Браво за нашите млади таленти! Стефани од Гостивар, која црта со кафе, вино и низа техники, ќе ја има првата изложба
- Детали
- понеделник, 22 септември 2025
„За портретите многу се важни контурите, сенките и целокупната изработка, а, пак, цртањето со кафе бара тонирање на нијанси од најтемна до најсветла и да знаеш каде да ги употребиш тоновите“, вели Стефани Стојаноска Наумческа (29) од Гостивар, која вели дека го живее својот сон, затоа што ќе ја има првата изложба.

Стефани Стојаноска Наумческа (29) од Гостивар на 29-ти Септември во 19:00 часот во Центарот за култура Асном во Гостивар ќе ја има својата прва самостојна изложба „Бесконечна Надеж“.
Таа црта со разни техники и вели дека нејзината љубов кон уметноста расте од ден на ден.
За CRNOBELO.com Стефани споделува детали:
„Ова е мојата прва самостојна изложба, воедно и моја голема желба и остварување на сон на еден млад човек.
Вложувањето носи успех, па така и јас вложував труд за да стигнам до тука каде што сум.

Владеам повеќе техники како: кафе, вино, апстракции, графика, портрети, карикатури, Акрил, масло, сув пастел, туш, мандала итн.

Искрено секое дело си има своја тежина и изработка во временски одреден период.

Зошто ја нареков изложбата „Бесконечна Надеж“?
Затоа што без надеж нема ништо – човек се надева сè додека е жив.

Исто така, и делата кои ќе бидат изложени ќе претставуваат: надеж, емоции и љубов.
Ова е резултат на седумгодишна напорна работа и созревање во уметноста.

Често знам да кажам дека човек доколку нешто сака многу и се труди еден ден ќе се исплати тоа.
Талентот не е нешто што се учи, туку се надоградува и расте.

Подготовка на изложба бара временски период и секако по некое дело од неколкугодишниот труд заедно со моменталните и нови слики.
На изложбата ќе има апстрактни дела, коишто изразуваат надеж и живот, заедно со своите колоритни бои.

