогување, ден на сеќавање.
Ден кога небото ги зема уметниците, а мене, токму на овој ден, сум се родила за да чувствувам, да создавам, и да не заборавам.
Затоа, денес, јас се сеќавам, создавам и благодарам - зашто тие не се дел од минатото. Тие се вечни.
Вечна им слава.
(А, Панчо би рекол ‘Среќен роденден најмила Леонтина’.)
Ве сакам!“
А. Ј. | Црнобело
