Ресторан во Велес направи мени со брајово писмо за слепите гости: „Сакаме да се чувствуваат добредојдени“

„Иако сме отворени кратко, веќе имавме гостин кој го користеше менито со брајово писмо. Имаше емотивна реакција со задоволство што конечно може самостојно да го чита менито и да избере јадење без туѓа помош“, велат сопствениците на велешкиот ресторан „Зен“ за CRNOBELO.com.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-01_copy.jpg

Пред само петнаесетина дена (14.09) во Велес беше отворен ресторанот „Зен Гастрономи концепт“.

И ова можеби би била обична гастрономска приказна, ако сопствениците на овој локал, три велешки семејства, не решеа да направат нешто што ретко се гледа кај нас.

Освен „обичното“ мени, изработија и мени со брајово писмо, наменето за слепите лица, за тие самите да може да прочитаат што се нуди во ресторанот, кога ќе им дојдат во посета.

„Ова мени е изработено во соработка со Здружението на слепи лица на Општина Велес, и е најверојатно единственото ресторанско мени со брајово писмо кај нас“, велат сопствениците на „Зен Гастрономи концепт“.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-07_copy.jpg

Во разговор за CRNOBELO.com, тие ни ја раскажаа својата интересна приказна за инклузивност:

„Компанијата која е сопственик на ресторанот е основана оваа година.

Идејата потекнува од три семејства, а нашата цел беше да создадеме простор каде гостите ќе можат да уживаат.

Го избравме името „Зен“ бидејќи претставува начин на размислување и однесување што помага во неутрализирање на негативната енергија и стресот.

Во тој дух, преку смирена атмосфера, релаксирачка музика, внимателно одбраното мени, сакаме нашите гости да почувствуваат внатрешен мир и целосно уживање кога се кај нас - да го доживеат својот зен“.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-02.jpg

Од каде идејата да направите мени со брајово писмо? Дали има некаква (лична) приказна зад оваа иницијатива?

Идејата за мени со брајово писмо се појави уште пред официјалното отворање на ресторанот.

Добивме покана од Здружението на слепи лица на Општина Велес и Здружението на глуви и наглуви - Велес да присуствуваме на нивни активности.

Таму ни беа претставени предизвиците со кои се соочуваат слепите и глуви лица во секојдневниот живот.

Оваа средба ни отвори нова перспектива и нè инспирираше да направиме чекор кон прилагодување на нашиот ресторан за сите лица со попреченост.

Па така, во соработка со Здружението на слепите лица на Општина Велес, додека ресторанот сè уште беше во подготовка, решивме да изработиме мени на брајово писмо.

За наша среќа, Велес има брајова библиотека со технички и човечки ресурси, која издава книги и други материјали на брајово писмо, а тоа ни овозможи да го направиме ова на највисоко ниво.

Според нивните сознанија, ние сме меѓу ретките, ако не и единствени во Македонија, кои нудат целосно прилагодено мени за слепите лица.

Покрај тоа, во соработка со Здружението на глуви и наглуви - Велес, секојдневно имаме достапно лице кое го владее знаковниот јазик.

Тоа овозможува нашите глуви и наглуви гости да се чувствуваат добредојдени и разбрани.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-05.jpg

Иако постоите релативно кратко време, дали веќе имавте гости кои го користеа ова мени? 

Да, иако сме отворени кратко време, веќе имавме гостин кој го користеше менито на брајово писмо. Неговата реакција беше исклучително позитивна и емотивна.

Изрази огромно задоволство што конечно може самостојно да го чита менито и да направи избор на јадење без туѓа помош.

Овој момент за нас беше многу важен, бидејќи го гледавме како директен резултат на нашите заложби за инклузивност.

Неговото искуство само потврди колку е важно да се создадат услови во кои секој гостин, без разлика на своите предизвици, ќе може да се чувствува добредојден и еднаков.

Ова ни дава дополнителна мотивација да продолжиме со ваквите инклузивни практики.

Секако, искрено посакуваме да има што помалку лица кои имаат потреба од брајово писмо, како што велат и нашите пријатели од Здружението на слепи лица.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-08.jpg

Какви се реакциите во јавноста, бидејќи вие преку вашиот Инстаграм профил веднаш објавивте дека имате мени напишано со брајово писмо?

Реакциите, особено на социјалните мрежи, се исклучително позитивни.

Луѓето го поздравуваат нашиот чекор и го гледаат како важен придонес за инклузивноста во општеството.

Многумина изразија поддршка и признание, бидејќи, за жал, малку е направено за да им се олесни секојдневието на слепите лица во јавните простори.

Фактот што ресторанот нуди мени на брајово писмо е посочен како пример кој треба да биде следен од други угостителски и јавни објекти.

Покрај тоа, во ресторанот имаме и прилагоден влез со широка рампа за гости што користат инвалидски колички.

Нашата цел е да поттикнеме поголема свесност и промени во пристапот кон лицата со попреченост, така што овие иницијативи ќе станат вообичаен дел од општествените стандарди.

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-03_copy.jpg

restoran-vo-veles-napravi-meni-so-brajovo-pismo-za-slepite-gosti-sakame-da-se-chuvstvuvaat-dobredojdeni-04.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...
Рената (36) од Гостивар за борбата со ракот: „Доејќи го моето бебе опипав грутче на градата, мислев ... „На само 33 години и 10 месеци, кога моето второ бебе беше уште во пелени, ми бе...
Браво за нашите млади таленти! Стефани од Гостивар, која црта со кафе, вино и низа техники, ќе ја им... „За портретите многу се важни контурите, сенките и целокупната изработка, а, пак...
Бојан од „Сител Бамбини“: „И денес ме препознаваат на улица и тоа ми е навистина драго“  „Децата во тоа време беа искрени, безгрижни, немаа мобилни телефони и не б...
Коки за спомените со Дуле: „Тој беше мангуп ‘бечка школа’, а нашите свирки беа дел од едно поинакво ... „Еднаш Дуле беше во една кафеана, немавме свирка тој ден, и ми ѕв...
Борјан од Скопје за животот во Рим: „Кафето е најубаво во мали барови без туристи, бирократијата ме ... „Кога живееш тука, откриваш дека магијата на градот се крие во малите утрински р...

Најчитани неделава